1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО ДПМНЕ: Груевски ќе го тужи Заев за клевета

ЕМФ/макфакс/либертас/нова16 април 2014

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од никого и никогаш нема земено никакви пари. Ниту ја купувал, ниту ја продавал Македонска Банка, се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ на обвинувањата на лидерот на СДСМ Заев.

https://p.dw.com/p/1Bjlj
Никола Груевски преку соопштение на ВМРО ДПМНЕ најавува тужба против ЗаевФотографија: AP

ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на денешната (16.04) прес-конференција на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој го обвини премиерот Груевски дека зел мито од српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ - познат како газда Нини, за продажба на Македонска банка, наведува:

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ќе поднесе тужба за клевета. Досега беа толерирани безброј лаги, навреди и манипулации, но денес Зоран Заев отиде предалеку. Оваа лага е премногу и нема така лесно да помине.“

Од владејачката партија изразуваат чудење како може човек што бил „аболициран за криминал, да лаже и да измислува“: „Зачудени сме како човекот аболициран за криминал од над осум милиони евра и човекот кој делел огромни тендери на својот татко, чичко, братучеди, снаи, тетки се осмелува по секого да фрла со кал, да лаже и да измислува. Заев не може да разбере дека не се сите како него“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата се додава и дека Заев, со прес-конференцијата, само сакал да го прикрие срамот од изборниот пораз во неделата.

„СДСМ беше на власт во периодот за кој тој зборува, во 2003. и 2004. година и ако имало нешто, немало да толерираат, посебно знаејќи го фактот дека многу пати се обидуваа да најдат што било против Никола Груевски. Ако имало макар ситница, Никола Груевски немаше да стане премиер заради тоа што цела влада на СДСМ се обидуваше да најде барем нешто против него. Да потсетиме дека токму во овој период за кој зборува Заев, во 2003. и 2004. година, се случуваа најголемите хајки против сите што не се СДСМ. Тогаш Хари Костов беше министер за внатрешни работи, Црвенковски премиер, а коалициониот партнер на Заев, Љубчо Георгиевски, непосредно по овој период започна да прави расцеп во ВМРО-ДПМНЕ“, се вели, меѓу другото, во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.

Заев го обвини Груевски дека зел мито од 1,5 милиони евра

Лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев денеска на прес-конференција обелодени документи кои, според него, докажуваат дека актуелниот премиер Груевски примил мито од 1,5 милиони евра.

Mazedonien Zoran Zaev Präsident der oppositionellen Partei SDSM
Зоран Заев го повика Груевски лично да одговори на обвинувањатаФотографија: MIA

„Никола Груевски лично ја продал Македонска банка АД Скопје на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини, преку четири офшор и две домашни компании кои официјално поседувале 51 процент од акциите во Македонска банка“, обвини Заев. Според него, официјалната сума на продажбата била преку 50 милиони денари или приближно 900 илјади евра, но Груевски, тврди тој, договорил и добил во кеш дополнителна сума од 1,5 милиони евра за продажбата на банката.

„Во јануари 2004. официјалните средства од преку 50 милиони денари или приближно 900 илјади евра, легнуваат на банкарските сметки на шесте фирми-акционери. Потоа во рок од 4 месеци, најголемиот дел од овие пари се повлечени во кеш, по налог на Никола Груевски. И за ова имаме докази“, изјави Заев.

Претседателот на СДСМ тврди дека на тој начин директно е оштетен буџетот на Република Македонија за сума од над 225.000 евра по основ на неплатен данок на добивка.

„Зошто Македонска банка отиде во ликвидација во 2007 година, време во кое Груевски е премиер на Република Македонија? Дали ова беше обид за прикривање на трагите од овој криминал?“, праша Заев на прес-конференцијата и го повика Груевски лично да одговори на обвинувањата.