1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силен ветер го блокираше скопскиот аеродром

26 ноември 2025

Силен ветер и лошо време спречија седум авиони да слетаат на скопскиот аеродром, предизвикувајќи пренасочувања кон алтернативни аеродроми. Ситуацијата е нормализирана

https://p.dw.com/p/54ICJ
Патници на скопскиот аеродром
Скопскиот аеродром под удар на силен ветерФотографија: Petr Stojanovski

Силен ветер и лоши временски услови спречија седум авиони да слетаат на Меѓународниот аеродром Скопје во вторникот попладне (25.11). Нарушувањето на авиосообраќајот доведе до одложување и пренасочување на неколку летови од Македонија.

Проблеми со слетувања и пренасочувања на летови

Ситуацијата на македонското небо се стабилизира утрово, откако во вторникот пилотите на неколку европски авиокомпании имаа сериозни потешкотии да ги приземјат авионите во Скопје. Поради проценка за зголемен ризик, дел од летовите беа пренасочени кон алтернативни аеродроми во регионот.

Според официјалната страница на скопскиот аеродром, проблемите започнале околу 16 часот, кога авионот од Истанбул не успеал да слета. Кругови над македонското небо правеле и авионите од Венеција, Нирнберг, Загреб, Осло и Виена, кои на крај се одлучиле да слетаат на други аеродроми.

Причината – појава наречена „wind shear“

Причина за пренасочувањето е појавата „wind shear“ (промена на ветрот), која претставува нагла промена на брзината или насоката на ветерот на кратко растојание во атмосферата. Оваа појава го отежнува безбедното слетување на авионите, па пилотите не преземаат ризик.

„Не станува збор за феномен, туку за временска појава која се случува одвреме-навреме, особено во зимскиот период, и е присутна на сите аеродроми. Поради страничен ветер, авионите не сакаат да ризикуваат и се одлучуваат за алтернативен аеродром“, вели за ДВ Александар Тасевски од М-НАВ.

Кои се процедурите во вакви случаи?

Пилотите најпрво се обидуваат да слетаат, но ако проценат дека е небезбедно, ја известуваат Контролата на летање и се пренасочуваат кон друг аеродром. Најчесто изборот паѓа на Приштина, Охрид или Софија, а понекогаш авионите се враќаат на почетната дестинација. Одлуката е на авиокомпанијата.