1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проклетството и благословот на слабото евро

Ноткер Блехнер | Тагесшау
7 мај 2022

Она што ги радува извозно силните германски компании, ги нервира германските туристи - курсот на еврото паѓа. Во меѓувреме е на најниско ниво во однос на доларот во последните пет години. Зошто еврото е толку слабо?

https://p.dw.com/p/4Alkg
Symbolbild Euro Dollar Inflation
Фотографија: Panthermedia/imago images

Секој што деновиве планира да патува во САД, мора да бркне длабоко во џебот. Еврото во последно време загуби значително на вредност во однос на американскиот долар. Заедничката европска валута минатата недела падна под 1,15 долари. Едно евро се разменуваше за 1,1472 долари, односно го достигна најниското ниво во последните пет години. Од почетокот на 2022 година еврото загуби околу 13% вредност во однос на доларот. За очигледната слабост на еврото постојат неколку причини.

Трансатлантска разлика во каматните стапки

Трговците со девизи укажуваат пред сѐ на очекуваната голема разлика во каматните стапки меѓу Европа и Соединетите Американски Држави. ФЕД веќе го најави пресвртот во каматните стапки и планира неколку зголемувања на каматните стапки годинава и веројатно следната година. Европската централна банка (ЕЦБ), од друга страна, чека. И покрај високата инфлација и зголемениот притисок од политиката и економијата, таа засега ја остава основната каматна стапка на нула проценти. Монетарните чувари би можеле да ја свртат каматната завртка најрано наесен, но и тогаш само колебливо.

Symbolbild - EZB
ЕЦБ засега ја остава основната каматна стапка на нула процентиФотографија: Getty Images/A. Dedert

Опасност од стагфлација во Европа

ЕЦБ е во дилема. Ако ги зголеми каматните стапки, ризикува да го запре воздржаниот полет во еврозоната. Тогаш постои дури и ризик од стагфлација. Доколку, пак, ЕЦБ се двоуми и не преземе ништо, инфлацијата би можела да излезе од контрола.

„Ризикот од стагфлација во еврозоната е поголем отколку во САД, бидејќи Европа е повеќе зависна од увозот на енергија, особено од увозот на руски гас“, смета девизниот експерт на Комерцбанк, Улрих Лојхтман.

Војната во Украина ја погодува Европа потешко од САД

„Растот во Европа е соочен со огромни ризици“, ​велат економистите од американската инвестициска банка JP Morgan. На краток рок, економските изгледи во Европа се помрачни отколку во САД. Војната во Украина ѝ нанесува многу поголема штета на европската економија.

Крајот на испораката на руски гас за Полска и Бугарија покажува колку е кревка европската економија. Доколку славината за гас се затвори и во Германија, во земјата може да дојде до тешка рецесија. Некои експерти дури предупредуваат од најлош економски пад по крајот на Втората светска војна.

Нова рецесија во Европа тешко би погодила некои економии во еврозоната. Земји како Италија и Франција неодамна многу се задолжија со цел да ги ублажат последиците од пандемијата на коронавирус. Брисел сака да спречи нова должничка криза по секоја цена.

Експертите од Landesbank BayernLB веруваат дека неизвесноста околу заострените санкции кон Русија и нивното влијание врз економијата на Европа би можела да продолжи да влијае на еврото и во блиска иднина. „Постои голем страв на девизните пазари дека посилното економско забавување во еврозоната - или дури и рецесија - може да го наруши планираниот курс на затегнување на ЕЦБ“, објаснува Томас Гицел од VP банката во Лихтенштајн. Според Гицел, најлошото сценарио би било рецесија, висока инфлација и нерешителна ЕЦБ.

Symbolbild | Corona-Rezession in Frankreich und Italien
Нова рецесија во Европа тешко би погодила некои економии во еврозонатаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Јакнењето на доларот го става еврото под притисок

Сепак, она што во последно време толку силно го погаѓа еврото е силата на доларот. Ова може јасно да се види од индексот на доларот. Барометарот, кој го покажува курсот на главните валути, минатата недела се искачи на највисоко ниво во последните 20 години. Доларот особено поскапуваше во однос на јапонскиот јен. Токму во време на криза, инвеститорите прибегнуваат повеќе кон доларот. Во тој поглед, силниот долар ги отсликува и економските грижи во светот.

Наскоро паритет меѓу доларот и еврото?

Експертите очекуваат доларот да продолжи да расте. Доколку еврото падне под дваесетгодишниот минимум од 1,034 долари, далеку нема да биде ниту паритет со доларот. Тоа последен пат се случи пред околу 20 години. Според дел од економистите, наскоро ќе се достигне нивото од еден долар за едно евро.

- повеќеЗатегнувањето на монетарната политика може да удри и врз каматите на банките

„Претпоставуваме дека еврото ќе падне под паритетот со доларот“, оценува за весникот „Ханделсблат“, Робин Брукс, главен економист во Меѓународната банкарска асоцијација. Според Пол Макел, шеф на девизниот сектор во големата британска банка HSBC, „доларот ќе продолжи да има предност“. Само мал број економисти сметаат дека јачината на доларот е привремен удар.

- повеќе: На Германија ѝ се заканува највисока инфлација во последните 40 години

Холгер Шмидинг од Berenberg Bank верува дека еврото наскоро повторно ќе може да закрепне, затоа што САД имаат поголем проблем со инфлацијата отколку еврозоната. Тоа долгорочно веројатно ќе се одрази на курсот на доларот. Досега, сепак, девизните пазари ја игнорираа повисоката инфлација во САД и премногу обрнуваат внимание на каматната предност во САД. Долгорочно - за пет години - САД дури би можеле да се вратат во должничка криза - слично како Италија.

USA Nevada Las Vegas Strip
Одморот во САД поскапува (фото: Лас Вегас)Фотографија: Imago/Rüdiger Wölk

Одморот поскапува, извозот поевтинува

Во моментов работите не изгледаат така. Слабото евро особено го чувствуваат германските туристи кои патуваат во САД или други земји со силна валута.

Наспроти тоа, особено извозно активните германски компании имаат корист од послабата заедничка валута. Производите од Германија стануваат поевтини и поконкурентни на светскиот пазар. Но, од друга страна, поскапува и увозот на стоки, особено на суровини со кои најчесто се тргува во долари. Поскапуваат нафтата, гасот и металите. Во таа смисла, слабото евро е истовремено и проклетство и благослов.