1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собраниско финале за Буџетот за 2026

Костадин Делимитов
9 декември 2025

Структурата на народната каса ветува стабилност, но дали има потенцијал и за одржлив развој? Реакциите се поделени.

https://p.dw.com/p/54zYs
Поглед на пленарната сала на македонското Собрание
Предлог-буџетот за 2026 година, дополнет со усвоените амандмани, денеска е на дневен ред на седница на Собранието.Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

2,8 милијарди евра за плати и пензии, 654 милиони евра за капитални инвестиции, 1,7 милијарди задолжување за раздолжување, 450 милиони евра за стоки и услуги, 875 милиони евра за здравствена заштита. Ова накусо се главните ставки во предлог државната каса за 2026 година која е на завршна расправа пред пратениците. Буџетот за наредната година тежи  6,73 милијарди евра и носи повеќе пари за плати, пензии, социјални трансфери, но и нови задолжувања и помалку пари за капитални проекти. Од Владата велат дека документот треба да донесе стабилност и развој на економијата но и фискална консолидација: 

„Буџетот за 2026 година е реален, развоен и секоја ставка е многу внимателно проектирана. Ова е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски дури и во време на глобални предизвици. Со овој документ, Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и странските инвестиции. Преку мерките за фискална консолидација и поголема контрола на расходната страна, и продолжување на позитивните резултати во делот на бруто домашниот производ ќе имаме и намалување на јавниот долг“, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Владата очекува македонската економија наредната година да оствари раст од 3,8%, а инфлацијата да изнесува 2,5%. Главен двигател на растот треба да бидат домашната побарувачка, но и инвестициите во капиталните проекти. Од сегашните 768,8 милиони евра за капитални расходи, сумата за следната година се намалува на 640 милиони евра. Помалку пари, кои според Владата се сепак реална основа за ефикасна реализација на проектите во делот на железницата, енергетиката, транспортот, здравството. Расходите за плати во јавниот сектор растат за 7%, пензиите за 9,7%, а социјалните трансфери за 6,7%.  

Македонската министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на говорницата во Собранието
Македонската министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска: Буџетот за 2026 година е реален, развоен и секоја ставка е многу внимателно проектирана. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5% што во превод значи дека Владата планира да потроши околу 630 милиони евра повеќе од она што ќе успее да го собере како вкупни приходи. Ова претставува намалување во споредба со тековниот од половина процент. Овој план за опозицијата е многу амбициозен и не гарантира стабилност во клучните сектори.   

„Овој предлог буџет не е социјален, нема развојна компонента и нема капацитет континуирано да го сервисира продлабочениот дефицит во Фондот за пензиско осигурување. Се поставува прашањето, вака конструиран буџет којшто не е ниту социјален, ниту ги задоволува потребите на загрозените категории на граѓани, ниту пак може да пресретне криза, ниту е развоен, затоа што има многу мала сума на пари за капитални инвестиции“, предупреди претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Стабилност, без експанзија

Структурата на државната каса за 2026 година според експертската јавност носи неколку важни пораки и очекувања за економијата. Според универзитетскиот професор Синиша Наумовски од Универзитетот Хајделберг, документот претставува комбинација од фискална стабилизација, контролирана потрошувачка и умерено амбициозни макроекономски проекции. Клучното според него е што овој буџет е буџет на стабилност, а не на експанзија: 

„Пораката што Владата ја испраќа со овој буџет е следна. Приоритет е заштитата на животниот стандард преку зголемени плати, пензии и социјални трансфери. Исто така и Фискалната дисциплина, задолжувањето од околу 1,7 милијарди евра е калибрирано така што најголемиот дел од средствата (950 милиони Еврообврзница) служат за рефинансирање на стари долгови, а не за нови трошоци. Има претпазливост во делот на инвестициите. Капиталните расходи се намалени за околу 650 милиони евра, што ја рефлектира оценката дека досегашниот систем не може да апсорбира поголеми суми ефикасно. Наместо квантитет, се најавува фокус на подобар квалитет и изведба. Пораката е јасна: 2026 е година на стабилизација, а вистинскиот инвестициски и реформски циклус се планира за 2027 година, кога треба да профункционираат и кредитните линии од Велика Британија, кои не се планирани за следната 2026 година“изјави за Дојче веле професорот Наумовски.  

Банкноти и монети на македонскиот денар
Предлог буџет за 2026 година: Планирани приходи - 374,9 милијарди денари, расходите - 414,2 милијарди денариФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Умерен оптимизам околу растот

Проекцијата за растот на домашната економија од 3,8% според Наумовски е умерено оптимистична, но не и нереална. За таа и да се оствари, сепак има и одредени предуслови:

„За остварување на прогнозите за растот клучно е да има стабилна политичка и економска клима, навремена реализација на капиталните расходи, добра туристичка сезона и стабилни извозни пазари. Инфлацијата од 2,5% е конзервативно поставена и во линија со трендовите на дезинфлација во регионот. Буџетскиот дефицит од 3,5% е во рамките на дозволивото, особено во услови кога земјата сè уште се опоравува од повеќегодишни кризи. Оттука би нагласил дека буџетот е реалистичен, претпазлив и стабилизациски, но не е развоен во суштинска смисла. Тој овозможува финансиска стабилност и социјална заштита во краток рок, но растот ќе остане умерен доколку паралелно не се спроведат сериозни структурни реформи и не се зајакне капацитетот за реализација на капитални инвестиции. 2026 може да биде година на стабилност – но 2027 мора да биде година на реформи и инвестиции, ако земјата сака да воспостави повисок и одржлив економски раст во 2027 и 2028 година“, укажува Наумовски. 

Клучни ризици

Во редот на позитивните очекувања, Наумовски ги наведува ценовната стабилност, благиот раст поттикнат од потрошувачката и индустрискиот извоз, стабилноста на финансирањето на обврските без шокови на пазарите и подобра ликвидност во јавниот сектор. Сепак овие прогнози зависат и од ризиците кои се повеќе и кон кои треба да се постапува со сериозна внимателност:

„Ниската реализација на капиталните инвестиции традиционално е најслаба точка на буџетите. Намалувањето на капиталните расходи не е само фискална мерка, тоа е и признание дека системот нема капацитет да троши големи износи продуктивно. Ако реализацијата повторно биде слаба, тоа ќе го ограничи растот. Дополнителен ризик е и високата зависност од задолжување, иако оваа година поголемиот дел од задолжувањето е за рефинансирање. Тоа покажува дека економијата продолжува да „живее на кредит“. Ова создава ранливост ако меѓународните каматни стапки повторно се зголемат. Дополнително, политичка неизвесност и реформска инерција - секоја одложена реформа – во управата, енергетиката, правосудството – има директен ефект врз инвеститорската доверба и врз долгорочниот раст. Како надворешни ризици, треба да се наведат зависноста од германската економија, геополитичките тензии, можни нарушувања во синџирите на снабдување.  

Приоритетни проекти

Клучните приоритети во делот на капиталните инвестиции се доминантно во делот на патната и железничката инфраструктура. Предвидено е да се градат неколкуте делници долж Коридорот 8 од Тетово до Кичево. Исто така и да заврши реализацијата на автопатската делница од Кичево до Охрид. Планирани се средства и за изградба на вториот дел од пругата кон Бугарија, изградба и опремување на железничка станица Табановце, на границата со Србија, регионална станица за цврст отпад како и за пречистителни станици во Битола и Тетово. Повеќе средства ќе има и за општините, министерството за социјална политика, за економија и труд и за енергетика. Планот е да се навабуваат нови амбулантни возила но и нови автобуси за градскиот сообраќаен превоз.

Незадоволни синдикалци

Фактот дека во буџетот за 2026 година растат средствата за плати и пензии не ги прави среќни синдикалците во државата. Особено не оние во Сојузот на синдикати, најстарата и најголема синдикална организација, која има низа забелешки. Клучната е во делот на платите, пред се минималната, која инсистираат да порасне над 500 евра:

„Во новиот буџет се предвидува зголемување на средствата за плати за околу 7% што ни од далеку не е доволно за подобрување на животниот стандард на македонскиот работник во услови на инфлација од 4,5%, а само на храната и пијалоците од 7%. Ако се има во предвид дека оваа година во буџетот имаше предвидено повеќе од 13,5% зголемување на средствата за плати, а платите се зголемија помеѓу 5 и 10% иако со Општиот колективен договор за јавен сектор зголемувањето требаше да изнесува 12,6%,  па со сегашните 7,5%, очигледна е намерата да нема позначајно зголемување на платите наредната година. Уште повеќе загрижува што нема предвидено ниту средства за зголемување на минималната плата како што тоа се прави во регионот, па тоа е сигнал работниците заедно со синдикатите по друг пат да се изборат за раст на минималната плата и за раст на останатите плати“, изјави за Дојче веле Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати. 

Влезот во зградата седиште на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Покрај логото на влезот има натпис на кој пишува протест
Сојузот на синдикати има низа забелешки на предлог буџетот за 2026 година. Клучната е во делот на платите, пред се минималната, која инсистираат да порасне над 500 евра.Фотографија: Kostadin Delimitov

Она што дополнително ги иритира синдикалците е непочитувањето на обврската за информирање и нивно учество во процесот на подготовка на буџетот: 

„ССМ во континуитет укажува на обврска за информирање на работниците за прашања кои се од значење за нивната економска и социјална положба. Во оваа насока сакаме да истакнеме дека ниту во процесот на подготовка на новиот буџет ниту во постапката на негово донесување,   ниту сме информирани, ниту пак сме поканети да учествуваме на Комисијата за финансирање и буџет, а во врска со носењето на новиот буџет. Дел од синдикатите здружени во ССМ доставија барање за предвидување на дополнителни средства во буџетот за зголемување на платите, но според јавно достапните информации ниту еден предлог не беше прифатен“, предупредува Трендафилов.

Прогнозите дека буџетскиот дефицит се намалува се охрабрувачки, но она што загрижува според упатените се високите средства кои се планираат да се обезбедат преку задолжување на меѓународниот и домашниот пазар. Планот е државата вкупно да се задолжи за 1,9 милијарди евра, од кои 1,38 милијарди од надвор, а 579 од домашни извори. Најголем дел од овие пари ќе се употребат за раздолжување за кое ќе се потрошат 1,26 милијарди евра.

Освен што повеќе ќе се задолжува, државата планира годинава да има поголеми приходи и од наплата на даноци. Конкретно, по овој основ се планираат приходи од речиси 3,5 милијарди евра, што во споредба со буџетот од тековната година е зголемување од 6%. На приходната страна се очекуваат повеќе пари и од данокот на личен доход за 8,7%. Најголем пораст треба да има кај приходите од данокот на добивка од над 14%. Од наплатата на данок на додадена вредност во државната каса ќе се инкасираат 1,5 милијарди евра. Акцизите пак се планира да опфатат 582 милиони евра или 1,3% повеќе. Најмногу средства ќе се обезбедат од социјални придонеси, околу 1,9 милијарди евра. Ваквите амбициозни планови главно се засноваат на претстојниот процес на воведување електронска фактура, дигитализација на процесите, но и стратегијата за намалување на сивата економија.