1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија - избор за иднината на многу млади Бугари

Благородна Георгиев а/ Симе Недевски25 јуни 2013

Околу 8.000 млади Бугари студираат во Германија. Најчесто нивна првична намера е по студиите да се вратат во татковината, но на крајот сепак се одлучуваат иднината да ја градат во Германија.

https://p.dw.com/p/18g2r
Фотографија: picture alliance / dpa

Германија со години привлекува илјадници Бугари кои не гледаат перспектива за иднината во својата татковина. Меѓу нив се и многу матуранти кои доаѓаат да студираат во Германија, како на пример на Универзитетот Бон. Тука Мирослав Георгиев веќе 2 години студира право.

„Кога решив да студирам во Германија, моите родители ми кажаа: ’Напушти ја Бугарија, за тебе тука нема перспектива’. И беа во право, 40 проценти од младите под 25 години се невработени, како што слушнав. Да останев таму сега би се прашувал како да составам крај со крај“, вели студентот по право Мирослав Георгиев.

Германија профитира од младите Бугари

Овој 21-годишник е еден од 8.000 бугарски студенти во Германија. Како и поголемиот број негови бугарски колеги, и тој мора покрај студиите да работи, со што се помирил лесно, бидејќи германската диплома подоцна ќе му отвори нови можности.

Социологот Марина Лиакова веќе со години го истражува иселувањето од таа источноевропска земја. Во последните 9 години се удвоил бројот на Бугари кои живеат во Германија - моментално се повеќе од 100.000. Просечната старост им е 34 години. Мирослав Георгив со своите 20 години е значително помлад од тој просек, но инаку најдобро го репрезентира типичниот доселеник од Бугарија, како што истражила Марина Лиакова. „Посебен тип на луѓе ја напуштаат земјата - млади, добро квалификувани, кои се подготвени на ризици, кои ќе основаат сопствени компании, ќе се образуваат.“

Bulgarische Botschaft
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од младите доселеници, и тоа не само Бугари, профитира Германија, чие општество се‘ повеќе старее, бидејќи тие млади плаќаат придонеси за пензиски и други фондови. Луѓе како Георгиев, од друга страна, недостасуваат во своите татковини, каде особено е потребно нивното знаење. „Мое мислење е дека Бугарите треба да се вратат од странство и да видат каква е состојбата дома, како живеат родителите, и сами да преземат први чекори за подобрување на состојбата. Едноставно затоа што сме живееле во Западна Европа, САД или дури Азија, и сме виделе како може да функционира едно општество, како е се‘ уредено. Зошто тоа не би функционирало така и дома...“, вели Георгиев.

Носталгијата со текот на времето се намалува

Но, тој сака прво да ги заврши студиите. Марина Лиакова истражила дали бугарските студенти воопшто сакаат да се вратат дома.

„Повеќето студенти во прва и втора година на студиите велат дека сакаат да се вратат во Бугарија. Чувствуваат носталгија, бидејќи родителите и пријателите се се' уште во Бугарија. Таа носталгија со време се намалува и на крајот само мал дел бугарски студенти се враќаат во Бугарија.“

Ако ништо не се промени во Бугарија и Мирослав Георгиев веројатно ќе се одлучи за Германија - како и многу други млади Бугари.