1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МузикаГерманија

Ана Гацева: Симболичен нов почеток

Симе Недевски
11 јуни 2022

По тегобниот период на пандемиски рестрикции, македонската пијанистка за ДВ вели дека се радува на враќањето на концертните подиуми во Германија. Нејзиниот неодамнешен концерт во Керпен, вели, е симболичен нов почеток.

https://p.dw.com/p/4CUuz
Ана Гацева на концертот во Керпен, Германија
Ана Гацева на концертот во Керпен, ГерманијаФотографија: Privat

„Луѓето сакаат да ја доживуваат музиката и уметноста на лице место“. Со оваа изјава на Бенјамин Хајнен, на крајот од текст на весникот „Келнер Штатанцајгер“ се истакнува значењето на повторното враќање на музичките уметници на концертните подиуми по пандемиските ограничувања. Целиот текст во влијателниот регионален весник меѓутоа е посветен на концертот на македонската пијанистка и професорка по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Ана Гацева, која на 29 мај одржа концерт во германскиот град Керпен, на покана на фондацијата за музика и уметност, чиј раководител е токму Хајнен. Весникот не штеди пофалби за изведбата и ги истакнува позитивните реакции на публиката на концертот на Гацева. Овој нејзин прв настап во Германија по подолго време, беше и повод да поразговараме со неа:

ДВ: Со повеќе од сто настапи на европската сцена Вие сте еден од најуспешните македонски пијано солисти. Вашиот последен настап надвор од земјата беше во Керпен, Германија. Зошто токму Керпен и како дојде до организација на овој Ваш концерт?

Ана Гацева: На мое големо задоволство, концертот во Керпен се оствари по покана на фондацијата Pro musica Pro arte од Керпен, Германија, а беше поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Соработката со оваа фондација се случи благодарение на мојот драг колега и пријател, Дарко Костовски и радосна сум што после 20-тина години од мојот рецитал во Дрезден имав повторно можност да се претставам пред германската публика.

Плакат за концертот на Гацева во Керпен
Плакат за концертот на Гацева во КерпенФотографија: Privat

Какви се Вашите лични впечатоци од концертот во Керпен. По што ќе го паметите?

Во овој рецитал преточив многу искрени чувства и висока естетика, инспирирани од музиката на големите великани Шуберт, Шуман и Зографски, блиски до мојот сензибилитет и уметнички порив. Верувам дека тоа беше причината што публиката одлично реагираше на сите изведени дела од програмата и што заеднички споделивме едно инспиративно музичко патување низ романтизмот и македонскиот современ композиторски израз. На мое големо задоволство и чест, концертот медиумски побуди интерес и во келнскиот весник „Келнер Штатанцајгер“, во кој беше објавен напис со наслов „Пијанистката доби голем аплауз“, во кој меѓу другото се вели дека “...во изведбата на делата, темпото и динамиката соодветно се менуваа и Гацева подеднакво експресивно ги интерпретираше драмата и романтиката..."

Концертот се случи во период во кој уметноста постепно се буди од двегодишниот пандемиски кошмар. Што значи за Вас лично, но и воопшто за македонските изведувачки уметници постепеното враќање на концертните подиуми во странство?

Изминатиот период беше навистина тегобен од секој аспект. Како уметник кој во континуитет концертирал на меѓународната сцена, повторното отворање кон светот и враќањето кон она што во полн ек го живеев пред пандемијата, ми ги врати чувствата на радост, инспирација и, секако, слобода. Откажани беа многу значајни предвидени гостувања за мене, Њујорк, Москва, Сан Петерсбург... и овој концерт го доживувам како симболичен почеток, нов импулс, кој се надевам ќе води кон непречено реализирање на следните меѓународни гостувања.

Концертната сала во Керпен за време на концертот на Ана Гацева
Концертната сала во Керпен за време на концертот на Ана ГацеваФотографија: Privat

Многу сила и издржливост им беа потребни на изведувачките уметници како Вас во изминатите две години. Како вие како солистка која до пред пандемијата редовно настапуваше  на концертните подуими во Македонија и во Европа се справувавте со тој „културен локдаун“? 

