Судството и Владата во судир за финансиската независност
14 ноември 2025
Отворено писмо до премиерот
Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии во отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски реагираат на неговите коментари за судиите и судството, оценувајќи дека тие преминале во неаргументирани и паушални напади.
„Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика значи намера ништо да не се преземе за подобрување, туку вината да се префрли на судиите“, се наведува во писмото.
Одговорот на премиерот: реформи и финансии
Мицкоски, пак, изјави дека нема да ги коментира оценките на судиите, туку ќе остави граѓаните да кажат дали се задоволни од испораката на правда во Македонија. Тој рече дека судството бара независен буџет, но дека треба да биде свесно дека кога ќе ја добие таа финансиска независност, ќе одговара за секој денар потрошен од граѓаните.
„Сè ќе добијат во наредните месеци, но само една работа ќе барам - одговорност. Секој денар народни пари ќе гледаме како се троши, за да не се случи дел од нив да се најдат на обвинителска клупа. Бараат финансиска независност како во ЕУ. Ќе го добијат тоа, но да видиме дали тогаш ќе имаме правда“, порача премиерот.
Мицкоски најави „ресет на системот“
Премиерот во повеќе наврати најави „ресет на системот“ и изградба на правна држава и непристрасно судство. Според него, реформите во судството се само за зголемување на платите. „Следната година ние треба да вратиме 2 милијарди евра, некој што го направил претходно, и што не задолжил сите нас и нашите неродени деца. Во буџет од 6,5 милијарди, ние треба да враќаме 2 милијарди долгови, од некој кој душмански ја задолжувал државата“, рече Мицкоски.
Судството возвраќа: „Не сме извор на долгови“
Судскиот систем му возврати дека никогаш не генерирал долгови, па нејасно е поврзаноста на судството со државниот долг од 2 милијарди евра, кој е последица на задолжувања на извршната власт.
„Сосема спротивно, судовите преку наплата на паушали и казни ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат средства за нови вработувања, дигитализација и опремување на судниците“, се вели во одговорот.
Извештајот на ЕК: Независноста е најголем проблем
Последниот извештај на Европската комисија од 4 ноември нотира дека нема напредок во независноста на судството. Политички притисоци врз Судскиот совет, недостиг на кадар и средства, како и голем заостаток на предмети ја поткопуваат ефикасноста.
Буџетот за судството изнесува само 0,3% од БДП, далеку под законскиот минимум. Финансиската зависност е круцијален проблем, а платите се само еден сегмент од оваа независност.