Што се знае за спасувањето на американскиот војник во Иран
6 април 2026
Што се случи?
Во петокот (3.04) американски авион од типот Ф-15 со двочлен екипаж беше соборен над Иран. Двајцата војници се катапултирале од авионот. Пилотот беше спасен кратко потоа, додека потрагата по вториот војник продолжи.
Како беше спасен вториот војник?
Спасувањето уследило по „трка на време за живот или смрт“ меѓу американските и иранските сили, наведува весникот „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на американски функционери. Американскиот претседател Доналд Трамп на неговата платформа Трут Соушал наведува дека војникот бил „гонет од непријателот“, кој со секој час му бил сѐ поблиску. Десетици американски воени авиони биле вклучени во операцијата.
Се вели дека ЦИА одиграла клучна улога во лоцирањето на офицерот. Според Би-Би-Си, таа во Иран ширела дезинформации за да го одвлече вниманието на тамошната војска. Американскиот воен врв „деноноќно“ ја надгледувал позицијата на офицерот во планините, пишува Трамп, според кого ова била „една од најсмелите операции во историјата на САД за потрага и спасување изведена од американската војска“.
Според извештаите, на војникот му успеало да им се крие на иранските прогонувачи во планините во карпест предел повеќе од 24 часа и на тој начин избегнал да биде заробен. Според „Њујорк тајмс“, тој бил опремен со пиштол, светлосен сигнал и безбеден комуникациски уред.
Војникот претходно бил обучен за вонредни ситуации од ваков вид, наведува дописничката на „Фокс њус“ од Пентагон, Џенифер Грифин. „Тој се криел на висок гребен откако се оддалечил од остатоците од авионот и испратил сигнал за помош“, пишува таа на платформата X.
Како се одвивала операцијата?
Спасувањето било спроведено од неколку единици на американската војска. Специјалните сили, меѓу кои имало и падобранци, според медиумите користеле импровизирана зона за приземјување длабоко на иранска територија за да се приближат до исчезнатиот војник.
Операцијата била попречувана од иранските сили. Арапската телевизија Ал Џазира цитира американски функционер, според кого за време на спасувачката акција дошло до „жестока престрелка“, а американски воздушни напади ги спречиле Иранците да се приближат до војниците. Според Трамп, во операцијата немало мртви или повредени американски војници.
Американските медиуми јавуваат дека два оштетени транспортни авиони морале да бидат оставени и уништени. Тоа било направено за да не паднат во ирански раце, пишува весникот „Њујорк тајмс“. Потоа американската војска распоредила три транспортни авиони за да го изнесат војникот и неговите спасувачи од Иран.
Што вели Иран?
Иранската верзија е спротивна на американската. Откако Трамп објави спасување на војникот, иранската новинска агенција Тасним објави дека Револуционерната гарда утрото погодила и уништила два американски хеликоптери од типот „Блек Хок“, воен транспортен авион Ц-130 и неколку беспилотни летала. Тасним објави снимки на кои се гледаат остатоци во пламен.
Воениот портпарол Ебрахим Солфагари изјави дека спасувачката операција на американската војска била „целосно осуетена“.
Што се знае за спасениот војник?
Војникот бил офицер за системот за оружје во соборениот авион. Тој седи во кокпитот на борбениот авион веднаш зад пилотот и е одговорен за тоа бомбите да ги погодуваат своите цели. Според Трамп, се работи за „многу почитуван полковник“, што значи искусен офицер со долгогодишна кариера.
Каква е неговата состојба?
Според порталот Аксиос, човекот бил повреден при погодувањето на авионот, но сè уште можел да се движи. По неговото спасување, според весникот „Њујорк тајмс“, бил префрлен на лекување во Кувајт. Трамп подоцна изјави дека војникот бил тешко повреден, иако претходно го опиша како „повреден“, но „во добра состојба“. Трамп изрази оптимизам дека војникот целосно ќе закрепне од повредите.
Какво значење има спасувањето за Трамп?
Заробување на војникот од страна на Иран можеше да стане голем проблем за Трамп. Експертите сметаат дека доколку иранските власти први го пронајдеа човекот, раководството во Техеран веројатно ќе го искористеше како средство за притисок. Иранските медиуми јавуваа за големи суми пари кои наводно биле ветени за заробување на американскиот војник.
Американската јавност и онака во голема мера е критички настроена кон војната. Да паднеше членот на екипажот во заробеништво и да беа објавени фотографии од него во таква состојба, тоа уште понегативно ќе влијаеше врз јавното мнение, оцени за Би-Би-Си Лорел Рап, директорка на програмата за Северна Америка на тинк-тенкот Чатам хаус.
Што не е познато досега?
Досега не се знае на кој начин и со кое оружје на иранските сили им успеа да го соборат американскиот воен авион. Трамп во повеќе наврати тврдеше дека САД во војната имаат апсолутна контрола над воздушниот простор. Нејасно е и каде се наоѓаат урнатините од авионот, како и каде точно се одвивало спасувањето.