1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамТурција

Турција: Тројца полицајци убиени во операција против ИД

Тагесшау | ЕМФ
29 декември 2025

Најмалку девет лица, меѓу кои и тројца полицајци, се убиени во рација против „Исламска држава“ во Турција. Тоа беше втора антитерористичка операција против ИД во рок од неколку дена.

https://p.dw.com/p/5654Y
Турција Јалова 2025 | Полицајци по операцијата против осомничени борци на Исламска држава
Турски полицајци по операцијата против осомничени борци на Исламска држава во ЈаловаФотографија: Umit Bektas/REUTERS

При рација против осомничени за тероризам во Турција, во западниот турски град Јалова дошло до престрелка меѓу осомничени членови на терористичката организација „Исламска држава“ (ИД) и полицијата.

Притоа биле убиени шест членови на ИД и тројца полицајци, изјави министерот за внатрешни работи Али Јерликаја. Осум други полицајци и еден чувар се здобиле со повреди. Убиените членови на ИД биле турски државјани.

Осомничените за тероризам отвориле оган

Осомничените терористи отвориле оган кога безбедносните сили ја нападнале куќата во која се криеле. Турската новинска агенција „Анадолу“ јави дека на помош биле повикани специјални единици од соседната провинција Бурса.

Приватната телевизија НТВ извести дека престрелката се проширила на околните улици. Властите затвориле пет училишта и го прекинале снабдувањето со струја и гас. На цивили и возила им било забрането да влезат во квартот.

Бројни апсења при рациите

Минатата недела полицијата уапсила 115 осомничени членови на ИД кои наводно планирале напади за време на божиќните и новогодишните прослави. Според официјални информации, групата повикувала на напади за време на празничните прослави.

ИД во изминатите години изврши низа смртоносни напади во Турција, меѓу кои и напад на ноќен клуб во Истанбул за време на новогодишната ноќ на 1 јануари 2017 година, кога беа убиени 39 лица.