1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Некои деца се подготвени да разговараат, некои уште молчат“

10 мај 2023

Училиштата во Србија повторно почнаа со работа. Како деновиве се чувствуваат децата, наставниците и родителите? ДВ разговараше со некои од нив.

https://p.dw.com/p/4R94S
Засилени безбедносни мерки во училиштата во Србија
Засилени безбедносни мерки во училиштата во СрбијаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Неспокојно - вака многу родители во Србија деновиве го опишуваат чувството кога ги испраќаат своите деца на училиште. Така се чувствува и Ивана Петровиќ, мајка на четиринаесетгодишниот Вук. И, вели таа, тешко ѝ паѓа сознанието дека неговото школување веќе нема да биде „природно“.

„Тоа значи дека ќе има многу ограничувања кои не се ниту природни ниту нормални за децата на таа возраст“, ​​вели Ивана.

Таа смета дека државата почнала да ги лекува последиците,а не причините. „Тоа многу ме загрижува. Се плашам дека товарот на целата оваа страшна ситуацијашто настана по овие убиства повторно ќе падне врз децата и дека ќе им се создаде дополнителен притисок“.

Таа е и самокритична: „Деновиве си признав дека за 14 години откако е роден син ми, не бев доволно тука кога тоа му беше потребно. Дали е тоа во оние ситуации кога оди да спие, а сепак бара да му донесам вода за да влезам во неговата соба? Или работата ми беше поважна од заедничката прошетка, или некоја игра, или учење? Ова сознание како родител искрено и многу ме боли. Навистина се надевам дека не се разбудив предоцна“.

Безбедносни мерки училиште Србија
Ивана Петровиќ: Се плашам дека товарот на целата оваа страшна ситуација ќе падне на децатаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Доволно е само да се погледнат нивните очи“

Во речиси празниот двор на една гимназија во центарот на Ниш, двајца полицајци во униформи стојат и разговараат. Некои излегуваат, некои влегуваат во зградата. Во самото училиште владее тишина, која за момент се прекинува со ѕвонењето на ѕвончето. Потоа џагор, но не многу гласен. Нема ни многу смеење.

Шеснаесетгодишната Сара со речиси неверојатна сериозност зборува за тоа колку била вознемирена од оваа ситуација: „Зборуваме за тоа и треба да се зборува. Навистина сите мораме да признаеме дека сме потресени. Веќе не знаеме што да очекуваме од другите деца, бидејќи сите не се познаваме, но мислам дека во средните училишта нема толку страв колку што има во основните училишта“, вели таа за ДВ и додава дека наставниците постојано им кажуваат дека се тука за нив ако имаат некакви стравови и проблеми.

Полицајци пред училиште во Ниш
Полицајци пред училиште во НишФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Доволно е само да се погледнат нивните очи, се гледа дека има тага“, вели Зорица Миленковиќ. Таа предава руски јазик, како и предметот Јазик, медиуми и култура во Првата нишка гимназија „Стеван Сремац“. Вели дека за неа лично влегувањето во училница било најтешко во четвртокот, ден по трагедијата во Белград.

„Имам правило дека наставникот мора секогаш да влегува во училницата со насмевка, секогаш расположен, секогаш со некои прашања за децата. Малку да ги опуштиме, да ги воведеме во тој час. Моите ученици се навикнати на тоа. Но, не можете да го скриете изразот на лицето и говорот на телото, тоа беше јасно забележливо. Претпоставувам дека многу од моите колеги се чувствувале така“, вели професорката. Додека зборува, дише длабоко.

„Размислував што да кажам, како да им се обратам на децата, тоа беше утринска смена. И влегувам во училницата и таму молк. Едноставно гледаш сѐ во нивните очи, немаше потреба ни да ги прашуваш. Обично со ентузијазам ги прашувате, како сте деца, дали ќе имаме нов работен ден? Сега такво прашање беше несоодветно. Ја надминавме таа ситуација со тоа што едноставно почнав да зборувам за тоа како јас се чувствувам“.

Србија безбедност училиште
Зорица Миленковиќ: Во очите им гледате и тага и стравФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Наставниците се и поддршка и модел за децата

Децата тогаш, вели таа, „почнаа да се отвораат“: „Некои деца беа спремни да разговараат од самиот почеток, а некои деца сè уште молчат, не ги изразија своите чувства. Се разбира, сите се тажни. Во нивните очи можете да видите и тага и страв. Гледаш дека имаат многу да кажат, дека им се случува многу во главата, но не знаат како да кажат и што точно треба да кажат. Информациите меѓу нив се шират брзо преку социјалните мрежи и се гледа дека им делувало и страшно и тажно, а на некои далечно и неразбирливо“.

Како ќе изгледа наставата во иднина и за што треба да се води сметка? Миленковиќ вели дека не смее да се заборави дека наставниците се и поддршка и модел за децата.

„Како се чувствуваме и како се однесуваме – тие расположенија им ги пренесуваме и ним, тоа е неизбежно. И мораме да работиме многу повеќе на многу работи отколку што сме правеле досега. Потребна ни е помош од експерти, психолози, не само за родителите и учениците, туку и за оние од нас кои предаваме и работиме со деца. Мораме да ги извадиме од оваа ситуација и некако полека да се вратиме на нормална настава. Но, тоа мора да биде постепено“.

Училиште безбедност Србија
Во училиштето е главно тивко, а тишината ја прекинува само ѕвончетоФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Истовремено, професорката посочува дека треба да се направи многу повеќе за да се подигне моралот, емпатијата и хуманоста: „Мислам дека сите треба да погледнеме во себе и да посветиме многу повеќе внимание на она што го зборуваме. Одговорноста и моралот е нешто што е многу важно. Толеранција, поддршка... Постојано велам, гушни го својот другар, запознајте се подобро, видете што сакате, што ве прави среќни. Ако видите некој тажен, прашајте го, помогнете му, пружете му ја вашата поддршка. Мораме да бидеме поприврзани еден кон друг“.

Многу е важна и медиумската писменост, нагласува професорката во нишката гимназија. „И децата и возрасните треба да работат повеќе за да можат да ги разликуваат и филтрираат информациите“, посочува Миленковиќ, но нагласува и дека е „неопходно младите да знаат дека животот е убав“.

И мајката на Вук, Ивана, смета дека општеството мора да се сврти и кон убавите работи, а децата да живеат нормално. Таа вели дека не се плаши оти нешто слично може да се повтори, туку дека ја боли тоа што четиринаесетгодишниот син има потреба да ја теши. Пред неколку дена ѝ рекол: „Мамо, не грижи се, јас сум пацифист. А, освен тоа што сум пацифист, јас сум и толерантен“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема