1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Петмина приведени за проектот „Скопје 2014“

ДТЗ
30 јуни 2023

Тодоровиќ е приведен на скопскиот аеродром, додека Здравев бил уапсен на граничниот премин Табановце. Тие се дел од истрагата која што беше отворена во 2018 година за изградбата на мостот „Око“.

https://p.dw.com/p/4TG6V
Скопје
Петмина приведени за проектот „Скопје 2014“Фотографија: DW/A. Feilcke

Поранешниот градоначалник на општина Центар и сопственик на маркетите „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ, поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев и уште три лица се приведени од страна на полицијата и денеска се очекува да бидат изведени пред судија на претходна постапка. Се трага по уште уште две лица.

Апсењето е извршено по наредба на Јавното обвинителство за борба против организиран криминал, поради сомневања за перење пари при набавки на спомениците за проектот за „Скопје 2014“. 

Тодоровиќ е приведен во четвртокот (29.06) е на скопскиот аеродром, додека Здравев бил уапсен на граничниот премин Табановце. 

Петмина се приведени

„Вчера во попладневните часови и во текот на вечерта од страна на полициски службеници од МВР - Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по налог на ОЈО ГОКК, лишени се од слобода пет лица во врска со чл.273 ст.5 и чл.353 ст.5 од Кривичниот законик. Лицата се приведени и задржани во полициска станица и во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка“, информираат од МВР.

Јавното обвинителство најави прес-конференција во врска предметот во јавноста познат како „Проект „Скопје 2014““. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја презеде надлежноста на предметот по згаснувањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Истрагата ја води обвинителот Љубомир Лапе.

Истрага за мостот „Око“

Станува збор за истрагата која што беше отворена уште во 2018 година за изградбата на мостот „Око“, откако Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против три лица, меѓу кои и ексградоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, во врска со изградбата на мостот.

Според обвинителството, осомничените, во периодот од 2009 до 2012 година, при спроведување постапка за јавни набавки, со неизвршување на својата службена должност овозможиле изведувачот на проектот за изградба на пешачкиот мост „Око“ на реката Вардар да стекне имотна корист во износ од 26.653.424 денари.