1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вклучен алармот: Крај за расипништвото на функционерите!

5 јуни 2019

Иницијативата на граѓанската организација „Цивил“ добива огромен број приврзаници: граѓаните бараат крај за сите привилеги на бивши и актуелни функционери од сите власти.

https://p.dw.com/p/3JrBw
Symbolbild Geldverschwendung
Фотографија: Nikolai Sorokin - Fotolia.com

Иницијативата што беше најавена во мај, веќе добива огромна армија приврзаници. Невладината организација „Цивил“ на 14-ти мај побара од законодавната и извршната власт укинување на привилегиите на сите функционери - избрани и именувани, поранешни и сегашни, на локално и на државно ниво, а за тоа на 17-ти мај и официјално достави писмо до парламентот.

„Оттогаш до денес, буквално сме затрупани од граѓански предлози како да се стави крај на расипништвото со привилегиите од буџетски средства“, вели претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала.

„Уште во првите три дена добивме стотици реакции, а до денес континуирано стигнуваат нови и нови предлози. Една група анонимни граѓани дури ни достави и подготвен законски текст за тоа како треба да се регулира оваа сфера, но и други начини на трошење на администрацијата“, објаснува Дерала.

По големиот интерес на граѓаните за ова прашање, „Цивил“ денес во 17 часот во клубот „Менада“ во Старата скопска чаршија ќе организира трибина „Крај за расипништвото“. Велат дека нема да има посебни говорници, посебни покани и протокол - поканети се сите заинтересирани граѓани, медиуми, политичари и функционери, бидејќи „Цивил“ ги третира еднакво сите и сите присутни ќе имаат можност да говорат.

По дебатата, сите предлози што ќе се искристализираат како финални, ќе бидат официјално доставени до парламенотот.

„Во парламентот биле изгласани сите тие неразумни привилегии, таму и ќе мора да бидат изгласани нивните промени“, дециден е Дерала.

Вели дека на оваа тема разговарале и со Државната комисија за спречување криминал и корупција (ДКСК), од каде добиле поддршка и охрабрување, но и дека „не останало само на тоа“.

Dzabir Derala
Дерала: Буквално сме затрупани од граѓански предлози како да се стави крај на расипништвотоФотографија: Kostadin Delimitov

Сите на ревизија

Уште во првичната објава на иницијативата на „Цивил“ беше наведен широк круг на функционери кои ќе мора да се откажат од привилегиите - почнувајќи од поранешните претседатели, завршувајќи со раководителите на државните агенции и други институции.

„Сите повластици мора да се укинат, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за една сиромашна земја која се декларира како социјална држава, според Уставот. Бесмислено е да се трошат огромни суми пари за доживотни повластици на поранешните претседатели на државата, без оглед на тоа дали тие биле на висината на својата функција или биле криминалци. Едноставно, нема ниедна логична причина тие доживотно да живеат во раскош на сметка на сиромашните граѓани на Република Северна Македонија“, соопшти организацијата.

Од „Цивил“ порачаа и дека функционерите во законодавната, извршната власт и локалната власт мора да се откажат од луксузните автомобили, од патните трошоци, од репрезентативните издатоци, од прескапите патувања за кои имаат слаби изговори, од луксузниот мебел, од набавки на уметнички дела за нивниот работен простор и сите останати удобства.

„Сѐ што е досега набавено, мора да се продаде, а средствата да бидат наменети за подобрување на образованието, здравството и безбедноста. Наместо локалните шерифи да се возат во автомобили од над 50.000 евра, треба да се набават противпожарни и амбулантни возила или автобуси за учениците. Наместо да се прејадуваат по ресторани, функционерите мораат да работат на борбата против корупцијата и сиромаштијата во земјата“, порачаа од „Цивил“.

Велат дека покрај огромната поддршка од граѓните, поддршка на иницијативата веќе добиле и од неколку функционери. Се надеваат дека иницијативата ќе доведе до крај на преголемите трошоци за апанажи, доживотни пензии и други издатоци за функционерите.

Повеќе:„Пратениците да мислат на државата, а не на џебот!“

Привилегија е да им се служи на интересите на граѓаните

И покрај тоа што трибината почнува во 17 часот, од организацијата најавуваат дека граѓаните кои ќе немаат можност да присуствуваат на дебатата, нивните предлози за ова прашање може да ги доставуваат почнувајќи од 12 часот натаму во клубот Менада“, каде ќе бидат присутни претставници на организацијата. Трибината ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук-страницата и на Јутјуб каналот на „Цивил“.

Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Во парламентот биле изгласани сите тие неразумни привилегии, таму и ќе мора да бидат изгласани нивните промени, дециден е ДералаФотографија: Regierung Mazedonien

„Привилегии, во какви што уживаат функционерите во Република Северна Македонија, ретко каде може да се најдат низ светот, а секако не во развиените демократски држави. Привилегиите што самите функционери ги гласале низ годините, од осамостојувањето на земјата до денес, не се ништо друго освен злоупотреба и расипништво. Поаѓајќи од регионалните и светските искуства, од фактот дека Северна Македонија е сиромашна земја, и од основните принципи на доброто владеење, 'Цивил' бара да се укинат, односно да се сведат на разумно ниво привилегиите во кои уживаат функционерите. Според 'Цивил', најголемата и самата по себе доволна, е привилегијата да им се служи на интересите на граѓаните и да се работи на развој на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи. Не постои и не смее да постои поголема привилегија од тоа!“, порачуваат од невладината организација.