1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Армијата ќе ја снабдува Грција со бензин

31 јули 2010

Грција ќе користи воени камиони и бродови на военопоморската флота за да го нормализира снабдувањето со гориво. Сопствениците на товарни возила и цистерни претходно одлучија да продолжат со штрајкот.

https://p.dw.com/p/OYF5
Фотографија: AP

Сопствениците на товарни возила и цистерни ќе ја игнорираат наредбата на Владата за граѓанска мобилизација. Тие го отфрлија и владиниот предлог за компромис, кој предвидуваше намалување на финансиските загуби, кои се очекуваат со спроведувањето на владините мерки за либерализација на секторот за транспорт. Синоќа во Солун имаше и судир меѓу демонстрантите и полицијата, кога тие се обидоа да го блокираат пристапот до рафинеријата.

Криза среде туристичката сезона

Одлуката на Владата дојде бидејќи земјата е соочена со сериозна криза во снабдувањето. Регалите за овошје и зеленчук во грчките супермаркети се празни, бензиски станици без капка бензин: една од омилените туристички дестинации на Германците им го претвора одморот на летувалците во вистински кошмар, поради најновиот штрајк на возачите на цистерни и камиони, што трае од почетокот на неделава. Локалните жители се` уште ги возат своите автомобили, бидејќи со време се снабдија со доволно резерви гориво. Меѓутоа туристите не можат да се помрднат од хотелските соби или кампинг-плацови се` додека бензинските пумпи повторно не бидат снабдени. Можно е штрајкувачите уште до крајот на денот да одлучат дали да прекинат со искажувањето на своето незадоволство, меѓутоа дури и во таков случај ќе треба да поминат денови додека состојбата во Грција повторно се врати во нормала.

Нема веќе лиценци за цистерни и камиони

In Griechenland streiken Tanklastwagenfahrer
Владата им нареди на камионџиите да се вратат на работаФотографија: picture-alliance/dpa

Возачите на камиони штрајкуваат поради плановите на владата да го отвори нивниот сектор за поголема конкуренција, што го бара ЕУ. Лиценците за цистерна или камион во Грција чинат меѓу сто и триста илјади евра, во зависност од големината на возилото. Меѓутоа, тие не се издаваат веќе четириесет години и затоа нивната вредност непрекинато расте. Затоа грчката влада поднесе нов предлог, според кој секој кој поседува возачка дозвола за товарно возило, ќе има право да работи како возач на камион. Издавањето на лиценци во наредниве три години треба постепено да биде укинато.

Ова не им се допадна на возачите на цистерни и затоа стапија во штрајк. Очигледно изненадената влада одлучи да ја земе ситуацијата во свои раце и им нареди на камионџиите во рок од 24 часа да се вратат на работа, меѓутоа ниту ова не вроди со посакуваните резултати. Превозниците на гориво велат дека нема директно да ја игнорираат наредбата на владата, но оти ќе најдат други начини за непочитување на одлуката.

Медиумите се уверени дека тоа ќе биде краен удар на националниот туризам наспроти сите напори на Грците да ја прикажат земјата во што подобро светло и да ја спасат сезоната, а се работи на сите полиња, од медиумите и рекламите до дипломатијата. Меѓутоа, здружението на хотелиери на Грција изнесе застрашувачки податоци - до сега се откажани 30.000 ноќевања во хотелите.

Автор: ТТ/ ГЧ/ дпа/ миа

Редактор: Александра Трајковска