1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Босанско-херцеговскиот ислам“ како пример за Европа?

24 ноември 2011

По терористичките напади на 11.09.2001 во Европа започна трескавична потрага за европскиот ислам, кој би бил компатибилен со западната традиција на секуларизам и демократија. Дали исламот во БиХ е тој модел?

https://p.dw.com/p/13EnE
Босанско-херцеговачкиот ислам станува интеесен за Европа, поради неговата институционализацијаФотографија: DW

Политичката и социјална миграција по Втората светска војна доведе до значителен пораст на бројот на муслимани во Европа, без оглед дали се работи за гастарбајтери од Турција, политички бегалци од Иран или Пакистан или, пак, за доселеници од поранешните колонии, како Алжир. Се проценува дека само во Германија живеат повеќе од четири милиони муслимани, со што исламот по католицизмот и протестантизмот е трета религија по распространетост во оваа земја.

Терористичките напади од 11 септември 2001-ва година преку ноќ во Европа доведоа до тоа јавноста да стане свесна за присуството на исламот на стариот континент и за релативно големиот број на муслимани кои живеат тука. Тие луѓе се доживувани како страно тело во европската христијанска и демократска традиција. Од тоа чувство се изроди расправа за споивоста на исламот и демократијата и се тргна во потрага по некој „европски ислам“.

На запад под ислам пред се’ се подразбира обликот кој се разви во некои арапски земји, каде исламот е државна религија, а законодавството е шеријатско. Тоа за европската демократска традиција, која религиозноста ја смета за приватен избор и го нагласува начелото за раздвоеност на државата и црквата, е не само неприродно сфаќање, туку и пракса која се доживува како закана. Босанско-херцеговачкото искуство покажува дека постојат и други облици на ислам.

Dr. Armina Omerika
д-р Армина ОмерикаФотографија: DW

Институционализација на исламот во БиХ

Друг интересен феномен за Европа е и институционализацијата на исламот во последните 130 години во Босна и Херцеговина, напоменува Армина Омерика, која учествуваше на меѓународната конференција на исламолози и социолози на религии, што се одржа на 18-ти и 19-ти ноември во Штутгарт.

„Таа институционализација својот облик го најде во Исламската заедница, како организација која е суштински демократска, која функционира според принципот на избор, но која и покрај тоа има една одредена хиерархија и има веродостојници кои се сметаат за официјални претставници на исламот“, вели Армина Омерика, исламолог од Универзитетот во Бохум.

Тоа подеднакво одговара на европското искуство со организацијата на христијанските цркви, католички или протестантски, како и на желбата на државните претставници да добијат компетентни соговорници, кои ја претставуваат заедницата на муслимани во некоја земја.

Разноликост во исламските традиции

Dr. Kerem Öktem
д-р Керем ОктемФотографија: DW

Основното прашање е дали некаков „европски ислам“ воопшто е можен и потребен? Керем Октем, доцент на Центарот за европски студии на универзитетот во Оксфорд, смета дека е погрешно и самото поставување на тоа прашање.

„Главниот проблем е во основата на претпоставката дека исламот во Европа е нешто странско, за нешто што доаѓа надвор од Европа и што сега треба да се вдоми, европеизира или национализира“, нагласува Октем.

Овој научник со турско потекло и германско државјанство, кој работи во Велика Британија, смета дека тоа е погрешно, бидејќи исламот е во Европа со векови. Веќе долго време постои традиција на заеднички соживот, не само во БиХ, туку и во Турција, Албанија, Македонија, Бугарија и други земји.

„Проблемот е во тоа што исламот во Европа се јавува во својата разновидност. Тука не се работи за една исламска заедница во Европа, туку за десетици различни национални, лингвистички или културни групи. Тука не може да се пронајде еден единствен модел за сите тие групи. Разноврсноста е голема“, нагласува Керим Октем.

Позитивен импулс

Dr. Samuel M. Behloul
д-р Самуел БелулФотографија: DW

Поради тоа не е реално да се очекува една исламска традиција, да речеме босанско-херцеговачката, да може да се земе како единствена за Европа, смета Самуел Белул, доцент на Теолошкиот факултет во швајцарскиот град Луцерн.

„Ние од држава до држава ќе имаме различни модели. Јас не можам да замислам дека за 50 години би можеле да имаме некаков ЕУ – ислам. Ние можеме да зборуваме за различни облици на ислам на просторот на Западна Европа“, вели Белул.

Dr. Sacir Filandra
д-р Шаќир ФиландраФотографија: DW

Сепак, тоа не значи дека се сосема депласирани размислувањата за европскиот ислам и за исламската традиција во БиХ како можен пример, додава професорот од Универзитетот во Сараево, Шаќир Филандра. Еден од најголемите заговорници на тој „европски ислам“ е сегашниот Рејс ул Улема Мустафа ефенди Цериќ, кој не пропушта прилика во странство да укаже на тоа дека исламот и муслиманите и тоа како можат да живеат и да се ангажираат во секуларна држава и во демократско општество. Тој ангажман на Цериќ во основа е позитивен, смета Филандра.

Автор: Зоран Арбутина / Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски