1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Белград никогаш нема да го признае Косово“

27 јули 2010

Српскиот парламент ја усвои изменетата предлог одлука на српската влада за политиката кон Косово, по мислењето на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Предлогот доби поддршка од 192 од вкупно 220 присутни пратеници.

https://p.dw.com/p/OVMq
Српскиот парламентФотографија: AP

Предлог одлуката не е усвоена во изворен облик, поради тоа што владата ги прифати првите три амандмани на Српската напредна партија, со кои, меѓу другото, е избришан првиот член, во кој се наведуваше дека Меѓународниот суд на правдата не одговорил на суштинското прашање за легалноста на правото на сецесија на косовските Албанци и го легализирал етнички мотивираниот обид за отцепување на Косово. Српскиот претседател Борис Тадиќ изјави дека одлуката на Меѓународниот суд е „тежок удар“, но дека Србија не смее да се судира со големите сили зашто таквата конфронтација би ја лишила од можноста да се бори за зачувување на Косово и своите национални интереси. „Србија, каква и да е и кој и да ја води, мора да има најдобри односи со големите сили. Секоја друга политика ја води Србија директно во пропаст“, рече Тадиќ во српскиот парламент. Според Тадиќ, мислењето на Меѓународниот суд на правдата произведува опасни консеквенци и овозможува секој акт на сецесија на која било неформална група да биде сфатен како акт кој не е во спротивност со меѓународното право.

Boris Tadic
Претседателот Борис ТадиќФотографија: DPA

Споделување на одговорноста

По вчерашната поддршка за политиката на владата околу Косово, аналитичарите во Србија оценуваат дека на тој начин владеачката коалиција се обидува преку парламентот да покаже дека се‘ уште ја има контролата врз решавањето на косовскиот јазол. Невен Цветичанин од Институтот за општествени науки оценува дека со преносот на прашањето во парламентот се прават обиди за поделба на одговорноста со опозицијата за некаква можеби идна државна политика: „Со оглед на тоа што опозицијата меѓу себе не се согласува, и со оглед на тоа што некои би сакале уште понационално интонирана политика, а некои многу пофлексибилна политика, тоа на владеачкото мнозинство му овозможува маневарски простор да остане токму на некој вид среден пат и баланс меѓу сите тие опции.“

Serbien Parlament in Belgrad
Парламентот во БелградФотографија: RIA Novosti

Според Цветичанин, политичките партии се свесни колку е компликувано водењето на политиката околу Косово и дека денес или утре и тие би можеле да се најдат во незавидна ситуација: „Би било неумесно после една ваква одлука, која ја тангира целата држава и поради која сите можат да трпат лоши последици, без оглед на партиската припадност, да се пристапува со некој вид политичко мршојадење и опозицијата и која било друга партија да мисли само на себе и тоа да се искористи за некои теснопартиски интересни.“

Автор: Е. Милошевска Фиданоска/ И. Петровиќ/ бета

Редактор: Александра Трајковска