1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г20 почнува со многу проблеми

Бернд Ригерт
7 јули 2017

Средбата на Г20 нема да биде едноставна за Ангела Меркел. Во воздухот виси кавгата околу заштитата на климата и трговијата. Придружната средба на Трамп, Путин и компанија, може да биде поважна од главната бина на Г20.

https://p.dw.com/p/2g75E
G20 Gipfel in Hamburg | Logo
Фотографија: picture-alliance/Sputnik/A. Pantcykov

Хамбург е мирен и тивок, барем во најголемиот дел од населбите. „Во центарот е дури многу помирно од вообичаено“, забележува Нико, сопственик на еден од хамбуршките ресторани. Полицијата во голем дел го има пренасочено сообраќајот. Пешаците и велосипедистите можат да се движат помалку или повеќе слободно по коловозите со четири ленти, кои вообичаено се преполни со возила.

Но, сликата од Шанценфиртел, Санкт Паули и Алтона, кои се близо местото на одржување на самитот на Групата 20, е сосема поинаква. Таму не само што не е мирно, туку ситуацијата е делумно и насилна. Полицијата вчеравечер растури демонстрации чиј дел беа и околу 1000 левичарски екстремисти од „Црниот блок“ подготвени на насилство. Според проценки на полицијата, во помали групи низ градот во текот на ноќта имало околу 6000 демонстранти. Во нападите на насилниците се повредени 76 полицајци.

Останатиот дел од демонстрациите, од Анти-Г20-јога до танцувањето против самитот, кои се одржуваа во претходните денови, беа мирни. Сепак, жителите на Хамбург се понекогаш изнервирани, зашто многу од продавниците во центарот се затворени, а голем дел од излозите се заштитени со дрвени и метални плочи. Според една анкета на локален весник во Хамбург, три четвртини од жителите се против одржување на самитот во нивниот град.

Заштитата на климата како коска в грло

Дводневниот самит на 19-те најважни индустриски држави и земји во забрзан подем, како и ЕУ, почнува со дискусија за борбата протиов затоплувањето на климата. Во тој дел од самитот американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин воопшто не учествуваат. Тие за денеска попладне си договорија своја прва официјална средба. Отсуството на Трамп на дискусијата за климата на германското претседателство со самитот на Г20 му покажува јасно дека Американците најрадо сосема би ја изоставиле оваа тема од самитот. Германската канцеларка Меркел во предвечерјето на самитот, а по разговорот со Трамп, изјави дека шерпасите имаат уште две долги ноќи пред себе за да ја исковаат изјавата која традиционално едногласно се донесува од страна на Г20. „Разговорите не се едноставни“, рече Меркел. Шерпасите, значи високите функционери кои всушност работат на текстовите зад кулисите, имаат за решавање многу приговори кои во текстовите стојат во загради. Фундаментални противречности има не само во делот на климатската политика, туку и во делот на светската трговија и миграциската политика. Според дипломатите на самитот, се чини дека е можно САД да застанат наспроти останатите членки на Г20 и да биде напуштен принципот на консензус.

G20 Gipfel in Hamburg | Donald Trump & Angela Merkel
Ангела Меркел и Доналд Трамп имаа билатерална средба во предвечерјето на самитот на Г20Фотографија: Getty Images/AFP/M. Kappeler

Самит во самит

Ангела Меркел, како претсадавач со самитот, се обиде претходно во разговори со речиси сите учесници на Г20 да испита каде лежат црвените линии. Но, овој самит на Г20 во Хамбург, десетти по ред, е засенет од многу светски кризи. „Светот е во немир“, забележа Меркел пред самитот. Најважната тема, од аспект на американските гости, не е дневниот ред на Г20, чиј дел се и финансиската политика, дигитализацијата, инвестициските програми за Африка и поголеми права за жените. Американскиот претседател Донад Трамп сака да се концентрира сосема на средбата со рускиот престедател Владимир Путин и кинескиот претседател Ши Џинпинг. Пред да пристигне во Хамбург Трамп ги критикуваше двајцата. Русија игра „дестабилизирачка улога“, рече тој. Притоа, по говорот на Трамп во Полска, остана нејасно дали тој мисли на ставот на Путин во конфликтот во Украина или руските хакерски напади во американската предизборна кампања во 2016. Трамп е под голем притисок во САД поради истрагата за можни врски на неговиот изборен тим со руски претставници. Од ветениот подобар однос со Русија засега не се препознава многу. Чудење предизвикаа и изјавите на советникот за безбедност Хербет Мекмастер, кој рече дека нема дневен ред на важната официјална средба. „Претседателот ќе зборува за она што му се чини дека е важно“, рече Мекмастер.

Infografik Welche Länder sind Teil der G20 ENG
Земји членки на Г20 (ЕУ е дел од Г20, а членки на групата индивидуално се и Германија, Франција, Италија и Велика Британија)

Со кинескиот претседател Трамп ќе разговара во рамки на средба на азиските членки на Г20 по прашањето на Северна Кореја. Трамп го обвини Ши дека не врши доволно притисок врз севернокорејскиот диктатор.

Саудијците, Турците и Катар

Над самитот на Г20 уште виси и бојкотот против Катар. Под водство на Саудиска Срабија, која по откажувањето на кралот во Хамбург е застапена само на министерско ниво, арапските држави ги бојкотираат воздушните, морските и копнените патишта кон Катар. Турција пак, која на самитот на Г20 е застапена од автократскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, му дава поддршка на Катар. Од Доналд Трамп се очекува јасно да се позиционира по ова прашање. САД од една страна во Катар имаат голема воена база, а од друга страна Трамп наголемо ги фали Саудијците како сојузници. Државите на Г20 веројатно ќе мора да разговараат и за борбата против тероризмот, кој инаку е образложение за бојкотот против Катар. Меѓутоа, што е тероризам, е прашање за кое Саудијците, Турците и европските држави имаат многу различно сфаќање.

Самитот на Г20 ќе биде и натаму проследен со големи демонстрации. За безбедноста на средбата, која наводно чини 300 милиони евра, се грижат 20.000 полицајци.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија