1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бензиската пумпа на закочените

Немања Рујевиќ/ сн5 февруари 2016

Повеќе од 60 илјади бегалци пристигнаа во Европа само годинава. Но државите по должина на „балканската рута“ се повпечатливо го кочат бегалскиот бран. Така една бензиска пумпа во Грција стана нов топоним за кризата.

https://p.dw.com/p/1HqBJ
Фотографија: DW/N. Rujević

Рехам Амаири би можела долго да набројува од што сѐ побегнала во последно време: од џихадистите на Исламска држава, бунтовниците од разни бои, режимот на Асад...Сите тие се исти и ги уништуваат животите на нормалните луѓе, уверена е оваа 23-годишна Палестинка. Рехам штотуку го живее својот втор бегалски живот- првиот го мина во палестинскиот камп Јармук на јужнот раб на Дамаск, каде Палестинците живеат уште од 1948 година. Во вториот бегалски живот имаше работа со немирното Егејско море кое заканувачки го лулаше бротчето во кое превозот чинеше 1000 долари. Сега рехам се обидува да побегне на остриот балкански ветер Вардарец. „Овде е страшно, многу е ладно“, вели и го сокрива лицето подлабоко во качулката со лажно крзно. „Веќе три дена чекаме тука и спиеме во автобуси“.

Борба за супа

„Тука“- тоа е бензиска пумпа која во меѓувреме стана надалеку позната. Се наоѓа на европскиот автопат Е75 во близина на грчкото место Поликастро. Македонија е оддалечена само 20 километри. На одморалиштето на пумпата автобусите се наредени како лего коцки. Ги има преку 80, што би одговарало на бројката од околу 4000 бегалци. Од Атина луѓето против нивна волја се префрлуваат тука бидејќи кампот во пограничната област Идомени е преполн. Македонците, меѓутоа, секогаш одново ја затвораат границата. „Грција не е виновна за тоа“, вели еден грчки полицаец, со дебел шал околу вратот. Убеден е дека ни Скопје само не одлучува туку дека затворањето на границата е европска работа. Со македонските колеги, вели нема никаква координација.

Tankstelle Polykastro
Фотографија: DW/N. Rujević

Владата во Скопје од време на време преку соопштение објаснува зошто го дозира приливот на бегалци. Еднаш стануваше збор за проблем кај словенечката железница. Потоа македонските таксисти го блокираа преминот незадоволни што бегалците- до неодамна извонредни муштерии- сега речиси без исклучок користат автобуси и возови даги минат тие околу 200 километри до Србија. Кога и колку луѓе ќе бидат пуштени преку границара да го продолжат патувањето кон ветената западноевропска земја, тоа тука на бензиската пумпа не го знае никој.

Ни Јаков не знае. Овој крупен 25-годишен човек- руса коса собрана во реп, облека валкана од работа- за разлика од бегалците доброволно дошол токму овде и тоа од Лајпциг. „Слушнав дека државата и големите невладини организации не работат сѐ што е потребно. И друго, сакав конечно сам да се уверам што се случува.“ Во својот град Јакоб и припаѓа на анархистичката сцена, ама со насмевка раскажува дека сите овде не се анархисти. Помагачи пристигнале од Холандија, Швајцарија па дури и од Нов Зеланд. Од едно старо комби изнесуваат помош и разделуваат врела супа во пластични чаши. Ститици бегалци мирно чекаат на својата порција. Таа супа има цела историја: многу нерви и време беше потребно сопственичката на бензинската пумпа да се убеди сепак да дозволи на нејзина териротија да се делат топли оброци.

Tankstelle Polykastro
Фотографија: DW/N. Rujević

„Госпоѓата би сакала да го продава својот чипс“, раскажуваат иронично добровилците. Но на „госпоѓата“ мора да ѝ се признае практичен капиталистички ум и ориентација кон потребите на муштериите. Малата кафетерија и продавницата на бензинската пумпа вријат од луѓе. Вработени се и дополнителни работници за некако да успеат да испорачаат доволно пилешко гиро и колачи кои ги порачуваат бегалците. Еден ѕид од просторијата е претворен во некој вид бутик, во кој зимските виндјакни заземаат почесно место. Цените, меѓутоа, се помалку прилагодени на муштериите. Гирото со помфрит за грчки услови чини авантуристички седум евра, чинија супа се добива за шест.

Рутина

Надвор горат десетици огнови. Пламенот го одржуваат главно заиграните дева, кои со нетрпение чекаат да додадат ново гранче во огнот. Некои се склопчиле во коморите на автобусот во кои обично стои багажот- тука е доволно топло, а го нема ни застојаниот тежок мирис како горе меѓу седиштата. Двајца мажи распостилаат ќебе и ги соблекуваат чевлите пред вечерната молитва. Балканската рута покажува како одредени рутини се развиваат многу бргу секаде каде бегалците се принудени да чекаат. Рутината има грда страна. Една мајка среде асфалтот му ги менува пелените на своето бебе бидејќи нема подобро решение. Десетици родители со своите деца чекаат пред мобилната станица на Лекари без граници. Децата кашлаат и неволно висат на рацете на родителите.

Многу од овие луѓе не знаат дека нема да можат да пројдат- тоа го дознаваат дури на границата“, вели Јакоб. Притоа мисли на сите кои не се Сиријци, Ирачани и Авганистанци, кои во толкувањето на балканските земји припаѓаат кон „економските мигранти“. Освен тоа Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Австрија во средата (3.2.) се договорија да не ги пропуштаат оние кои немаат „исправни патни документи“. Остана нејасно дали тоа значи дека ќе бидат запрени сите, кои немаат пасош. Што прават оние на кои им е забранет премин? „Многумина се обидуваат да ја преминат пеш зелената граница или чекаат во шумите. А семејствата со деца кои не се во состојба за такво нешто...па, секогаш има автобуси кои возат назад во Атина.“ Европа потфрла, и тоа намерно и организирано, смета лајпцишкиот анархист Јакоб.

Рехам Амаири послабо се разбира од политика. Младата Палестинка има сириски пасош и челична волја некако да стигне до Хамбург, каде нејзиниот брат веќе подолго време е сместен како бегалец. „ јас сега немам дом. Се надевам дека ќе најдам нов дом и оти ќе најдам мир“. Додека крупните капки дожд полека ја стивнуваат вревата на бензинската пумпа, Рехам уште вели дека во Хамбург би сакала да ги продолжи студиите по англиска книжевност. Или да стане медицинска сестра. Нејзе ѝ е сеедно.