1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВЛЕН на 9 мај станува единствен политички субјект

29 април 2026

ВЛЕН на 9 мај се обединува: Изет Меџити и Биљал Касами копретседатели, отворени врати за нови членови и ново политичко преструктурирање.

https://p.dw.com/p/5Czo7
Лого на коалицијата „Вреди“
ВЛЕН на 9 мај станува единствен политички субјектФотографија: Vlen

Коалицијата Вреди (ВЛЕН) на 9 мај и официјално ќе прерасне во единствен политички субјект, со што ќе заврши процесот на обединување на партиите што досега делуваа во рамки на коалицијата.

Според најавите, копретседатели на новата политичка партија ќе бидат Изет Меџити и Биљал Касами, додека функцијата генерален секретар ќе ја извршува Беким Сали. Новиот субјект ќе биде организиран преку пет потсекретаријати, со рамномерна распределба од по 20 проценти за секоја од петте партии што моментално ја сочинуваат коалицијата ВЛЕН.

Отворени врати по 9 мај – освен за ДУИ

Од „Вреди“ очекуваат дека по формализирањето на партијата кон нив ќе се приклучат и други политички субјекти, организации и поединци. Сепак, како што нагласуваат, единствен исклучок ќе биде Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Од коалицијата оценуваат дека по 9 мај ќе започне ново политичко преструктурирање во албанскиот политички простор и изразуваат уверување дека значаен дел од членството и структурите на ДУИ, особено од вториот и третиот ешалон, ќе преминат во „Вреди“.

Изет Меџити 11 октомври 2025
Kопретседатели на новата политичка партија ќе бидат Изет Меџити и Билал КасамиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Само две доминантни политички сили

„По 9 мај ќе останат само две политички сили во албанскиот политички блок – ВЛЕН и ДУИ.Уверени сме дека ќе ни се приклучат и оние гласачи кои досега се колебаа, поради сомнежите дека коалицијата ќе се распадне“, велат од коалицијата.

Политичкото преструктуирање на коалицијата Вреди се случува во пресрет на најавената реконструкција на Владата, којашто ја најави премиерот Христијан Мицкоски на крајот на мај или почетокот на јуни. 

Во однос на најавената владина реконструкција, од „Вреди“ порачуваат дека таа ќе се реализира согласно владината програма и поставените политички цели. Во зависност од потребите, можно е и зголемување на бројот на пратеници во владиното мнозинство.

Градоначалникот на Чаир и копретседател на „Вреди“, Изет Меџити, во гостување во емисија на ТВ 24, не ја исклучи можноста лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, да ѝ се приклучи на Владата. Тој посочи дека комуникацијата се одвива на повеќе нивоа, а вратата за евентуално приклучување е „подотворена“.