1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСудан

Хуманитарната ситуација во Судан сѐ подраматична

Тило Шпанхел | АРД
25 април 2023

Додека странските државјани во Судан организирано се евакуираат од завојуваната земја, бројни Суданци се чувствуваат оставени на цедило од страна на меѓународната заедница.

https://p.dw.com/p/4QVq9
Евакуација на француски државјани од Судан
Евакуација на француски државјани од СуданФотографија: Laure-Anne MAUCORPS/Armee de l'air et de l'Espace/Etat-major des armees/REUTERS

Чад е надвиснат над суданската престолнина Картум. Истрели и експлозии одекнуваат низ улиците, јавуваат локалните жители. Драматична ситуација која ги истенчува нервите: „Не можев да спијам цела ноќ. Едноставно не можам да се одморам. Нема вода. Имам уште малку да пијам, но не многу. Не можете да излезете да купите нови работи“, вели за новинската агенција Ројтерс една Нигеријка која студира во Картум.

Додека од една страна започнаа бројни мисии за евакуација на голем број странски државјани во Судан, многумина се заглавени во завојуваниот главен град Картум. Суданци, но и граѓани од земји кои не започнале евакуација за своите граѓани во Судан, меѓу нив и Нигерија: „Другите земји ги евакуираат своите луѓе. Тие покажуваат дека се грижат. А што е со нас? Нашите земји имаат подготвено само изговори. Тие велат дека тоа би чинело премногу. Како парите да се поважни од човечките животи!“, бесна е нигериската студентка во Картум.

Столбови од чад во близина на меѓународната болница Доха, во суданскиот главен град Картум.
Столбови од чад во близина на меѓународната болница Доха, во суданскиот главен град КартумФотографија: Maheen S/AP/dpa/picture alliance

И покрај опасната безбедносна ситуација, сѐ повеќе луѓе се обидуваат сами да ги напуштат областите каде се водат борби. Десетици илјади, се вели во некои извештаи, веќе побегнале преку границите во соседните земји на Судан. Бегството е особено тешко во Картум, каде се чини дека се концентрирани борбите меѓу суданската армија и паравоените сили-РСФ. Линиите на фронтот тешко се препознаваат во градот. Но останувањето станува сѐ потешко и потешко.

„Многу автобуси заминуваат од Картум. Ситуацијата стана многу опасна. Таму веќе не е безбедно. Во главниот град нема вода, струја или гориво“, ја опишува ситуацијата во Картум една новинарка на телевизијата Ал-Арабеја.

Во меѓувреме, хуманитарната состојба се влошува и низ целата земја. Повеќето болници веќе се затворени. Некои од нив се оштетени од борбите, а има извештаи дека армијата и паравоените сили користеле цивилни болници како бази за своите единици. Откако почнаа судирите пред повеќе од една недела, имаше прекин на електричната енергија во многу делови на главниот град Картум. Има недостаток од водата за пиење и храна, бидејќи само неколку продавници се и натаму отворени.

„Некои луѓе сега се толку очајни што преземаат голем ризик и ги напуштаат домовите во обид да најдат вода и храна. Но, сѐ уште има борби и излегувањето е многу опасно. Секој ден гледаме сѐ повеќе убиени цивили“, вели Алјона Синенко од Меѓународниот Црвен крст.

Голем број Суданци се изложуваат на голем ризик и излегуваат од своите домови во потрага по храна и вода за пиење
Голем број Суданци се изложуваат на голем ризик и излегуваат од своите домови во потрага по храна и вода за пиењеФотографија: El-Tayeb Siddig/REUTERS

Светската здравствена организација, во меѓувреме, говори за стотици загинати и илјадници повредени. За многумина, очајот се зголемува. Се засилуваат и критиките за евакуациите на странските државјани на социјалните мрежи, каде Суданците ги координираат своите потреби и ги споделуваат своите грижи. Многумина стравуваат дека страните во конфликтот би можеле да се борат уште побезмилосно доколку од градот си заминат речиси сите странци. Други, пак,  едноставно се чувствуваат изневерени.

„Имам чувство дека на меѓународната заедница ѝ е лесно да нѐ заборави во ваква криза. Затоа што мислат дека би морале да бидеме навикнати на такво нешто“.

Додека страните во конфликтот на викендот се договорија да дозволат евакуација на странски државјани, сè уште нема безбедни коридори за бегство за Суданците.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи