1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСеверна Кореја

Судбината на севернокорејските заробеници во Украина

Џулијан Ријал
25 февруари 2026

Севернокорејски војници заробени во Украина бараат азил во Јужна Кореја, стравувајќи од одмазда дома, додека Киев и Сеул тапкаат во место со одлуката.

https://p.dw.com/p/59KrL
Фотографијата прикажува наводен севернокорејски војник задржан откако бил заробен од украинската армија на 11 јануари 2025 година
Севернокорејските војници беа заробени на почетокот на 2025 годинаФотографија: Anadolu/picture alliance

Двајца севернокорејски војници заробени од украинските сили во руската Курска област повеќе од една година чекаат одлука за нивната иднина. Тие побарале да не бидат вратени во Северна Кореја, туку да добијат азил во Јужна Кореја, плашејќи се од сурова одмазда поради тоа што биле заробени живи. Активисти ја обвинуваат јужнокорејската влада дека неоправдано одолговлекува со случајот, додека меѓународните институции повикуваат на почитување на хуманитарните норми.

„Нема да преживеам ако ме вратат. Другите се разнесоа. Јас потфрлив“, изјавил еден од заробениците за јужнокорејскиот весник Hankook Ilbo. Според нивните сведоштва, стравот не бил од борбата, туку од тоа што режимот во Пјонгјанг ги смета заробените војници за предавници, а казната во Северна Кореја може да ги погоди „до три генерации“.

ОН бара Украина да не ги врати таму каде што им се заканува тортура

Специјалниот известувач на ОН за човекови права во Северна Кореја во февруари порача дека Украина мора да ги почитува меѓународните протоколи и да не враќа воени заробеници во земја каде што им се заканува тортура или суров третман. Еден од војниците повторно нагласи: „Би бил благодарен ако Јужна Кореја ме прими. Ако не – ништо не можам да направам“.

Севернокорејски дезертери и активисти потсетуваат дека воениот доктринален систем во Пјонгјанг строго забранува предавање.

„Режимот им наредува на војниците да се самоубијат ако им се заканува заробување“, изјави за ДВ Ким Еуџин, која во 1990-тите пребегала од Северна во Јужна Кореја. Таа додава дека никогаш досега не е познат случај во кој заробени севернокорејски војници преживеале, па затоа е непознато како режимот ќе реагира. Но, очекува „строга казна за нив и за нивните семејства“.

Историските примери од корејската војна укажуваат дека заробениците кои се вратиле биле изложени на присилна работа и прогласувани за „непријателски елементи“. Активистите стравуваат дека би се повторило истото.

Јужнокорејската влада одолговлекува – страв од реакцијата на Пјонгјанг?

Иако член 3 од Уставот на Јужна Кореја предвидува дека сите Севернокорејци се третираат како државјани на Југот, владата во Сеул повеќе од една година не презема конкретни чекори за да ги прими заробените војници. „Одложувањето е резултат на сложени меѓународни односи меѓу Украина, Русија, Северна и Јужна Кореја“, објаснува Питер Ох од организацијата Free Korean Association.

Според него, јужнокорејскиот претседател Ли Џае Мјунг се обидува да ги поправи односите со Пјонгјанг, па затоа избегнува чекори што би го налутиле режимот на Ким Јонг Ун.

Корејскиот институт за национално обединување во извештај од 9 февруари предупреди дека директна комуникација меѓу лидерите на Сеул и Киев е клучна. Без договор, Украина би можела да биде принудена да ги предаде заробениците на Русија – сценарио што би ги изложило на уште поголем ризик.

Северна Кореја досега молчи за случајот, но не е исклучено да се водат тајни преговори.

Ким Еуџин смета дека нема правни пречки Украина да ги ослободи двајцата мажи и да им овозможи патување во Јужна Кореја. „Сеул постојано вели дека е ’комплицирано прашање’, но не мислам дека се трудат доволно“, вели таа. „Изгледа дека повеќе се грижат да не го налутат Ким Јонг Ун отколку да ги спасат животите на тие луѓе“.

Таа заклучува: „Да се работеше само за човекови права, тие веќе ќе беа тука. Се чини дека јужнокорејската влада бара причини да не ги прими“.