Германска страст за нудизам
Наводно, на Германците им е полесно отколку на луѓето од други земји да се покажат голи на плажа или во сауна. Кратка историја на нудистичкото движење, познато како Култура на слободно тело, ФКК.
Слободни тела
Да се биде гол е дел од германската култура, како техно-музиката или јадењето аспарагус. Иако идентификацијата со нудизмот, Културата на слободно тело, полека исчезнува кај младите генерации, на бројни плажи сѐ уште се одбележани ФКК-делови. Натуристите - ентузијасти можат да се препуштат на задоволството и во паркови.
Здраво хоби
Во доцниот 19. век многу Германци верувале дека е здраво капење без облека во езерата. Одењето во природа станало тренд во големите индустриски градови. Но, некои почнале и да пешачат голи или да спортуваат. Оваа фотографија датира од 1933. година и прикажува две жени на Кимзе во Баварија.
Голи тела на филм
Идејата за зацврстување на здравјето преку слободно изложување на телото во природа, е тема и во филмот „Патишта до сила и убавина“. Ова дело од 1926. година е едно од најпопуларните од ерата на немите филмови кое пропагирало телесно движење како танцување и пливање.
ФКК и нацистите
Лени Рифенштал, омилената филмска режисерка на Хитлер, во нејзиниот филм во два дела „Олимпија“, сниман за време на Олимписките игри во Берлин во 1936. година, ја велича атлетската фигура на ариевците. Нацистите првично биле против ФКК, но во 1942. година повторно дозволиле нудистичко пливање, ако тоа се прави дискретно. Бројни поддржувачи на ФКК пак биле левичари.
Парче слобода во ГДР
Во 1957. година авангардистите во Германската Демократска Република стартувале први обиди за нудизам. Во 70-те години ФКК веќе била широко распространета. Додека животот на луѓето во ГДР инаку бил строго контролиран, пливање целосно гол претставувало една од ретките слободи, па луѓето обилно ја користеле. На фотографијата од 1986. година - нудисти се сончаат на Мигелзе во Источен Берлин.
ФКК на Балтичко Море
И на плажите на Балтичко Море нудизмот е присутен до денешен ден. Праксата меѓутоа не се проширила на полската страна на брегот. По влезот на Полска во ЕУ стана лесно одењето од едната во другата држава, но нудизмот предизвикува тензии меѓу населбите на двете страни од германско-полската граница.
Духот на ФКК
Овие нудисти од Лајпциг во 1980. година целосно се соживеале со духот на ФКК: славење на голото тело, ослободено од секакви стеги. Праксата, патем, не е поврзана со секс, суштинската идеја е ослободување од социјалните принуди. Симпатичен придружен ефект: по сончањето ги нема грдите бели линии од костимите за капење.
Исклучок во Минхен
Јавно разголување во баварскиот главен град е табу, но исклучоци се Англиската градина и Флаухер, делница од крајбрежјетото на Исар, омилена цел на нудистите, како што прикажува и оваа фотографија направена во еден летен жежок ден во 2002. година. ФКК-областите се означени со посебни знаци.
Берлин има сопствени правила
И Берлин, делумно поради своето минато во ГДР, има извесна традиција на ФКК. При прошетка низ парк можете да наидете на поголема разголеност отколку што можеби би сакале. Официјално, соблекување во јавност во германската престолнина не е дозволено, но во зелените појаси како Мауерпарк, Фолкспарк Фридрихсхајн (фотографија од 1999. год.) и Тиргартен, голотија се толерира, сѐ додека не пречи никому.
Страст на милиони Германци
Во моментот кога падна Ѕидот во Берлин, идната германска канцеларка Ангела Меркел се наоѓала во сауна, што било нејзин ритуал секој четврток. Во околу 2300 јавни сауни во Германија, годишно има околу 30 милиони посетители. Најголем дел од нив се отворени за припадници од обата пола. Но, внимавајте! Овие сауни се разликуваат од т.н. ФКК-сауни или клубови, кои всушност се бордели.
Голи во дивина
Ова не е за секого, но оној кој сака да се вежба во културата на голотија, во областа Харц може да се приклучи на 18 километри долгата пешачка маршута, од градот Данкероде до вештачкото езеро Випертал. Но, треба да се внимава на копривите!