1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во потрага по независни информации

Сара Мерш19 ноември 2008

Интернет радијата се често единственото место на кое новинарите во арапскиот свет може слободно да си го кажат своето мислење. Во Тунис, интернет радиото - „Радио 6“ постои една година и покрај тоа што е под цензура.

https://p.dw.com/p/Fukn
Просторија за вести - плакат залепен на една од вратите во радиотоФотографија: DW

За да го пронајдете на интернет во Тунис, „Радио 6“, мора да одите по „споредни“ патишта. Официјалната страна на радиото е забранета. Само ако го барате преку таканаречениот „прокси сервер“ ќе успеете да ја избегнете цензурата на страницата и да стасате до целта, односно да го слушате ова радио. Не е едноставно да се стаса ниту до студиото. Низ Тунис ме води новинарот Зиед Ел Хани. Поминуваме низ еден неугледен двор. Во една нереновирана куќа, низ темниот ходник се искачивме на вториот спрат. Застанавме пред една тешка метална врата на којашто нема ѕвоно. Вратата се отвора само ако тропнете според одреден код. Зад неа во еден мал стан е „Радио 6“. Единствената соба е преправена во студио, а ходикот е адаптиран во канцеларија. Има две маси, два компјутера, неколку столчиња и секако звучници, од кои може да се чуе радио програмата. Соработниците на „Радио 6“ прават три до четири часа програма неделно, и тоа на арапски и француски. За сега, повеќе не е можно, бидејќи речиси на сите ова им е споредна работа. Исто така програмата ја финансираат од сопствениот џеб.

Државата тешко издава дозволи за радио фреквенции

Во времето кога во Тунис дојде до промена на власта, и на чело на државата застана претседателот Зине Ел Абидине Бен Али, во цела земја владееше расположение за промени. Тогаш новинарот Салах Ал Форти побара дозвола за радио фреквенција за проектот кој го нарече „Радио 7“ - еден вид алузија за „Тунис 7“, официјалната телевизија во земјата. Тоа беше во 1987 година. Десет години подоцна, и новинарот Зиед Ел Хани исто така побара лиценца за „Радио Картаго - глас на слободата и мирот“. Но, и двајцата уште не ги добиле. „Додека ги чекаме дозволите, Салах и јас во меѓувреме го започнавме интернет радиото „Радио 6“. Радио кое се залага за слобода. Кај нас нема никави табуа,“ го објаснува проектот Зиед. Во меѓувреме, тие основаа и Сојуз на независни радија. Сакаат да бидат контрапункт на државните медиуми, во кои, на пример, опозиционите политичари не можат да дојдат до збор, а доколку има критики кон владата и тие претпазливо се кажуваат. Салах Ал Форти појаснува дека целта со овие иницијативи е да се либерализира издавањето на дозволи за радио фреквенциите, за да може да постои и медиум во кој ќе се брани правото на слобода на говор на мислење.

Präsident von Tunesien Zine El Abidine Ben Ali
Претседателот Зине Ел Абидине Бен АлиФотографија: AP

Амбициозните новинари не се откажуваат

Факт е дека во Тунис, во последниве години има две приватни радио станици - „Мозаик“ и „Цитуна“. Ова последново, започна да емитува програма пред една година, но повеќе се занимава со религијата и верски прашања. „Мозаик“ работи веќе четири години и бидејќи емитува модерна поп-музика и водителите користат „поопуштен“ говор, тоа е омилено, пред се, кај младите во земјата. Но, иако се приватни, за овие две радија тешко може да се каже дека се независни, вели Зиед Ел Хани бидејќи и двете се во сопственост на членови на семејството на претседателот. „Секое ново радио е како нов цвет во нашата медиумска градина. Но, ние сакаме лиценци да не добиваат само оние кои се блиски до власта, туку сите коишто ќе побараат такво нешто.“

Journalist Zied el Heni in der Mitte mit Kollegen Radio Tunis Tunsien
Новинарот Зиед Ел Хани, (во средина) со колегитеФотографија: DW/Sarah Mersch

Се‘ додека не се случи вакво нешто, овие новинари ќе продолжат да емитуваат програма преку интернет. Тие не знаат колку слушатели имаат. Бројачот на страницата покажува 7000 посети, но бројката е веројатно поголема бидејќи не се бројат посетителите што доаѓаат до програмата преку прокси серверот. И покрај пречките, новинарите во Радио 6 не сакаат да се откажат од нивната работа. Напротив! Наскоро ќе го стартуваат проектот „Радио фан фан“, на кое ќе се третираат теми од културата. А ,за следната година, во план им е интернет телевизија на која ќе известуваат за претседателските и парламентарните избори во земјата кои се закажани за ноември 2009 година.