1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата со бензин од понеделник ќе ја ублажува армија

Мартин Кох
2 октомври 2021

Од почетокот на наредната недела во кризата со снабдувањето со бензин во Велика Британија се вклучува армијата. Но, тоа делува како капка на жежок камен.

https://p.dw.com/p/41API
England - Benzinknappheit
Фотографија: DANIEL LEAL-OLIVAS/AFP

Војниците од понеделник би требало да се погрижат за тоа бензинските пумпи повторно да добијат гориво. Но, планот изгледа како капка на жежок камен - се планира ангажман на 200 војници, од кои 100 како возачи. Тие овој викенд ќе имаат обука, а од задутре (4.10) ќе почнат со транспорт на гориво, соопшти британската влада.

Велика Британија во моментов се соочува со огромен проблем со бензин (на фотографијата - огромна редица пред бензинска пумпа во источниот дел на Лондон). Притоа, проблемот не се должи на недостиг на гориво, туку на недоволно возачи за транспорт на горивото до бензинските пумпи. Во земјата недостигаат десетици илјади возачи.

Егзодус на возачите...

По Брегзит и поради пандемијата на коронавирусот, бројот на работници од европските држави во британската логистичка бранша многу се намали. Притоа, најмногу проблеми има во професиите кои се избегнувани од страна на британските работници поради малите плати и незгодните работни времиња.

Во Обединетото Кралство, според проценките, недостигаат околу 100.000 возачи на камиони. Поради Брегзит, многу камионџии од другите европски држави ја напуштија Велика Британија. Освен тоа, поради корона-рестрикциите обуката на нови возачи не оди како што треба.

Минатата недела владата во Лондон понуди временски ограничени визи за 5000 возачи на камиони и 5500 работници во индустријата за пилешко месо, но многумина не сакаат да се нафатат да работат под понудените услови.

... и складирање резерви

Владата за кризата со бензин ги обвинува пред сѐ возачите кои складираат гориво. Според зборовите на министерот за економија Кваси Квартенг, состојбата на бензинските пумпи постепено се подобрува. „Важно е да се нагласи дека на национално ниво нема недостиг и дека луѓето треба сосема нормално да купуваат гориво“, изјави тој.