Како биле набавени прскалките за настапот на ДНК во Кочани
9 март 2026
На денешното рочиште за случајот „Пулс“, во судницата во Идризово сведочеше Горан Игновски, човек со повеќе од 34 години искуство во продажба и сервис на опрема за настани – озвучување, осветлување и сценски ефекти. Тој изјави дека околу година и половина пред трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани им продал опрема за далечинска активација и прскалки на Панчо и уште еден член од групата ДНК.
Сведочење на Игновски: што набавиле членови на ДНК
Игновски, сопственик на фирмата „Чкаља“ ДООЕЛ од Кисела Вода и брендот „Е-аудио“, кажа дека Панчо купил куферче за далечинска активација, а на членот на ДНК, подоцна идентификуван како Буцо, му продал осум патрони за топли фонтани.
Тој додаде дека топли прскалки вообичаено не продавал, бидејќи за нив се потребни бројни дозволи. Сепак, една и пол година пред несреќата лично донел од Бугарија околу 100 топли прскалки „Тропик“, првенствено за демонстрација на клиентите. Од нив, осум биле продадени на ДНК.
На прашање зошто смета дека не се истите прскалки што биле употребени во „Пулс“, Игновски објасни дека групата ДНК во изминатите година и половина користела прскалки на секој свој настап и дека најверојатно потрошиле над 100–200 парчиња.
Тој потсети дека ДНК претходно имале инцидент на настап во дискотеката „Де Факто“ во Гевгелија, каде што запалиле платно и звучници со истиот тип прскалки.
Какви прскалки биле користени и како се активираат
Игновски појасни дека топлите фонтани работат на барут и имаат состав сличен на прскалките на детски торти, со разлика во дометот и големината. Тој нагласи дека топлите прскалки можат да изгорат при допир, додека ладните – не.
Куферчињата за активација се продавале легално, увезени од Кина, по цена од 150 евра. Ладните прскалки чинат околу 500 евра и потребни се најмалку четири за сценски ефект, поради што поретко се користат.
Игновски истакна дека топлите прскалки што лично ги донел од Бугарија биле од фирмата „Тропик“, околу 50 до 100 парчиња. Тие биле набавени по евтина цена и дел од нив ги продал, но најголемиот дел ги користел за демонстрации.
Тој категорично негираше дека имал каква било соработка со дискотеката „Пулс“.
Контролите за пиротехника и ризиците од употребата
Во однос на видеата од вечерта на пожарот, Игновски рече дека прскалките имале домет поголем од три метри, што е карактеристика на производи што не се за внатрешна употреба. По трагедијата престанал да продава ваков тип куферчиња, а две останале на лагер – едното го предал на полицијата.
На прашањата од одбраната, Игновски потврди дека топлите фонтани ги набавил нелегално од Бугарија. Одговори дека сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, никогаш не побарал да купи пиротехника.
Игновски додаде дека во периодот кога продавал пиротехника немало контроли од страна на надлежните институции. Потврди и дека пакувањата на прскалките содржат предупредувачки ознаки за опасност.
Во судницата беше покренато и прашањето за одговорноста – дали треба да биде обвинет и сведокот, кој признал нелегално внесување и продажба на пиротехника. Обвинителот реагираше дека причината за загинувањето на луѓето не била самата активација, туку недостигот на излез за спасување.
Судењето продолжува со сослушување на нови сведоци предложени од обвинителството.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна ноќта на 16 март, минатата година, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.за време на настап на ДНК. Процесот се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, роднини на жртвите и јавноста. Постапка се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност.