Како залудно да ги потрошите парите на даночните обврзници
Светкави прасиња, позлатени куќи и панорамска платформа која не гледа никаде, се само дел од проектите кои се критикувани од германската федерација на даночни обврзници. Групата деновиве ја претстави новата „црна книга“
Летот на светкавата свиња
Германските даночни обврзници платиле 100 илјади евра за скулптура на лебдечка свиња "Glitzerschwein" во градот Хале во јужна Германија. Скулптурата тешка 500 килограми е подигната од градските власти како симбол на историјата на Хале — стадо свињи наводно ги откриле првите резерви на сол во градот. Кристалите ги симболизираат зрната сол.
Многу пари- мал поглед
Градчето Бракел во близина на Падерборн првично одлучи да изгради платформа за рибарење на локалното поточе. Потоа, градските власти одлучија да изградат и платформа за посетители вредна 6.200 евра, која треба да ги донесе чекор поблиску до природата.
Соларни катни за отпадоци
Градот Потсдам воведе нови, швајцарски соларни канти за отпадоци за вртоглава цена од 10.500 евра за парче. Кантата има вградена преса која го зголемува нејзиниот капацитет, и електронски индикатор за тоа колку е полна. Но, цената сепак боде очи доколку се има предвид дека „регуларната“ канта чини 300 евра за парче.
Очи болат
Уметничка инсталација или фрлање пари? Локален уметник буквално позлати една стара куќа во сиромашен кварт на Хамбург, прекривајќи површина од 300 метри квадратни со златни ливчиња. Локалните власти донираа повеќе од 85 илјади евра за проектот.
Гаража за духови
Јавната гаража во центарот на Винсен, во близина на Хамбург е отворена со месеци. Сепак, 534 паркинг места во гаражата се речиси секогаш и целосно неискористени. Градот плати речиси 11 милиони евра за гаражата, а како ќе го покрие трошокот останува да видиме во следните години.
Исушената липа
Оваа 400 години стара липа во Оберурсел во близина на Франкфурт полека умира. Локалните власти одлучија да се простат од неа искористувајќи ја како дел од уметнички проект наречен „Минување на времето“. Околу славното дрво се поставува метална рамка без стакло. Цената е 77 илјади евра, плус загубената шанса да се искористи дрвото за греење.
Повеќе пратеници, повеќе проблеми
Благодарение на германскиот изборен систем и резултатите од минатомесечните парламентарни избори, новиот парламент ќе има повеќе од 700 пратеници, или над 100 повеќе од вообичаено. Зголемувањето на бројот на пратениците ќе ги чини граѓаните 75 милиони евра од буџетот само за 2018 година, велат од Федерацијата на даночните обврзници.