1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Музика

„Музиката е мојот пасош“

Ана Арсеновска-Зафирова
20 март 2021

По лавината реакции на јавноста за двојното државјанство на годинешниот македонски претставник на Евровизија, зборуваме со баритонот Васил Гарванлиев и неговите ставови за ситуацијата во која се наоѓа.

https://p.dw.com/p/3qtKK
Vasil Garvanliev Teilnehmer Nord-Mazedonien Eurovision Song Contest 2021
Фотографија: Martin Trajanovski

ДВ: Од детето со ореол во нашите сеќавања, до пејач ставен на најстрашен суд од јавноста. По обраќањето до јавноста за Вашето потекло, како реагирате на петицијата која е актуелна на социјалните мрежи? Ве вознемирува?

Васил Гарванлиев: Искрено не! Но, дали ме погодува? Да, човек сум, имам срце, имам душа, уметник сум. Уметниците сме многу, многу поранливи, но сум мирен.

Овие лавиринти по кои сега се движите, се поинакви од оние на сцената. Дали се снаоѓате?

Јас со музика сум со чиста цел, чиста визија и моментално имам огромна одговорност да ја претставам Македонија на Евровизија. Потпишав договор со Македонска радио телевизија, носител на тоа, иако јас сум гласот за сите нас. Да, има многу лавиринти, но изборот по која насока ќе одиме е наш. Мојот е да се фокусирам.

Во основа се случуваат работи кои и не се Ваша ингеренција, Вие сте музичар и музиката е задачата. Но, по обраќањето се создаде впечаток дека сте сам. Кој сѐ работи за Вас и успешниот настап на „Here I stand"?

Таква е перцепцијата зошто фокусот на нашиот народ е кон негативноста, напади, осудувања. Можам да ви кажам дека имам толку голема поддршка, морална и позитивна, и дека се спремам за нешто прекрасно. Токму затоа го снимав тоа видео на мојот канал, зашто сфатив дека луѓето вадат детали надвор од контекст и креираат нешто што е лага. Затоа јас решив, јас, Васил Гарванлиев, ќе застанам и ќе ви дадам факти за тоа што сум јас, кој сум јас и тимот тоа го поддржува и стои целосно позади мене. Главните луѓе на тоа се Јелмаз Дервиши, Ѓорѓи Вацев, Борче Димовски, Давор Јордановски, тоа е тој кор тим на луѓе кои се грижат за мене. Има и многу во позадина кои ме насочуваат од ПР и маркетинг аспект. Шеф на делегација Мери Попова, на прес Александра. Со сценски настап се занимаваат Тине и Мари од Шведска кои се погрижија за Тамара, ги запознав во Тел Авив и им реков: Дента кога ќе ми дојде шансата да одам на Евровизија не одам без вас, и многу ми е мило што тоа се случува, затоа што имаме нешто прекрасно. Тимот продолжува, Давор Јордановски и Борче Кузмановски се продуценти на песната, но тимот е многу поширок од тоа што го гледате. 

Гарванлиев за ДВ: Јас сум еден од најгордите Македонци

Го крстосувавте светот, од Карнеги хол во Њујорк, Белата куќа во Вашингтон... Пеевте придружни вокали на Селин Дион, Нели Фуртадо, Енрике Иглесијас... И, како се претставувате, кој е Васил?

Македонскиот баритон Васил Гарванлиев. Во мојата биографија, во моето портфолио тоа е чисто назначено, кој сум, од каде доаѓам, каде живеам, каде творам и што правам. Ќе се навратам, на сите македонски медиуми, онлајн и телевизии досега во овие три години се имам појавено барем по еднаш каде што кажувам колку сум горд, и кога сите бегаат од нашата земја, јас верувам во нашата македонска музика, македонска традиција и се вратив затоа што знам што можеме и како можеме.

Повеќе:

-Оди и не свртувај се, Василе

-Ненормално е да се биде нормален

А како се чувствувате имајќи го на ум двојното државјанство - бугарско и македонско?

Како човек со огромно срце, искрена душа, полна со приказна и музика. Да, јас сум роден во Македонија и верувале или не, јас сум еден од најгордите Македонци. Но, факт, фамилијата не си ја бираме, роднините не си ги бираме. Мојата баба, мајка на мојот татко, кои не се со нас, е родена во село надвор од Петрич. Не се извинувам за тоа, горд сум и на тоа. Јас сум Македонец. Каде и да настапував, пред и позади сцена, Чикаго, Лондон, Париз, сите ме знаат како Македонецот Васил Гарванлиев. Музиката, тоа е мојот искрен пасош. Јас сум амбасадор на музика, полн со приказна, корени и нема никогаш да се извинам за тоа. 

По реакциите на јавноста, колку станавте свесен дека во Македонија музиката не е ослободена од влијанието на политиката?

Ова е лекција која ја учам, ќе ја научам и памтам цел живот. Жално е што кај нас политиката е вмешана буквално во секоја сфера, а сите ние ги знаеме последиците од сето тоа. Видете каква година поминавме, Ковид. Да, најлесно е да кажеме откажи го тој натпревар, откажи го тој настан, но што ќе постигнеме со тоа? Клучот за мене е човечноста. Што имаме да кажеме. Да може да застанеме и... што, што ќе биде. Не! Време е да застанеме заедно, да тргнеме сѐ настрана. Уметноста, музиката и спортот е тоа што ја води и крева една нација. Свесен сум што доаѓа во мај за мене. Застанете со мене, зошто јас застанувам за вас. Песната не за џабе се вика „Овде стојам“. Поминав многу, многу, овде стојам со отворено срце, ѕидови се урнати и ви се давам вам. Пејам за вас, пејте и вие со мене.

И по сето ова, дали имате ентузијазам за Ротердам?

Многу е интересна мојата патека, ова ќе му дојде како трета мајка. Отидов со Тамара 2019-та, ја подготвував, застанав позади неа, лани бев одбран, голема благодарност, се откажа, душата ми падна и ме инспирираше да ја напишам „Here I stand“. Годинава, пред да се случи ова што се случува, ако бев жарче со Тамара, оган лани, сега сум еден вулкан. Со новиот бран на сѐ што доаѓа кон мене имам уште поголема желба да застанам за сите нас и да покажам кои сме, што сме и што можеме.

Што ве мотивира во моментов?

Стравот, љубовта, љубопитноста, негативноста, но над сѐ мислам дека е вистината.

Погледнете го целото интервју со Васил Гарванлиев: 

Музиката е мојот пасош