1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Загриженост и критики за случувањата во Судскиот совет

ДТЗ
27 април 2023

Со вакви постапки дополнително се намалува кредибилитетот, не само на Судскиот совет, туку и довербата на граѓаните во правосудниот систем, вели претседателот Стево Пендаровски

https://p.dw.com/p/4QcOR
Правда и судство
Правда и судствоФотографија: Damien Meyer/AFP/Getty Images

Сериозна загриженост и реакции предизвикаа во јавноста случувањата во Судскиот совет, каде во крајно напрегната атмосфера, со бројни обвинувања и високи тонови беше донесена одлука за разрешување на претседателката Весна Дамева. Обидот експресно да се избере нов претседател на Судскиот совет не помина на седницата во четвртокот (27.04), па со осум гласа „за“ и четири гласови „против“ беше одлучено членовите на Судскиот совет повторно да се состанат на 2 мај. Во меѓувреме, антикорупционерите и организациите коишто ја следат работата на Судскиот совет побараа да се преиспита одлуката, а членовите на Судскиот совет да покажат непристрасност и независност во работењето, со што ќе ја исполнат својата уставна надлежност, како гарант на самостојноста и независноста на судската власт во земјата.

Настаните во Судскиот совет со голема загриженост се следат и од Министерството за правда  И покрај тоа што Судскиот совет е самостоен и независен орган кој треба да ја обезбеди самостојноста и независноста на судската власт, она што во моментов се случува, според министерот Кренар Лога, во голема мера ќе влијае на натамошната доверба на граѓаните во судството. Министерството за правда побарало од Судскиот совет да ги достави на увид записникот од 438-та седница како и усвоениот дневен ред и изразува надеж дека ќе се надмине ситуацијата.

Министерство за правда
Настаните во Судскиот совет со голема загриженост се следат и од Министерството за правдаФотографија: DW/P. Stojanovski

Уривање на кредибилитетот

Реагираше и претседателот Стево Пендаровски кој оцени дека сцените од седницата на Судскиот совет не му доликуваат на ова тело кое има многу одговорна улога, со оглед на надлежностите кои ги има во изборот и разрешување на судии и оценување на работата на судиите, грижата за угледот на судството како клучен фактор за довербата на граѓаните кон судството. Со вакви постапки, смета претседателот, дополнително се намалува кредибилитетот, не само на Судскиот совет, туку и довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Главни протагонисти на седницата во средата, на која беа изречени бројни навреди и обвинувања за притисоци, беа разрешената претседателка Весна Дамева и нејзиниот заменик Селим Адеми. Согласно уставните надлежности на претседателот и по извршени консултации, тој ја има предложено Весна Дамева до Собранието за член на Судскиот совет во 2019 година како предлог кој доаѓа од редот на истакнати правници. Селим Адеми е избран за член на Судскиот совет по предлог на Собранието.

Стево Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски смета дека дополнително се намалува кредибилитетот, не само на Судскиот совет, туку и довербата на граѓаните во правосудниот системФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Законитост и интегритет

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) очекува вклученост и реакција од сите релевантни државни субјекти за случајот со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. Имајќи ја предвид позиционираноста на Судскиот совет како највисок орган на судската власт, кој треба да се залага за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и за обезбедување на независноста на судската власт како трет столб на власта, антикорупционерите изразија сериозна загриженост за случувањата во Судскиот совет.

Комисијата ги потсетува лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со кој се забранува какво било влијание при избор, именувања и разрешување на раководни места.

Ескалирање на состојбите

Блупринт група за реформи во правосудствотопо исто така смета дека не постои правен основ за разрешување на претседателката на Судскиот совет. Ниту Деловникот на Судскиот совет не содржи одредби што ги уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на Судскиот совет, што значи дека не постои правен основ за донесување на одлуката за разрешување на Дамева. Уште повеќе, според Деловникот, тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот, укажуваат од Блупринт групата.

Тие се загрижени околу ескалирањето на состојбата и апелираат членовите на Судскиот совет да го преиспитаат своето постапување во конкретната ситуација и притоа да ја покажат и докажат својата непристрасност и независност во работењето.

„Во моменти кога довербата во судството е на незавидно ниско ниво, нужно е Судскиот совет да биде стожер на судската власт преку обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт и да биде институција во која судиите и граѓаните ќе имаат голема доверба, а не институција која ниската доверба дополнително ќе ја руинира поради непочитување на законите и произволно постапување со што директно го поткопува уставниот и правниот поредок во земјата“, посочуваат од Блупринт групата.

Според нив, самиот чин на разрешување е спорен со оглед на тоа дека за разрешување на судија потребно е да гласаат 8 члена од присутните членови со право на глас. Во конкретниов случај гласале 7 члена без претходна дискусија и без запазување на постапката која се применува за разрешување на судија. И во досегашното работење на Судскиот совет, на јавните седници имало несогласување меѓу членовите околу одредени законски одредби, особено кога тие не биле јасно и концизно предвидени во закон или подзаконски акт, но според Блупринт групата, никогаш не се случило Судскиот совет да донесе одлука спротивно на Законот за Судскиот совет и Деловникот.

судски совет
Пропадна обидот експресно да се избере нов претседател на Судскиот советФотографија: Petr Stojanovski/DW

Преседан

По неколкучасовни расправии, високи тонови и меѓусебни обвинувања во средата (26.04) беше разрешена претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, која беше избрана на функцијата пред помалку од пет месеци.  Таа порача дека одлуката е незаконска и дека целта била да ја разрешат поради нечии интереси. 

До ваквиот развој на настаните дојде откако Дамева одби да стави на гласање точка што ја немаше на дневен ред, но и по жестоки обвинувања дека го затаила писмото коешто американската амбасадорка Анџела Агелер го испратила до Судскиот совет на 11 април, а во кое се изнесуваат критики за работата на судовите. 

Дарко Аврамовски од Коалиција сите за правично судење смета дека разрешување на претседателката на Судскиот совет, наводно поради тоа што го криела писмото од амбасадорката на САД Ангела Агелер, претставува преседан, бидејќи не е испочитуван ниту законот ниту подзаконските акти.

„Тоа писмо е насочено на повеќе чинители во правосудниот сектор, а некои очигледно и успеале да се пронајдат во тоа писмо. Јас се надевам дека ќе преземат нешто во врска со тоа. Што се однесува до разрешувањето на Дамева, беше изненадување и покажува дека критиките од САД имаат поголемо влијание од домашните. Како и да е, самото разрешување беше изведено на таков начин што претставува преседан“, изјави Аврамовски во гостувањето во Студио 10 на ТВ 24.

Тој оценува дека е прекршен Деловникот на Судскиот совет. „Целосното отстапување од процедурите и нивото на дискусија и дебата која наликуваше на инфантилно препукување, остава впечаток како да беше разрешен претседател на куќен совет. Отсуството на отчетност и свест за последиците што ги оставаат остава простор за шпекулации за мотивите на овој чин“, вели Аврамовски. 

Коалицијата нема индикатори со кои може да потврди политичко влијание, но посочуваат дека факт е дека има нетранспарентно постапување на Судскиот совет во континуитет. Оттука произлегува впечатокот дека станува збор за внатрешни пресметки или надворешни влијанија во Судскиот совет со начинот на кој беше разрешена претседателката на Судскиот совет. „Ниту законот, ниту подзаконските акти не дозволуваат разрешување од местото претседател на Советот без да биде разрешена и како член на Советот“, вели Аврамовски.