1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Бесните камионџии на Ла Манш

Ролф Петер Бројх
23 декември 2020

Илјадници камиони и возачи се заглавени во британските пристаништа поради блокадата предизвикана од новиот сој на коронавирусот што се појави во земјата. Гневот денеска се излеа врз полицијата.

https://p.dw.com/p/3nAEp
Dover LKW-Stau |  Rollfeld Flughafen Manston
Фотографија: William EDWARDS/AFP

Во пристаништето Довер дошло до туркање помеѓу полицијата и разгневените камионџии. Тие со денови се заглавени во пристаништето поради француската блокада на границата. Голем број возачи утринава протестираа со гласно свирење од своите возила и тргнаа во улиците околу пристаништето за да ја изразат својата лутина.

England Dover | Coronavirus | LKW Verkehr nach Frankreich
Полицајците се први на удар на гневот на камионџиитеФотографија: Dan Kitwood/Getty Images

Во меѓувреме, камионите смеат преку каналот Ла Манш да преминат од Велика Британија во Франција. Предуслов, меѓутоа, е возачите да имаат негативен корона-тест. Британскиот министер за сообраќај, Грант Шапс, изјави дека има доволно брзи тестови кои даваат резултат за 30 минути и такви се испратени во регионот. Во Довер пристигнаа и соработници на британската здравствена служба НХС. Тие, заедно со припадници на армијата, ќе ги тестираат камионџиите. Но, со оглед на тоа што има огромен број камиони, не може да се смета со брзо расчистување на гужвите.

Повеќе:

Божиќни корона-заложници: Илјадници камионџии заглавени на патиштата

Вакцината на Бионтек ефикасна и против мутираниот коронавирус

Европа се изолира од Велика Британија поради новата варијанта на коронавирусот

Возачите го ставаат на коцка своето здравје

Поради тоа, многу возачи од континентална Европа нема да можат да го прослават Божик со семејството дома. Освен тоа, тие се жалат на лошо снабдување со храна и пијалоци и недоволно санитарни јазли. Според проценките на британскиот Сојуз на шпедитери (РХА), во меѓувреме на излез од Британија во насока на Франција чекаат 8000 до 10.000 камиони. Повеќе од 2000 камиони паркираат на аеродромот Менстон, кој не е во функција, а стотици чекаат на автопат. Шефот на РХА, Ричар Барнет, укажа и на лошата ситуација во која се наоѓаат возачите, кои се изложени на здравствени ризици. Освен тоа, има неразјаснети логистички прашања, како - каде ќе бидат сместени возачите кои ќе имаат позитивен резултат на корона-тестот и како и кој ќе ги дезинфицира нивните возила.

Dover LKW-Stau | Fahrer macht Rast
Многу возачи од континентална Европа нема да можат да го прослават Божик со семејството домаФотографија: JUSTIN TALLIS/AFP

Поради новооткриената мутација на коронавирусот во Велика Британија, многу земји во Европа ги затворија своите граници за британските туристи и за товарен сообраќај од Велика Британија. Мутацијата на вирусот важи за многу позаразна од досегашните варијанти на короната.