1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрајкот на пилотите во Луфтханза избегнат во последен миг

ЖА / агенции
6 септември 2022

Од утре се закануваше повторување на ситуацијата од минатата недела, кога поради штрајк на пилотите во Луфтханза беа откажани стотици летови, но тоа во последен момент успеа да се спречи

https://p.dw.com/p/4GTXH
Deutschland, Frankfurt | Pilotenstreik bei der Lufthansa
Фотографија: Michael Probst/AP/picture alliance

Луфтханза и синдикатот на пилотите во последен обид се усогласија во тарифниот конфликт под закана од втор штрајк, кој беше најавен за утре. Раководството на авиокомпанијата соопшти дека има подобрена понуда, откако синдикатот на пилотите се закани со повторен штрајк за среда и четврток во патничкиот сообраќај и до в петок кај товарниот. Пилотите минатиот петок при својот прв штрајк комплетно ја блокираа работата на Луфтханза, последица на нивниот прекин на работата беа  повеќе од 800 откажани летови,  од што беа погодени преку 130.000 патници. Компанијата, според сопствени наводи, претрпела штета од 32 милиони евра.

Од правни причини, синдикатот на пилотите може да ги повика на  штрајк  само вработените во Германија, што значи би била засегната работата само на  германските аеродроми.  Фирмите-ќерки на Луфтханза, Еуровингс, Луфтханза Ситилајн и Еуровингс Дисковер не се погодени, исто како и странските фирми-ќерки како Свис, Остриен, Брисел или Ер Доломити.

Засега не се познати детали околу усогласувањето. Синдикатот на пилотите бараше поголеми плати за 5,5 проценти ретроактивно од 1 јули, а со оглед на високата инфлација, уште едно покачување од 8,2 проценти од јануари следната година. Пилотите инсистираат и на повисоки примања во случај на болест, за време на одмор и обука.  Луфтханза како реакција на заканувачкиот штрајк ја објави целосната листа со 16 барања на пилотскиот синдикат, чие исполнување би ги зголемило персоналните трошоци на компанијата за пилотите за 40 проценти, на околу 900 милиони евра во следните две години.  

Луфтханза понуди зголемување на примањата на пилотите за 900 евра месечно во наредните 18 месеци, што за основната плата би значело покачување од 18 проценти, додека пилотите од највисоката група на заработувачка би добиле пет проценти повеќе.

Распонот на платите на пилотите во Луфтханза моментално се движи меѓу 69.000 евра годишно за почетници до 275.000 евра за оние со најдолг стаж.