1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСудан

Судан:Не е граѓанска војна, туку судир на двајца клептократи

21 април 2023

Ова што сега се случува во Судан нема одлики на граѓанска војна од проста причина што цивилното население нема удел и не зазема страна во судирите, кои се продукт на конфликт помеѓу клептократи. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4QOek
Картум Судан
Луѓе во Картум во бегство од судирите во СуданФотографија: AFP/Getty Images

Во повеќедневните судири во Судан, според СЗО, загинале околу 300 луѓе, тоа е билансот на борбите меѓу армијата и паравоените милиции, т.н. „Сили за брза интервенција“, РСФ, во Судан. Се започна утрото на 14 април, кога после најмалку два дена подготовки паравоените милиции ги нападнаа воените инсталации и центрите на моќ низ целата земја.

Силите на РСФ успеаја да го освојат аеродромот во Мерове, на југот на Судан, земајќи како заложници неколку египетски војници присутни во базата. Потоа ја нападнаа претседателската палата каде беа одбиени, како и седиштата на националната телевизија и радио. Покрај освојување на центрите на моќ, РСФ се обиде да ја уништи воздушната предност на војската, но не успеа во потфатот.

Во земјата подолго време тлее конфликт меѓу два големи центри на моќ,војската и паравоената група „Сили за брза интервенција”, првите предводени од актуелниот владетел со Судан и врховен командант на армијата, генерал Абдел Фатах Бурхан, и вторите од неговиот актуелен заменик, предводникот на паравоените сили, генерал Мохамед Хамдан Дагло, попознат како Хемети. Станува збор за финална борба помеѓу двата ривали, но и некогашни сојузници кои во 2021 година изведоа заедничкиот пуч против тогашната преодна влада. Сепак, развојот на настаните говори дека станува збор и за момент на пресврт во една борба за моќта која е започната уште пред падот на режимот на диктаторот Омар Ал Башир и која сведочи за присуството и интересите на бројни, внатрешни и надворешни „стејкхолдери“.

Искрата поради која најверојатно борбите се разгореа се преговорите водени околу реформата на безбедносниот сектор. Еден од централните камења на сопнување, била одлуката на генералот Фатах Бурхан, заедно со некои граѓански компоненти вмешани во процесот на транзиција, за интеграцијата на паравоените милиции во структурите на националната армија, што веројатно би значело и губење на нивното влијание. Проблемот не е само хиерархиски, туку инволвира и големи финансиски и воени интереси. Преку 82% од јавните ресурси се во рацете на РСФ и Хемети, кој се спротивстави на брза интеграција на паравоените милиции во војската, процес кој бараше да се одвива градуално и во времетраење од барем една деценија.

Поради неможноста брзо да ја освојат моќта, силите на РСФ продолжија со широко распространети офанзиви низ целата земја, особено западен Дарфур, нивниот бастион. Засега делува дека војската успева да ги спречи нападите и да поврати дел од теренот. Воедно, Независниот совет под водство на генералот ал-Бурхан, ги распушти силити на РСФ, со што и по дефиниција се претворија во бунтовничка група.

Судан Картум
Конфликтот во Судан може да прерасне и во голема хуманитарна кризаФотографија: AFP

Се навестува голема криза

Актуелниот конфликт ризикува да предизвика хуманитарна и геополитичка криза од огромни пропорции, поради серија на фактори. Првиот е чисто географски поради тоа што Судан е трета по големина африканска земја со популација од 45 милиони. Излегувајќи на море, преставува важен премин за трговијата од Ориентот кон источното Средоземје преку Суецкиот канал. Судан ги има едни од најголемите наоѓалишта на злато, додека има и огромен земјоделски потенцијал, на кој голем број странски инвеститори имаат фрлено око. Судан е центар на миграциската рута која води од Рогот на Африка кон Либија и делумно Египет. Судирите започнаа во контекст на голема суша и прехранбена криза која само ризикува да се влоши. Потоа, тука е и етничкиот фактор, во случај на пролонгиран конфликт, двајцата генерали може личната борба да ја претворат во идентитетска битка, која само би отворила уште поголем и покрвав конфликт.

Внатрешен конфликт во оружените сили

Актуелните судири немаат никаква врска и не влечат корен од некаква поделба помеѓу цивилното општество и воените центри на моќ, туку станува збор за целосно внатрешен конфликт во рамки на самите безбедносни сили. Речиси сите процеси и одлуки за мирна транзиција кон демократски систем секогаш беа почитувани и исполнувани, но и секогаш конфликтите и блокадите настанувале кога доаѓа на ред точката за реформирање на воените сили, која речиси ексклузивно се однесува на статусот на РСФ и нивното интегрирање во регуларната војска.

