Трамп објави крај на убиствата во Иран
15 јануари 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп објави крај на насилството против демонстрантите во Иран. Тој изјави дека од „многу важни извори од другата страна“ добил уверување дека „убиствата престанале“. Трамп додаде и дека не се планираат погубувања.
Трамп: „Убиствата и погубувањата се стопирани“
„Денес требаше да се извршат многу погубувања, но тоа нема да се случи“, изјави Трамп во Белата куќа. Тој претходно се закани со остра реакција доколку Техеран, како што беше најавено, погуби демонстранти. Во вторникот (13.01), на својот онлајн-сервис Truth Social, тој им порача на демонстрантите во Иран дека „помошта е на пат“.
На прашањето дали американската воена интервенција сега е исклучена, Трамп во средата одговори: „Ќе видиме како ќе се одвива процесот.“
Техеран негира егзекуции и го обвинува Израел
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во интервју за американската телевизија Фокс изјави дека „ниту денес, ниту утре“ нема да има погубувања. Тој оцени и дека ситуацијата во земјата е под контрола. Арагчи ги опиша протестите како „терористички операции“ и го обвини Израел, непријателот на Иран, дека ги организирал истите. Тој не понуди докази во поддршка на неговото тврдење.
Протестите во Иран започнаа пред две недели. Тие првично беа предизвикани од лошата економска состојба, но потоа главно се насочија против верското и политичкото раководство во Техеран.
Властите постапуваат жестоко со демонстрантите. Организацијата за човекови права Иран хјуман рајтс (ИХР) проценува дека досега се убиени најмалку 3428 демонстранти. Според истата организација, повеќе од 10.000 луѓе биле уапсени за време на масовните протести.
Меѓународна загриженост: евакуации, затворени амбасади и седница на СБ на ОН
Неколку земји, вклучувајќи ги Индија и Шпанија, ги повикаа своите граѓани да го напуштат Иран поради напнатата безбедносна ситуација. Британската влада објави дека нејзината амбасада во Техеран е „привремено затворена“.
Претходно, неколку земји веќе ги заострија своите безбедносни предупредувања за граѓаните во регионот. На пример, САД му наредија на дел од персоналот во нивната воздухопловна база во Катар да ја напушти земјата и ги повикаа своите граѓани да го напуштат Иран.
Советот за безбедност на ОН денеска (15.01) на барање на САД ќе се состане на брифинг за ситуацијата во Иран.