Можам да кажам дека во периoдот на пандемијата бев особено активна на концертните подиуми. Едноставно не се предадов, не дозволив да го намалам темпото на концертна активност, бидејќи силната концертна динамика е особено важна за мене. Ние уметниците живееме за сцената, но мислам дека уметноста што ја споделувавме во едни особено тешки околности, колку што беше важна за нас, толку беше значајна и за функционирањето на целото општество. Остварив 20-тина рецитали, соло и во камерни состави, реализирав и неколку гостувања надвор од Македонија, кога тоа беше можно. Сите одлично посетени и поддржани од многубројна публика. Мислам дека токму зацртаните цели, непокор да се предадам на наметнатите состојби, кои можеа лесно да не' парализираат, постојаната работа и концерти ме одржуваа во нормала. Му даваа подлабока и поздрава смисла на целиот овој, во најмала рака чуден период.

На Вашите настапи активно ги промовирате делата на современите македонски композитори. Така беше и на концертот во Керпен. Се определивте за дела од Франц Шуберт, Роберт Шуман и Томислав Зографски. Кој беше мотивот односно инспирацијата за ваквата програма?

Од мали нозе со голема љубов ја изведувам музиката на македонските современи композитори и таа речиси постојано е дел од моите солистички настапи во и надвор од Македонија. Соработката што ја остварувам со голем број македонски композитори ми е особено драга, бидејќи работата со автори кои можат да ти ја доближат својата идеја е многу интересно искуство, би рекла од непроценлива важност за еден изведувач. Како почесен член на Фондацијата Томислав Зографски активно се заложувам да ја промовирам музиката на овој наш извонреден композитор, па така и овојпат таа беше дел од мојата програма и овој месец таа е дел од дури четири мои концерти, два надвор од земјата, во Германија и во Бугарија.

Во однос на останатите дела на Шуман и Шуберт- нивната музичката комплексност и уникатна убавина ми се непресушен извор на инспирација, во нивниот израз и длабочина сум вљубена и како блиски на моето срце, сосема природно го најдоа своето место во програмата на рециталот.

Ана Гацева за време на изведбата во Керпен, Германија
Ана Гацева за време на изведбата во Керпен, ГерманијаФотографија: Privat

Колку ваквите концертни искуства се значајни за Вашата педагошка работа, како редовен професор по пијано, камерна музика, историја на пијанизмот и методика на Факултетот за музичка уметност во Скопје? 

За мене е важно и корисно да го одржувам жив контактот со сцената. Постојаното совладување на нови и врвни дела од пијанистичката литература, од различни стилови и со особено захтевни изведувачки и технички предизвици, финализирањето на нивниот уметнички лик до сценска изведба, неодминливо помага кога со студентите на додипломски, постдипломски и докторски студии се совладуваат мошне сложени дела од пијанистичката литература. Настапите носат своја тежина и специфика и искуството од нив за мене е корисно и применливо во работата со студентите од мојата класа по пијано.

Кои се наредните настапи или настани во Вашиот професионален живот кои со нетрпение ги очекувате?

Овој летен период, по солистичкото гостување во Германија и концертите во Кавадарци и Гевгелија во камерни состави, следи концерт во камерно дуо на меѓународен фестивал во Пловдив, а по летото - концерти во Загреб со триото Аура, мој солистички концерт во Велес и настап како солист со Македонската Филхармонија. На сите им се радувам и ги очекувам со големо нетрпение.

Ana Gaceva
Фотографија: Privat

Како професор и концертен уметник, каква е Вашата оценка за актуелните состојби, но и за иднината на македонската музичка сцена? Се наѕираат ли нови возбудливи солисти и камерни музичари меѓу Вашите студенти?

Македонија секогаш била извор на таленти, и дел од нив, водени од искусните раце на своите ментори, достигнувале големи резултати во и надвор од нашата земја. И сега сме сведоци на блесок на млади надежи, на кои им посакувам да го пронајдат својот пат, своето место под сонцето и да ги реализираат своите соништа.

Јас имав среќа во текот на своето школување да имам прекрасни професори во Македонија кои ми дадоа огромно знаење, но патот на усовршувањето ме однесе и до светски образовни центри во Париз, Лондон, Салцбург. На сите мои професори сум им бескрајно благодарна, тие помогнаа во формирање на мојот пијанистички израз. Стекнатото искуство денес го пренесувам на моите студенти и тоа успешно ме пласира како концертен уметник на светските сцени. Во однос на актуелната состојба, може да се забележи дека е потребна поголема и поорганизирана грижа за пласман како на етаблираните, така и на младите уметници од сите сфери кај нас.