И двете ривалски групи имаат голема економска и воена моќ, но многу слаб легитимитет помеѓу населението, кое ги гледа како системски клептократи, и како на војската, така и на милициите гледаат како на постојана пречка за мир и демократија.

Странски актери

Во овој момент во суданската криза нема скриени играчи кои го маневрираат исходот, се што се случува е производ на одлуките и калкулациите на двата генерали. Странските интереси се бројни, но не се одлучувачки. Па, сепак, странските сили и потези речиси и несакајќи ги создадоа предусловите за судир, кога низ годините час го поддржуваа едниот, час другиот генерал, зависно од своите интереси. Еритреја ги поддржува РСФ, како што ги поддржуваше и Етиопија до скоро. Чад и Централноафриканската Република гледаат со симпатии кон паравоените милиции затоа што тие ги чуваат границите и пред неколку месеци спречија државен удар против властите од Банги. И Бурхан има сојузници - моментално, на пример, има многу силна поддршка од Египет и Ал Сиси, чиј револт кон пропаднатата реформа со сигурност го има потхрането конфликтот.

Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати сакаат да го интегрираат Судан во својата сфера на влијание над Црвеното Море. Со цел да им успеат плановите и инвестициите, Заливските држави секогаш држеле одредена еквидистанца помеѓу ривалите, ветувајќи огромна финансиска помош за сите доколку се создаде легитимна власт заедно со цивилното општество. Не случајно, со почеток на транзициската криза и Хемети и Бурхан отидоа повеќе пати во Емиратите во напор секој да ја сврти водата до својата воденица.

Турција и Кина се почесто пробуваат да развијат стабилно влијание во Судан, но, земјата која највеќе политички инвестираше во последните две години е Русија. Москва гледа на Судан како на клучна геополитичка земја за нејзината возобновена стратегија кон Африка. После нападот врз Украина, Москва со сета сила се обидува да создаде криза на југот на Европа, најчесто преку акции насочени кон дестабилизирање на различните африкански контексти и латентни кризи. Москва ја напушти политиката на рамнотежа во Судан и сега отворено го поддржува Хемети. Од 2019-та забрзано го зголеми обучувањето на РСФ преку трупите на Вагнер и со почетокот на украинската криза ги прошири своите инвестиции во ископот на злато во Судан, како и ја зајакна поддршката за пропагандата на РСФ. Важноста на Хемети за Русите ја потврдува и неговата посета на Москва на ден пред инвазијата на Украина, но тоа само му помогна на Бурхан за пред Западот да се престави како поблизок до нивните интереси. Сонот на Москва е да отвори воена база во Порт Судан, со што би развила контрола над Црвеното Море, би се проектирала кон Средоземјото и особено кон Индискиот Океан.

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

ЕУ го признава Независниот совет на Бурхан, но ги интегрира РСФ во својата стратегија за задржување на миграциските движења, особено што милициите ја држат границата меѓу Судан и Либија. САД иако не го сакаат Бурхан поради некогашната блискост со диктаторот Ал Башир (заштитник на Ал Каеда), сепак го поддржуваат затоа што во Хемети гледаат човек на Москва. Западот потфрли во поддршката на цивилното општество и поранешниот премиер Хамдок, не ја исфорсира институционализацијата на безбедносните апарати и така отвори простор за влезот на Москва и суданскиот хаос.

Конечно, ова што се случува во Судан во моментов нема одлики на граѓанска војна од проста причина што цивилното население нема удел и не зазема страна во судирите, кои се продукт на конфликт помеѓу клептократи. Народот не перцепира ниеден од генералите како функционални за нивните демократски аспирации и продолжувањето на судирите само ќе ја доуништи и онака слабата политичка легитимација на обајцата.

Но, доколку борбите не завршат набрзо, народот може да биде насила инволвиран. Во ситуација кога сите ресурси се контролирани од завојуваните страни и пристапот до нив е возможен само преку припадност кон една од страните, тогаш земањето оружје во раце може да се претвори во единствена алтернатива за повеќето, настрана тешкото бегство од државата или хуманитарната помош, за која ниту знаеме дали ќе биде понудена, ниту дали ќе биде блокирана.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи