1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во руските гаражи има се освен автомобили

Јури Решето
27 декември 2016

Според некои проценки, дури 40% од работоспособното население во Русија работат како „гаражни работници“. Таму се произведува речиси се.

https://p.dw.com/p/2THDK
Russland Garagenwirtschaft
Фотографија: DW/S. Gudkov

„На здравје!“, ни вели мајсторот, нашиот соговорник кој не сака да го открие своето име, додека ја пие првата вотка рано напладне. Според него, душата и телото треба да се подмачкаат исто како што треба да се подмачка и каменот кој тој го обработува. Од него, мајсторот произведува сувенири. Вистинска рачна изработка. Вредна рачна изработка. И секако, нелегална.

Неговото царство е три метри широко и шест метри долго, стандардни димензии на гаражите кои се граделе во времето на Советскиот сојуз. Но, на овој мајстор гаражата не му е потребна за паркирање, затоа што тој и онака не поседува автомобил. Исто како и соседите од околните гаражи.

Со мајсторот се сретнавме во градот Набережни Челни во руската федерална република Татарстан. Барем половина од работоспособното население во овој град кој брои половина милион жители може да го сретнете во 2.000-те гаражи сместени недалеку од центарот на градот. Тука е формирана „гаражната задруга“ Гренада. Тука владее капитализмот во неговата најосновна форма под мотото: „Она што го правам позади мојата врата, државата не треба да ја интересира“.

Без многу врева и без сметки

Неговиот сосед, Валериј, ни раскажува: „Јас сум пријавен како занаетчија и работам легално“. Валериј има закупено две гаражи и има еден помошник. Теоретски и тој е пријавен и плаќа придонеси, но само на дел од она што го заработува. Валериј е сестран бизнисмен. Во подрумот под гаражата има тапетарска работилница. Таму никој не прашува за сметка и се плаќа само во готовина. А работа има: „Муштериите доаѓаат затоа што сакаат се да е едноставно. Без многу врева. И затоа што никој не може да ги исполни нивните желби како јас, барем не по цената која јас ја барам“.

Russland Garagenwirtschaft
Фотографија: DW/S. Gudkov

Тоа е основната филозофија на „гаражните работници“, исто како и на нивните муштерии. Никој не сака многу врева, особено не ако тоа значи дека ќе мора да се плати повеќе. Тука владее основниот закон на понудата и побарувачката и секој знае каде и што може да се најде. Единствена реклама е она што се слуша и зборува меѓу соседите и познаниците. Валериј е задоволен: „Ништо друго не ми треба. Дури и еден ден кога ќе бидам старец кој едвај ќе може да изработува некакви папучи, ќе се најде некој кој ќе сака да ги купи. Или за нив ќе ми даде шише млеко. За да преживеам“.

Од кројач до стоматолог

Околу триесет милиони жители на Русија, делумно или исклучиво заработуваат преку работење во гаражи. Тука може да се најде секоја професија, не само занаетчии како автомеханичари или кројачи. Има и дизајнери на ентериер, стоматолози, штимери на клавир, има дури и адвокати кои имаат канцеларии во гаражите. Гаражата не мора да биде неудобна, многу од нив имаат и централно греење.

Russland Garagenwirtschaft
Фотографија: DW/S. Gudkov

Сето ова се одвива далеку од очите на државата, а најдалеку од очите на даночните инспектори. „Гаражните работници“ не ни помислуват својата заработка да ја делат со државата: „Зошто би плаќал?“ – не прашува Борис. Тој ни вели дека триесет години работел во големата фабрика за автомобили Камаз, најголемиот работодавец во Набережни Челни и тоа за „ситна плата која единствено може да се нарече симболична“.

„Тогаш ја напуштив таа работа и станав свој шеф. Секако, не службено, бидејќи ми се гади од секое среќавање со службеници. Сите се корумпирани и сакаат само мито. Не сакам да имам ништо со тоа“.

Дури и да сака некој од „гаражните работници“ да стане чесен и да ја пријави својата дејност, дури тогаш ќе мора да се впушти во борба со непрегледната џунгла на руската бирократија. Дури и рускиот претседател, Владимир Путин призна дека законските прописи го загушуваат претприемништвото и им наложи на своите „правни идиоти“ да ги поедностават законските прописи.

„Најпрво луѓето на Путин нека ги платат даноците“

На чело на гаражната задруга „Гренада“ е Екатерина Ермакова, една од ретките жени меѓу „гаражните работници“. Таа го поедноставува феноменот: „Тука секој доаѓа со своите проблеми. Ова е посебен свет со сопствени закони. Дури и ако некој одеднаш сака да стане чесен и да ја пријави дејноста, ќе мора да плаќа поголем закуп за гаражата, повеќе даноци и да помине многу инспекции за усогласеност со прописите, од оние за заштита на животната средина, па се до оние за заштита од пожар – многу тешкотии кои неговиот занает не би ги преживеал. Затоа тука сите се тивки“, ни објаснува шефицата.

Russland Garagenwirtschaft
Фотографија: DW/S. Gudkov

Екатерина не верува дека Путин некогаш ќе сака и ќе може да воведе закони кои би го олесниле претприемништвото, дури и кога е очигледно дека државата на тој начин останува без милијарди рубљи. „Путин прво нека ги присили своите луѓе и службеници да плаќаат даноци. Кога тие ќе плаќаат данок, тогаш и моите работници овде ќе работат легално“.

Се на се, ова е стар руски и социјалистички маѓепсан круг: граѓаните не веруваат во својата држава и ја измамуваат во секоја прилика затоа што се уверени дека и државата им го прави истото.