1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Зошто би требало да нѐ загрижува силниот долар?

Пандеј Ашутош
28 септември 2022

Американскиот долар постојано јакне во однос на еврото, фунтата и другите валути. Причината е што САД се релативно далеку од актуелните кризи, па капиталот оди таму. Тоа ќе има последици за потрошувачите ширум светот.

https://p.dw.com/p/4HS7i
Американскиот долар расте во однос на другите валути поради стравувањата од рецесија
Американскиот долар расте во однос на другите валути поради стравувањата од рецесијаФотографија: Thomas Trutschel/photothek/picture alliance

Откако стана посилен од еврото, доларот, за првпат во историјата, е на прагот да се изедначи со британската фунта. Еврото продолжува да паѓа, што се припишува на стравувањата од рецесија и енергетската криза како резултат на војната во Украина.

Ослабеа и други клучни светски валути. Јапонскиот јен годинава падна за речиси една петтина во однос на доларот и е на најниско ниво од 1998 година. Индиската рупија во понеделникот (26.09) достигна историски најниско ниво, откако претходно годинава за првпат беа потребни повеќе од 80 рупии за еден долар.

„Доларот го доживува своето најголемо јакнење од 1980-тите“, напиша во пораката за клиентите Џорџ Саравелос, главен аналитичар за курсеви во Дојче банк. „Поради оваа екстремна волатилност, полека се зголемува незадоволството на глобално ниво.“

Сигурно пристаниште

Најважната причина за јакнењето на доларот е неговата репутација како сигурно пристаниште во време на криза. Централните банки ширум светот спроведуваат сѐ порестриктивна монетарна политика поради страв од рецесија и инфлација во еврозоната. Инвеститорите бегаат кон доларот, кој е помалку изложен на ризици.

Друга причина е што Централната банка на САД веќе воведе многу агресивна монетарна политика, односно ги зголеми каматните стапки за да го намали количеството на пари коишто се во оптек и да се бори против инфлацијата.

Доларот ја добива трката со еврото
Доларот ја добива трката со евротоФотографија: DW

Овој потег на Американците е во спротивност со политиката на Јапонската централна банка, која инсистираше на исклучително ниска референтна каматна стапка, како и на Европската централна банка, која долго време се спротивставуваше на зголемувањето на каматните стапки.

Најновото зајакнување на доларот дојде откако новата британска влада објави најголемо намалување на даноците во последните пет децении. „Големите фискални поволности кои се најавени може да го зголемат економскиот раст на краток рок. Но, поголемото прашање е - кој ќе плати за тоа?“, вели Саравелос, објаснувајќи зошто инвеститорите полека бегаат од Обединетото Кралство.

Поскап увоз за Европејците

Силниот долар може дополнително да ги оптовари европските домаќинства. Зашто, послабата европска валута ги поскапува увозните производи, најчесто изразени во долари. Доколку притоа се работи за суровини или полупроизводи, тогаш и крајната цена на готовите производи ќе биде повисока. Покрај тоа, европските туристи кои патуваат во САД ќе можат да купат помалку за парите што ги носат.

Во нормални времиња слабата валута не мора да биде проблем. Напротив, за извозничка сила како Германија тоа би значело дека нејзините производи се поконкурентни на светскиот пазар бидејќи се поевтини во долари.

Силниот долар може дополнително да ги оптовари европските домаќинства
Силниот долар може дополнително да ги оптовари европските домаќинстваФотографија: Carol Smiljan/picture alliance

Но, тоа е слаба утеха, бидејќи времињата не се нормални. Покрај санкциите и војната, продолжува и нарушувањето во глобалните синџири на снабдување што постои од почетокот на пандемијата. Тоа не се добри услови за извоз.

Силниот долар го почувствуваа болно и потрошувачите во Индија. Таа земја во голема мера се потпира на увоз на нафта и масло за јадење, чии цени се врзани за доларот. Кога тоа ќе се се преведе во рупии, цената е значително повисока.

Скапиот увоз ја засилува инфлацијата и ги принудува централните банки да ги зголемат каматните стапки за да ја намалат побарувачката. Високите камати, пак, ги поскапуваат кредитите, на пример за купување недвижен имот.

- повеќеМаките со слабото евро и зошто е важен паритет со доларот

До кога вака?

Од друга страна, американските потрошувачи би можеле да доживеат и пад на цените, бидејќи увезените стоки стануваат поевтини. А американските туристи ќе можат да трошат повеќе во Европа. Бизнисмените сега се мотивирани да прават повеќе бизниси во САД, а помалку во други земји, бидејќи профитот таму е помал во долари. Сепак, најголем удар ќе претрпат економиите на земјите во развој кои имаат огромни државни долгови во долари, како Турција, Аргентина или Гана.

Најголем удар ќе претрпат економиите на земјите во развој кои имаат огромни државни долгови во долари, како Турција
Најголем удар ќе претрпат економиите на земјите во развој кои имаат огромни државни долгови во долари, како ТурцијаФотографија: Murad Sezer/REUTERS

Саравелос наведува дека за да запре растот на доларот е неопходно американската централна банка да ја олабави својата монетарна политика, а таа тоа ќе го направи дури кога ќе поминат најголемите ризици од инфлација.

- повеќеПроклетството и благословот на слабото евро

Од друга страна, како што нагласува овој експерт, потребно е да се надмине неизвесноста кога е во прашање снабдувањето со енергија за Европа, а Кина треба да престане со политиката „нула ковид“ поради која се затворани економски зони и пристаништа.

„Треба да се случи барем дел од ова за да се забави невидениот јуриш на пари кон американското сигурно пристаниште“, вели Саравелос. „Но, се плашам дека сѐ уште не се случува ништо од тоа“, додава овој аналитичар на Дојче банк.