1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За 23 години „соголени“ македонските шуми

ДТЗ
28 март 2024

Од 2000 до 2021 година, Северна Македонија била зафатена од вкупно 4.811 пожари, во кои изгореле над 200 илјади хектари површина.

https://p.dw.com/p/4eDli
пожари
Пожарите ги опустошија „белите дробови“ на земјатаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Од 2000 до 2021 година, Северна Македонија била зафатена од вкупно 4.811 пожари, во кои изгореле над 200 илјади хектари површина. Вкупниот опожарен шумски фонд во текот на 23 години е околу 2,5 милиони кубни метри, покажуваат податоците од првиот Национален извештај за состојбата со пожарите.

Фреквенцијата и интензитетот на пожарите на ниво на предел постепено се зголемуваат, а времето и местото на појава се повеќе варира. Ова бара системско делување, поефиканси одговори, подобра превенција и подготвеност, беше порачано денеска на четвртата работилница од Програмата за управување со пожари на ниво на предел. 

„Извештајот јасно ги детектира слабостите на системот и дава насоки за подобрување на состојбата и за изготувување национална стратегија, како патоказ врз кој ќе се водат идните политики за заштита од пожари“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Пожарите - сериозна закана

Постојаното зголемување на температурата предизвика глобално затоплување на планетата и променливи временски услови, засилени, неочекувани и понекогаш екстремни климатски непогоди, кои претставуваат сериозна закана на глобално, регионално и на национално ниво. Овие промени ја зголемуваат веројатноста за интензивни пожари на ниво на предел, загрозувајќи ги екосистемите, ризикот по животот на населението и пределите од кои луѓето егзистираат.

пожари
Само во пожарите во Малешевијата во 2021 година првичните проценки беа дека изгореле меѓу четири и шест илјади хектари шума (архивска фотографија)Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Податоците покажуваат дека во 2007 година имало голем број пожари (652) при што изгорела површина од 35.248 хектари. Опожарената површина во Пелагонија се движела од 779 хектари во 2012 година до 2.010 хектари во 2018 година.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека најчести и најобемни пожари имало во Југоисточниот регион. Други региони како Источниот и Југозападниот, исто така, се соочиле со високи опожарени области во минатото. 

Слабости на институциите

Како дел од слабостите во управувањето со овие пожари се посочуваат тешко достапните природни предели, непостоењето ефикасна меѓуинституционална комуникација и координација, недоволната имплементација на законските одредби, непочитувањето на законите, недоволните ресурси за спроведување на мерките за противпожарна заштита, бавното решавање на кривичните или прекршочните постапки, недоволните човечки ресурси и техничка опрема, пироманијата и намерното палење земјиште заради економска корист и недоволниот број доброволни противпожарни единици.

Извештајот укажува и на немањето закон за оџачари во земјата, отсуство на национален план за управување со пејзажни пожари, како и на отсуство на унифицирана методологија за собирање податоци за пожарите.

Проблем е и немањето доволен број експерти за управување со пожари, практичари и истражувачи.

 

Сведоштва за пустошот по пожарот во Кочани