1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вовед во економска изолација

Борис Георгиевски15 јули 2016

Одложувањето на издавањето на еврообрзницата е последен сигнал дека Македонија е во економска изолација. Власта се мачи да ги оправда своите политики, откако претходно и ММФ и ЕУ испратија јасни пораки.

https://p.dw.com/p/1JPJt
Фотографија: picture alliance/dpa

Веста за одложувањето на издавањето на еврообврзницата одекна како бомба во македонската јавност. Агенцијата Ројтерс пренесе дека одлуката е донесена по писмо упатено од опозициската СДСМ во кое се доведува во прашање легалноста на постапката. Владините економските министри синоќа побрзаа на домашните телевизии да го осудат потегот, но и да ја уверат јавноста дека еврообврзницата сепак ќе биде издадена.

Премиерот Емил Димитриев потврди дека парите од еврообврзницата биле фактички наменети за одржување на социјалниот мир во земјата и задржување на ликвидноста.

„...Тоа е апсолутно во прилог да имаме економска ликвидност, навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери“, рече Димитриев, додавајќи дека сумата гарантира „подолгорочна макро-финансиска стабилност на државата“.

Mazedonien Emil Dimitriev Interims-Premierminister
Премиерот Емил Димитриев вели дека парите биле наменети за одржување на економската ликвидност.Фотографија: MIA

Загубена доверба

Во неполна недела, од почетокот на месецов, најпрво Меѓународниот монетарен фонд најави дека го повлекува својот претставник од Македонија, а потоа и Брисел соопшти дека ја загубил довербата во владата и натаму да управува со парите од ИПА фондовите.

Вицепремиерот Владимир Пешевски, пак, синоќа преку една македонска телевизија ја уверуваше јавноста дека „интересот кај инвеститорите е потврда дека веруваат во економските политики на владата и во перформансите на македонската економија“.

Како контрапункт на изјавата на Пешевски, за вербата во економските политики на владата, говори ставот на портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич кога го образложуваше кратењето на парите од ИПА програмата на 2 јули годинава. Во неа се говори се неподготвеност и незрелост во Скопје.

„Последните неколку години, а посебно минатата година, ЕК во неколку наврати ја објасни својата загриженост до надлежните органи во врска со недостатокот на подготвеност и недостаток на зрелост во планирање во клучните сектори, како и недостатокот на политичка посветеност за реализација на потребните секторски реформи и погенерално на општите реформски обврски“, рече Коцијанчич.

Symbolbild Staatsschulden Staatsverschuldung Schulden Geldhaufen Euro
Издавањето на еврообврзницата би значело нов долг кој би бил околу 15% од износот на вкупниот јавен долг и 22% од надворешниот јавен долг.Фотографија: Fotolia

Економска изолација

Министерот за финансии Кирил Миновски и вицепремиерот Пешевски тврдат дека процесот за издавање на еврообврзницата ќе продолжи.

„Овој процес со еврообврзницата продолжува и понатаму, ќе видиме какво ќе биде однесувањето на инвеститорите по објавувањето на оваа чувствителна информација“, вели Миновски.

Дали тоа навистина ќе се случи- останува да видиме, но она што е забележливо е дека полека но сигурно, владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги губи сите адути пред меѓународната заедница, а со тоа и парите за финансирање на својата политика.

Одлуките на ММФ и ЕУ, како и скандалот со еврообврзницата се само потврда на она што академик Абдулменаф Беџети го најави деновиве во интервју за Дојче Веле.

„Мислам дека овие одлуки не се врвот на економската изолација. Се зависи до каде е подготвена владејачката структура да оди со тоталитарното владеење. Ова досега ќе има своја цена“, рече Беџети.

Со одложувањето на еврообврзницата, макар и привремено, меѓународната заедница до Скопје испрати јасна порака и веројатно ѝ го зададе и најсилниот удар на власта.

Она на што предупредуваат бројни економски аналитичари е опасноста, цехот од санкционирањето на власта, на крајот да го платат граѓаните.