1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта бега од детален отчет за трошењето на народните пари

Костадин Делимитов10 септември 2015

Засилената контрола на јавните финансии во Македонија, според експертите, е добро решение, но не и за Владата. Зошто?

https://p.dw.com/p/1GU1m
Фотографија: picture-alliance/dpa/Georgi Licovski

Власта во Македонија сака да троши, но не сака во детали да дава отчет како и на што ги арчи народните пари. Иницијативата на СДСМ, која во собранието предложи закон за јавна контрола на трошењето на државните средства со точно утврдена динамика, власта го одби и тоа експресно. Идејата на социјалдемократите е преку механизмот цивилна контрола на јавните пари да се обезбеди целосна транспарентност во работата на сите институции кои користат државни пари. Од обичен службеник, па до шефот на државата и премиерот:

„Тоа подразбира дека сите министерства, агенции, јавни претпријатија или било кои други институции кои буџетски се финансираат, ќе мораат секои 14 дена да ги објават на својата веб страница сите исплати по сите можни основи кои се оствариле во изминатите 14 дена. Значи, во петок до 16 часот, секоја институција ќе мора да ги наведе правните и физичките лица на кои им е извршена исплатата, основот по кој е извршена таа исплата заклучно со датумот на доспеаноста на обврската и сумата на исплатените средства. Ова подразбира табела на сите потрошени пари од овие институции почнувајќи од оние најголемите врз основа на големите набавки, па заклучно со тоа каде министерот, директорот или раководното лице ручало или вечерало на сметка на државата во наведениот период. Ваквиот систем на транспарентност ќе овозможи јавна односно народна контрола на секој потрошен народен денар најдоцна 7 односно 14 дена откако тоа ќе се реализира. Тоа веднаш ќе го анулира рекетирењето врз компаниите кои сега со провизии си ја купуваат исплатата на своите доспеани фактури. Компаниите повеќе нема да се ’лажат’ дека си должат меѓусебно со оправдание ’чекам да ми плати државата’. Нема да биде потребно никакво истражувачко новинарство за да се утврди кој од функционерите колку пати оди на службен пат, кој лета со вип класа и во каков хотел спие. Овие табели ќе го разголат владеењето на секој функционер од финансиски аспект. Секоја злоупотреба моментално ќе стане достапна за јавноста и ќе биде осудена од нејзе и воедно лесно и брзо ќе добие правна разрешница. Со сигурност веб страниците на сите овие институции ќе бидат најпосетуваните на денот кога ќе излегува најновата објава“, вели Кире Наумов претседател на Комисијата за финансии на СДСМ.

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

„Власта сака да крие на што одат исплатите од државната каса“

Дел од експертите не се изненадени од образложението на власта дека станува збор за законско решение кое е технички неизводливо но и непознато во меѓународни рамки. Власта се правда дека досегашниот механизам е целосно транспарентен, но ако сака тоа навистина да биде така тогаш принципот е многу лесен, коментира за Дојче веле Петар Гошев, поранешен гувернер и министер за финансии:

„Во Македонија никогаш не се работело понетранспарентно како во последниве години. Тоа е факт, но власта очигледно не сака да биде поинаку. А механизми за такво нешто има, може детали да се објавуваат постојано на пример на некоја интернет страница но очигледно и клучно е дека власта сака да крие на што точно одат сите исплати од државната каса. Сака да крие за што се трошат државните пари. На ваквиот начин може да се крие и вистинската висина на јавниот долг, но во овој случај е клучно да се обелодени пред јавноста за што точно и каде одат народните пари. Мислам дека тоа им е побитно и затоа бегаат од тоа. Буџетот е многу нејасен, имаат општи ставки за трошења, дури и капитални трошоци, но што се капитални трошоци, има такви кои не се продуктивни. Затоа е потребно многу поголемо расчленување на буџетот. Или на пример во него има ставка која се вика други трошоци. Ако ја погледнете сумата која стои зад неа очигледно е дека таа е многу повисока од другите претходни напишани. Дефинитивно, јавните финансии не биле никогаш понетранспарентни“, предупредува Гошев.

„Класично узурпирање на јавните финансии“

Алибито на власта според Наумов дополнително не држи ако се земат во предвид и постојаните забелешки во разните извештаи за состојбите на овој план во Македонија:

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

„Историски гледано сите недемократски режими почивале на нетранспарентост на јавните финансии кои биле основа за богатење на владејачката олигархија сконцентрирана околу диктаторот. Ние на сцена во овие скоро десет години имаме класичено узурпирање на јавните финансии од страна на премиерот и неговиот кум како министер за финансии. Сите непартиски и невлаадини институции кои правеле било какви истражувања во оваа сфера покажале дека Македонија е убедливо најнетранспарентната држава во Европа во однос на трошењето на народните пари. Тоа е редовна забелешка во сите извештаи на Европската комисија и меѓународните финансиски институции. Доказ за тоа е фактот дека Македонија е единствената држава во Европа која до пред неколку месеци не го објавуваше јавниот долг, а до ден денес никој не го знае бројот на вработени во администрацијата. Недоветните објаснувања дека законот е физички неприменлив само покажува колкав е стравот на владејачката структура од ваквата отчетност. СДСМ ќе покаже дека во рок од 14 дена откако ќе дојде на власт секој даночен обврзник ќе има увид до последен денар каде се потрошиле неговите пари. Паралелно со тоа СДСМ ќе предложи, а потоа кога ќе дојде на власт, ќе спроведе закон со кој ќе се објави систематизацијата, имињата на вработените и платата на секој вработен кој има примања од буџетот или јавните претпријатија. Тоталната транспарентност на трошењето на јавните пари заедно со изградбата на социјално праведно општество и враќањето на средната класа е основата на програмата на СДСМ и коалиционите партнери“, вели Наумов.

Колкаво е значењето или неопходноста од засилена јавна контрола на трошењето на државните пари според упатените е бесмислено да се дебатира. Не само поради трите милијарди евра годишен буџет кој е на располагање на Владата, туку и коруптивноста која важи за рак рана на македонското општество. Ако се земат во предвид и опозициските бомби во кои јавноста се изнаслуша еден куп скандали поврзани со корупција, тогаш секој поинаков коментар станува беспредметен.