1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентски собир на Видовден: Различни луѓе, иста цел

29 јуни 2026

На собирот во Краљево, говорите беа претежно фокусирани на Косово. Но, дури и оние кои беа пограѓански настроени, за ДВ велат дека единството е најважно. Иднината, велат тие, е поважно прашање од левицата или десницата.

https://p.dw.com/p/5GFFe
Србија Краљево 2026 | Протестен митинг „Сè е видливо на Видовден“
Протестен митинг „Сè е видливо на Видовден“, Краљево 28.06.2026Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Споменикот на српските воини на главниот плоштад во Краљево се пржеше на немилосрдното сонце додека студентите во блокада ги правеа последните подготовки за протестот на Видовден.

Околните кафулиња покриени со крошните на дрвјата се преполни со граѓани од цела Србија кои чекаат да почне програмата. Нема многу полиција на улиците. Долж пешачките зони од сите страни на Плоштадот на српските воини се поставуваат штандови со значки, труби, лепези, а наголемо се печатат и маички со познатиот слоган „Студентите победуваат“.

Попладнето пристигнува група граѓани кои од Крагуевац пешачеа до Краљево, како и групата која трчаше од Чачак. Со црвени лица и облеани во пот, тие се пробиваа низ толпата со факели во боите на српското знаме.

„Само да се довлечкаме до слобода“

„Некои истрчаа 20, а некои 42 километри. Ни требаа вкупно четири и пол часа, но она што го правиме нема цена“, вели Никола Кљајиќ од Крушевац, целосно облеан во пот. „Ќе издржиме сѐ што треба, само да се довлечкаме до слобода. Правдата едноставно мора да победи“, вели тој. Момент подоцна, тој се враќа назад и повеќепати се предомислува дали да каже што му стои како кнедла во грлото. „Денес, на Видовден, мојата ќерка доби диплома за најдобар ученик, а јас сум тука. Тука сум затоа што сакам таа да остане тука по нејзиниот 18-ти роденден“, вели тој.

Наместо вообичаениот рок, панк или рап, од звучниците се слуша народна музика, а на видео-бимот се менуваат снимки од претходните студентски акции.

Ден порано, во Белград, на партиски митинг на СНС, беа емитувани сцени на „блокадерско насилство“. Ја прашуваме Ивона Ѓориќ, студентка од Белград која пешачела околу шеесет километри од Крагуевац до Краљево, во врска со ова. „Воопшто не сум изненадена. Тие ќе смислат секакви работи. Видов дека зад тие луѓе останува крш и лом, ние тоа никогаш не го правиме. Ѓубрето си го ставаме дури и во ранци и џебови додека не го фрлиме онаму каде што треба да биде фрлено“, вели таа.

Краљево е желно за вакви собири

Како што заоѓа сонцето, дел од плоштадот запаѓа во сенка и луѓето се собираат. Немања Милашиновиќ од работната единица „Студент во секое село“ вели дека студентите не се осврнуваат на постапките на српскиот претседател Александар Вучиќ, туку на своите. „Многу сме задоволни како стоиме во Краљево бидејќи владата е многу нестабилна тука по последниот циклус локални избори, затоа што тука живеат многу млади луѓе и чувствуваме дека може да постигнеме добар резултат и работиме напорно на тоа“, вели Милашиновиќ за ДВ.

Луѓето се сликаат со актерот Тихомир Станиќ, поранешните кошаркари Дејан Бодирога и Владимир Штимац, ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, и многу други.

Говори со национален набој

Програмата почна со химната „Боже правда“ што ја пееше оперската пејачка Бојана Пековиќ. Следеа говори, преку кои главно се провлекуваа теми за Косово, но беа пренесени и пораки за општествените услови, одговорноста и потребата од промени. Меѓу говорниците беа воени ветерани, адвокати, студенти, професори и студенти на Универзитетот во Приштина.

Србија Краљево 2026 | Протестен митинг „Сè е видливо на Видовден“
Собирот во КраљевоФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Адвокатката и пратеничка „Ние - гласот на народот“ Јелена Павловиќ од бината им порача на властите дека се приближува денот на одговорност. Првпат се случува пратеник да зборува на студентски митинг. „Овој народ никогаш нема да ви прости за Бриселскиот, Вашингтонскиот, француско-германскиот план и Охридскиот договор за срамното предавање на Косово и Метохија, темелот на националниот, културниот и духовниот идентитет што за српскиот народ претставува симбол на болно страдање, егзодус и постојана борба за опстанок“, рече таа.

Верскиот аналитичар Мирослав Вујовиќ се обрати на присутните и рече дека Црквата не смее да се злоупотребува за политички цели и дека не треба да биде поддршка на која било власт, туку треба да сведочи за вистината и правдата. „Ако кој било, па макар и власта, не живее со таа правда и вистина, црковните пастири се должни да го опоменат и да го повикаат на совест“, рече Вујаниќ.

Србија Краљево 2026 | Протестен митинг „Сè е видливо на Видовден“
Еден оод говорите на собиротФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Впечатоци од митингот - единството е важно

Членка на граѓанското здружение „Обединет Врачар“ од Белград забележува дека има повеќе транспаренти со верски и национални пораки. Сепак, таа вели дека најважно за нив е што целта е останата иста. „Навистина е важно што луѓето се заинтересирани да дојдат и на овие горештини, едвај стигнавме денес“, вели барајќи да не биде именувана. „Важна ни е студентската програма и покажуваме единство. Сите сме многу хетерогени, но се собираме заедно. Различни ни се идеологиите, но нашата цел е иста. Ако се продолжи како досега, ја губиме нашата иднина и веќе не е важно дали сме десни или леви“, додава таа.

Милан Јањиќ од Граѓанското здружение Смедерево за ДВ вели дека редовно присуствува на студентските собири. „А, најмногу ме боли, верувајте ми, кога ќе прашаат колку ви плаќаат за тоа“, вели и раскажува дека неговиот син бил уапсен минатата година по протестот на Видовден. „Против него сега се води постапка за попречување на службено лице во вршење на неговите должности и напад врз службено лице. И да биде уште полоша работата, во случајот со мојот син му е доделен судијата кој нареди негово притворање, што не е според законот. Оваа влада не се срами од ништо“, вели Јањиќ.

По програмата, со овации, свирчиња, вувузели и труби, Плоштадот на српските борци се испразни исто толку брзо колку што се наполни. Слаб ветрец конечно се чувствува во воздухот. Пораката „Студентите победуваат“ остана на видео бимот и на транспарентите околу него.