1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Франција соочени со историска економска криза

БГ /АФП
8 април 2020

Двете најголеми економии во ЕУ се подготвуваат за болна рецесија откако пандемијата на коронавирусот го спушти производството на најниско ниво во последните децении.

https://p.dw.com/p/3afUq
Immobilienboom beschert Baubranche Rekord-Neugeschäft
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Бруто домашниот производ (БДП) во извозната велесила Германија се очекува да падне за околу 10 проценти во вториот квартал, откако мерките за справување со коронавирусот ја парализираа глобалната економија, оценуваат водечките германски експерти. Намалувањето на БДП во вториот квартал ќе биде двојно поголем од оној за време на финансиската криза во 2008/2009 година и ќе биде најголемиот откако започна анализирањето на тие параметри на почетокот на 1970-те години.
„Пандемијата ќе предизвика сериозна рецесија во Германија“, предвидуваат шесте водечки германски економски институти, откако економијата веќе забележа пад од 1,9 проценти во првиот квартал во однос на минатата година.
Франција веќе се наоѓа во техничка рецесија, соопшти Народната банка, откако официјалните податоци потврдија дека економијата се намалила за 0,1 отсто уште во последниот квартал од 2019. Во првите три месеци од годинава, француската економија паднала за уште 6 проценти.
Рецесијата се дефинира како два последователни квартали на економско намалување. Според Народната банка, ова е најлошиот резултат на земјата од 1945 година.

„По 10-годишен раст годинава ќе забележиме рецесија“, изјави германскиот министер за економија Петер Алтмајер. Тој предупреди дека брзината на економското опоравување ќе зависи од олеснувањето на мерките за ограничување на движењето.

Како и бројни држави во светот, Франција и Германија преземаа драстични мерки за спречување на ширење на вирусот, наметнувајќи изолација, ограничување на движењето, затворање на училишта, продавници и фабрики. 

Оптимизам за 2021? 

За секои две недели во изолација поради вирусот, француската економија се намалува за околу 1,5 проценти, проценува тамошната Народната банка. Само во последните две недели од март, економската активност во земјата се намали за 32 проценти. Гувернерот на Народната банка, Франсоа Вилерој де Галау очекува дека април ќе биде „исто толку лош“ како и март.

Германија очекува економијата годинава да загуби околу 5 проценти, но експертите со доза на оптимизам прогнозираат дека земјата е добро подготвена да ја издржи кризата. Веќе во 2021 година се очекува раст од 5,8 проценти.

Владите во Париз и Берлин веќе изготвија огромни пакети за поддршка на фирмите и работниците. Германија изготви пакет од 1,200 милијарди евра со кој се даваат и државни гаранции за кредити, помош за работниците и директна поддршка на најтешко погодените фирми. Но и покрај мерките, институтите предупредуваат од последици врз пазарот на трудот. Невработеноста годинава може да се искачи на 5,9 проценти, а 2,4 милиони работници веќе се работат со скратено работно време.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи