1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судски совет и М-НАВ: Јуриш кон нови партиски упоришта

5 јануари 2024

Поразително е да се гледа дека со наближувањето на изборите растат и партиските апетити за контрола, што води кон заклучок дека политичката сцена не се подготвува за залет кон прогрес, туку за меѓупартиска војна.

https://p.dw.com/p/4asOl
Судски совет Северна Македонија
Наивно е да се мисли дека длабокото разногласие во највисокото судско тело ќе заврши туку такаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Една по една институциите паѓаат. Прво беше Судскиот совет, потоа Клиниката за Онкологија, во чие работење граѓаните тешко дека ќе имаат доверба по објавените злоупотреби, а сега дојде на ред и Контролата на летање. Не треба да се биде којзнае каков експерт за да се види дека овие три државни институции се есенцијални за функционирањето на една држава и за услугите што им ги обезбедува на граѓаните.

Такви испади во системот се карактеристични за нестабилни демократии и правни држави секогаш кога наближуваат избори. Се сеќавате, нели, дека пред изборите 2016-тата имавме чувство дека се распаѓа државата.

Истото чувство е присутно и сега. Во средата (3.01.2024) одгледавме една блиц седница на Судскиот совет, на која претседателот Сашко Георгиев поднесе оставка, а кормилото ѝ беше вратено на неговата претходничка Весна Дамева. Се разбира, моќната фотелја не беше препуштена доброволно, туку по судска разврска која следеше по жалбата на Дамева за нејзиното разрешување. Но верува ли некој дека ова „бандажирање“ на смртно ранетиот Судски совет означи крај на земјотресот во срцето на судската власт? Тешко е да се поверува дека неколкумесечната агонија ќе заврши по оваа смена на столчињата, особено кога се знае дека оние кои стоеја зад пучот на претседателката сѐ уште се во Судскиот совет. Наивно е да се мисли дека длабокото разногласие во највисокото судско тело ќе заврши туку така, со вртење на прстот кон членовите кои исполнуваа партиски директиви.

Соња Крамарска
Соња КрамарскаФотографија: Privat

Во прилог на сомневањата дека враќањето на Дамева ќе го консолидира Судскиот совет се и изјавите, формални и неформални, по нејзината смена дека нејзиното лидерство допринело за драматично влошување на меѓучовечките односи. „Се отвори прашањето дали во една таква атмосфера Судскиот совет може нормално да работи. Мислам дека донесовме правилна одлука со нејзината смена и сега може да продолжиме со работата во една нормална атмосфера и со интегритет“, изјави Георгиев по нејзината смена и неговиот избор во мај 2023.

Партиските апетити во М-НАВ

Како сите да заборавија и дека Весна Дамева не е судијка, туку во Судскиот совет беше катапултирана од местото стручен соработник во Кривичниот суд, и по само четири години член на Советот ја добива најпрестижната функција во областа судство – претседателка на Судскиот совет. Таа на местото претседател дојде и како единствен кандидат – честа шема во судството и обвинителството кога кандидатот за функцијата е договорен во политичките кабинети. Иако со нејзиното враќање на функцијата претседателка на Судски совет е санкционирана една незаконска процедура и упад во судството, за жал претходните случувања не даваат надеж дека оваа санација на штетата автоматски ќе значи и стабилизација на до темел разнишаната судска власт.

Драмата во Контрола за летање е слична шема, иако на прв поглед изгледа различна. И таму станува збор за задоволување на партиски апетити кои добиваат монструозни размери ако се знае дека во оваа бранша се исплаќаат едни од највисоките плати во државата. Ако во Судски совет се работи за моќ со која може да се истргуваат големи пари, во Контрола на летање парите директно слетуваат на трансакциските сметки на вработените. Најновиот судир изби поради конкурс за прием на пет инженери и два техничари во М-НАВ, бидејќи, како што јавуваат медиумите, некои од кандидатите толку биле сигурни дека ќе бидат примени што не се мачеле да ги одговорат ни тестовите за селекција. М-НАВ е во сопственост на Владата и секоја сличност со партиски влијанија за кои се говори е „случајна“, па случајно може да се претпостави дека еден од тројцата директори, кој е и главен во директорската тројка, е од ДУИ, а следејќи ја траекторијата на партиска поделба на колачот меѓу коалициските партнери, и во М-НАВ се управува според коалицискиот договор во централната власт.

Без оптимизам во 2024

Ова е втора криза во овој чувствителен сектор од кој директно зависи безбедноста на авионскиот сообраќај, откако претходно во ноември 2022 година раководството на М-НАВ не ја прифати листата на селектирани кандидати од страна на тренинг центарот во Данска, бидејќи не влегле членови на нивни семејства и сакаше да ја поништи постапката за прием.

Тоа што М-НАВ (Македонска навигација) е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Евроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај, каде што е членка, се чини никого не го загрижува во Македонија бидејќи ние тежнееме во глобалниот систем да бидеме остров сам за себе. Па, колку „кошта“ ќе платиме, ако треба и во животи на патници, кога е во прашање животот и благосостојбата на партиските друштва.

Хаосот што се емитува од најчувствителните сектори во државата не дава оптимизам дека во новата година влегуваме со нови правила или резолуции преку кои државата ќе направи дистинкција меѓу штетните појави во 2023 и решителност да ги подобри состојбите во 2024 година. Поразително е да се гледа како со наближувањето на изборите растат и партиските апетити за освојување на што повеќе упоришта, што води кон заклучокот дека политичката сцена не се подготвува за нов залет кон прогрес, туку кон нов циклус меѓупартиска војна во која институциите се само плен, а не и шанса за покажување на нови знаења и вештини во служба на граѓаните.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема