1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изгореа 500 хектари шума кај Богданци

ДТЗ
4 август 2023

Надлежните апелираат на внимателност. Палење на оган и скара на отворено, палење на стрништа и пасишта, фрлање отпушоци или работа со алат кој искри за миг може да предизвика пожар.

https://p.dw.com/p/4Um08
пожари
Високите температури ги активираа пожарите, изгореа 500 хектари шума кај БогданциФотографија: Arbnora Memeti/DW

Високите температури ги активираа пожарите во Северна Македонија. Само во текот на вчерашниот ден се регистрирани 23 пожари на отворено. Најголем е пожарот кај Богданци кај местото Брдаров камен, каде гори нискостеблеста шума, прнар и сува трева. Центарот за управување со кризи (ЦУК), информираше дека пожарот е локализиран и ставен под контрола, но на одредени места се распламтува. 

Во пожарот кај Богданци изгореа 500 хектари нискостеблеста шума. Во гаснењето на пожарот учествуваа и два ер-трактори на ДЗС и пожарникари од Дојран и Валандово. Хеликоптерот на МВР исфрли 17 тони вода, со што огнот е  локализиран и спречено е негово ширење кон пределот каде се поставени ветерниците.

„Засега пожарот е локализиран и ставен под контрола, но критично е во наредните неколку часови. Доколку не се појават нови жаришта, пожарот ќе биде целосно изгаснат“, изјави градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов.

Пожарот почнал да се шири во четвртокот (03.08) од пониските делови на теренот каде се наоѓаат обработливи површини. Опожарени се околу 500 хектари нискостеблеста деградирана шума и сува трева. 

авион пожари
Хеликоптерот на МВР исфрлил 17 тони вода, со што огнот е  локализиран и спречено е негово ширење кон пределот каде се поставени ветерниците.Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Каде има активни пожари?

Пожар избувна и во Демирхисарско, во близина на селото Сопотница. Според информациите од Центарот за управување со кризи, гори сува трева но постои опасност пожарот да се прошири кон блиската зимзелена шума.

Огнот брзо по избувнувањето бил изгаснат, но повторно се разгорел и се пристапило кон негово гаснење. Екипа на територијалната противпожарна единица на Демир Хисар превентивно останува на лице место.

Апел

Вкупно 23 пожари на отворен простор се регистрирани во текот на вчерашниот ден. Еден е се уште активен, а 22 се целосно изгаснати. На територијата на Скопје се регистрирани 5 пожари, во Кичево 2, Куманово 5, Велес 1, Кавадарци 1, Дојран 1, Струмица 2, Кочани 1, Делчево 1, Тетово 1 и Гостивар 2 пожари. Во 19 пожари горела ниска вегетација, а во 4 ниска шума.

„Апелирам до сите македонски граѓани да бидат исклучително внимателни да не предизвикаат пожар. Палење на оган и скара на отворено, палење на стрништа и пасишта, фрлање отпушоци или работа со алат кој искри за миг може да предизвика пожар. И најмалиот пожар за миг може да излезе од контрола и неколку стотици метри или неколку километри подалеку може да убие човек или да нанесе огромна материјална штета“, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.