1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Трамп му дава рок на Иран до вторник

Тагесшау | ЕМФ
6 април 2026

Американскиот претседател Трамп бара отворање на Ормускиот Теснец. Тој двапати го одложи ултиматумот за тоа. Сега му дава на Иран уште малку време.

https://p.dw.com/p/5Bj2j
САД Вашингтон 2026 | Доналд Трамп зборува за војната против Иран
Американскиот претседател Трамп со нов ултиматумФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Иран со жестоки напади доколку Ормускиот Теснец не биде отворен до вторник (7.04). „Ако не преземат ништо до вторник навечер, нема да остане ниту една електрана и ниту еден мост“, изјави Трамп за „Волстрит журнал“.

Во објава на платформата Трут Соушал, која се појави речиси истовремено со интервјуто, Трамп како рок го наведе вторник, 20 часот навечер (по локално време). Сепак, не даде дополнителен контекст. Се претпоставува дека тоа се однесува на рокот даден на Техеран. Неговиот претходен ултиматум ќе истечеше точно 24 часа порано.

Иран се заканува со противудари

Трамп подолго време се заканува дека ќе ги нападне иранските електрани и инфраструктура доколку Техеран не го отвори Ормускиот Теснец за бродски сообраќај или не се согласи на договор. Пред околу една и пол недела, Трамп зборуваше за многу добри и продуктивни разговори и поради тоа по вторпат го одложи ултиматумот. Но, во последните денови тонот повторно се заостри.

По изјавите на Трамп, Иран повторно се закани со противудари доколку САД нападнат иранска инфраструктура. Во таков случај, Иран ќе напаѓа слична инфраструктура што ѝ припаѓа на САД или е поврзана со САД, рече портпарол на Министерството за надворешни работи.

Преку Ормускиот Теснец поминуваат околу 20 проценти од светската трговија со нафта. Од почетокот на војната со Иран на 28 февруари, морскиот сообраќај низ теснецот е во голема мера запрен.