1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Огнена стихија во земјата на јагленот

Чарли Шилд
13 јануари 2020

Енергенсите се главниот извозен производ на Австралија. Властите не се откажуваат од тоа и покрај критиките дека ископувањето на јаглен ги поттикнува пожарите. Многу граѓани се бесни, но дали тоа е доволно за промени?

https://p.dw.com/p/3W6Km
BG Waldbrände in Australien
Фотографија: Reuters/AAP Image/D. Peled

Кога властите наредија евакуација, соседите заминаа, но Џек Иган остана. Овој човек се обиде да ја одбрани од невремето неговата штотуку реновирана куќа во градот Северен Рузвелт, двесте милји јужно од Сиднеј.

„Сè пламна како факел“, ни кажува Иган пред изгорената куќа. Од дванаесет домови на улицата, девет биле проголтани од пожарот.

Пожарите во Австралија се најголемите што светот го видел во последно време. Активисти за животна средина, опозицијата и лути граѓани тврдат дека сето тоа  дошло како страшна наплата. Австралија, како еден од најголемите грешници кон животната средина, сега е жртва на климатските промени.

„Во моето соседство луѓето се бесни“, ни кажува Иган. „Не толку многу поради пожарот, колку поради тоа што со децении не е сторено ништо за борба против климатските промени“.

Die Überreste des Hauses von  Jack Egan und Cath Bowdler nach den Bränden in Australien
Џек Иган, пред неговата изгорена куќа по пожарите во АвстралијаФотографија: Jack Egan

Во петокот илјадници демонстранти излегоа на улиците во Сиднеј, Канбера, Аделаида и Перт, барајќи Австралија да ги ограничи емисиите на штетни и да ги укине субвенциите за фосилните горива.

Премиерот ги отфрла барањата

Австралија е најголем извозник на јаглен во светот. Во минатата година, конзервативниот премиер Скот Морисон го одобри отворањето на нови рудници кои треба да бидат најголеми во светот. Еден извештај за климатски промени (Garnault Climate Change Report) уште во 2008 година предвиде дека доколку не се промени климатската политика, Австралија до 2020 година ќе има посилни и подолги сезони на шумски пожари.

Повеќе:

-Денес гори Австралија, утре светот!

-Мојата Австралија повеќе ја нема

-Австралија: Мојата земја гори!

Премиерот Морисон, пак, одбиваше да ја прифати врската помеѓу климатските промени и пожарот. До крајот на летото, на јужната хемисфера остануваат уште два месеци и ова е - и ќе биде - најстрашната сезона на пожари што некогаш ја погодила земјата.

„Австралија е земја која е речиси сосема навикната на големи природни непогоди“, ни кажува Бијами Вилијамсон, истражувач од Националниот универзитет во Канбера. „Сепак, катастрофите досега не ги мобилизираа луѓето да преземат акција“.

Дури и кога речиси двесте луѓе загинаа во пожарите во 2009 година. Тогаш пожарот проголта 450.000 хектари, додека пожарите годинава веќе избришаа десет милиони хектари шуми и населби. Овојпат, нема толку многу човечки жртви - досега се 27. Еколозите проценуваат дека загинале една милијарда животни.

Временските услови не оставаат простор за оптимизам. Секој месец во Австралија во минатата година имаше помалку врнежи од дожд од просекот. Во Нов Јужен Велс, покраината која е најтешко погодена од пожарите, веќе 38 месеци по ред температурите биле над просекот за овие месеци.

Глас за природата или за свој џеб?

Анкетите покажуваат дека мнозинството Австралијци сметаат дека климатските промени се непосредна закана и сакаат владата да стори нешто околу тоа. Но, Бијами Вилијамсон вели дека е една работа да се согледа проблемот а друга тој да се стави како приоритет.

„Денес, прашањата како 'колкава ми е сметка за електрична енергија?' или 'Колкави се трошоците за живот?' убедливо одредуваат за кого гласаат луѓето“, додава нашиот соговорник.

Премиерот Морисон за радио Сиднеј во петокот изјави: „Не сакаме цели кои ги уништуваат работните места и економијата“, мислејќи притоа  на барањата Австралија да се откаже од ископувањето јаглен и да ја преориентира својата економија.

Наместо на одмор, во борба против огнената стихија

Енергенсите се најважниот извозен производ во Австралија, која  од нив заработи 280 милијарди долари во минатата година. „Без природните ресурси, Австралија би била едвај нешто повеќе од земјоделска нација со прекрасни плажи“, напиша германскиот неделник „Шпигел“. Затоа за Скот Морисон пожарите се само природна непогода која треба да се совлада, а не знак дека економскиот модел треба да се смени, се додава во текстот.

Меѓутоа, сè повеќе Австралијци се убедени дека ова е последен аларм. „Погледнете што ни се случи“, вели Џек Иган пред неговата опожарена куќа. „Ние сме првите жртви, но ќе има и други. Ова можеме да го спречиме,  само ако соработуваме во ефикасна борба против климатските промени “.

Иган додава: „Време е да се откажеме од рудниците за јаглен“.