1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ е подготвен да го прифати членството на Косово во ОН

БГ /дпа
24 јануари 2023

Се децении ништо не се помрднуваше меѓу Србија и Косово. Сега, француско-германскиот план има едногласна поддршка од Западот и германската агенција ДПА се прашува: дали Белград се откажа од деструктивната политика?

https://p.dw.com/p/4McNa
Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција во БелградФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека би можел да го прифати француско-германскиот план за нормализација на односите со Косово. Западните преговарачи му дадоа избор- да го прифати планот или да ги трпи последиците од прекинот на преговорите за пристапување во ЕУ и повлекување на странските инвестиции, објасни тој самиот на прес-конференцијата која беше емитувана во живо на националната телевизија во понеделникот вечерта. 

„Доколку изборот е да добиеме санкции- а што би била полоша санкција од повлекување на инвестициите- или од друга страна да прифатиме се што ќе значи членството на Косово во ОН, тогаш сум за патот на компромисот, колку и да е тој спорен“, рече Вучиќ. 

Членство на Косово во ОН? 

За француско-германскиот план се дозна есента минатата година. Тој никогаш не е официјално објавен, но неговите клучни точки се познати откако им беше доставен на двете страни. Планот, меѓудругото, предвидува Србија и Косово взаемно да си ги признаат границите, иако формално не се признаваат како држави.
Конкретно, тоа би значело дека Србија би престанала да го блокира членството на Косово во меѓународните организации, што таа го прави со активна поддршка од Русија. Приемот на Косово во ОН досега не успеваше поради ветото на Русија како постојана членка на Советот за безбедност на ОН. 
„Нема збор за тоа дека го поддржуваме влезот на Косово во ОН, но де-факто би го прифатиле неговото членство“, вели Вучиќ. 

„Нервоза во Европа“ 

Доколку тоа се случи, тоа всушност би бил пресврт во косовската политика на Вучиќ, која досега беше заснована врз српскиот национализам, оценува ДПА. 
„Геополитичката ситуација се смени“, вели Вучиќ. Поради руската агресорска војна против Украина владее „нервоза во Европа“ и „авантурите во сопствениот двор“ повеќе не се толерираат, го цитира Вучиќ агенцијата ДПА. 
Француско-германскиот план стана план на ЕУ кој го поддржуваат и петте земји-членки кои се уште не го признале Косово: Шпанија, Грција, Романија, Словачка и Кипар. 

Александар Вучиќ Албин Курти Жозеп Борел
Средба на Александар Вучиќ и Албин Курти со посредство на првиот дипломат на ЕУ, Жозеп БорелФотографија: EU Council / Pool / Handout/AA/picture alliance

Превирања во СНС 

Поради тоа, очигледно има превирања во СНС, партијата на претседателот. На седницата на одборот на СНС минатиот викенд неколку учесници изразиле противење на евентуалната промена на курсот. Вучиќ, кој е и шеф на СНС, тогаш се заканил со оставка, по што сите критики стивнале, пренесоа српските медиуми. 
Вучиќ во понеделникот нагласи дека сѐ уште ништо не е решено. Последниот збор би можел да го има српскиот парламентот, а „можеби и народот“, заклучува во извештајот ДПА. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема