1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваСеверна Македонија

Малата Ембла - жртва на предрасуди и стигматизација

ДТЗ
3 февруари 2022

Проблемот е во возрасните полни со предрасуди, а не во малата Ембла. Организации и граѓани на социјалните мрежи порачаа дека ќе застанат зад девојчето со Даунов синдром во секоја негова битка.

https://p.dw.com/p/46SQL
Niederlande Give Down the Future Fußballturnier
Децата со попреченост не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други, вели министерот ШаќириФотографија: Getty Images/AFP/R. Utrecht

Единаесетгодишната Ембла од Гостивар, дете со Даунов синдром, со еден ден задоцнување тргна на училиште. Но, место да седне до своите соученици, таа наставата во ОУ „Башкими“ ја следеше сама. Останатите ученици ја бојкотираа наставата, откако нивните родители испратија петиција во која наведуваат дека одлуката да не ги пуштаат своите деца на настава  ја донеле „поради попречување на наставата од страна на ученичката Ембла и поради агресивност“. 

„Ембла не ја почувствува радоста од повторното враќање во училишните клупи на првиот ден од второто полугодие, затоа што, за жал, во нашето општество сѐ уште постојат стереотипни размислувања и предрасуди за луѓето со посебни потреби“, вели министерот за образование, Јетон Шаќири, откако случајот во Гостивар доби голем медиумски одек. Додека за дел од здруженијата за лица со Даунов синдром е незамисливо во 21 век сѐ уште да има вакви случаи на стигматизација во општестото, коишто се за осуда, други укажуваат дека станува збор за системски проблем, каде децата со Даунов синдром се чувствуваат како товар и проблем. 

„Петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на нашето општество кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас. Проблемот е во возрасните полни со предрасуди, а не во малата Ембла“, укажуваат од Хелсиншкиот комитет за заштита на човекови права. Инспекторати и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе го истражуваат случајот. 

Осуда и поддршка 

Јамболка Димитрова, претседателката на здружението за лица со Даунов синдром, „Трисомија 21“ за ДВ вели дека е изненадена од информациите за бојкот во училиштето во Гостивар. Таа е загрижена зошто директорот и наставниците не застанале во одбрана на детето со Даунов синдром. Нивната вина ја гледа во тоа што не презеле ништо за да ги убедат родителите дека нивните деца се безбедни на училиште и дека нема да дозволат да им се случи ништо. 

„Децата со Даунов синдром не се агресивни, тие најчесто се мирни и нивното однесување не е непредвидливо. Проблемот е што наставниот кадар не сака да има дополнителен товар со децата со посебни потреби, бидејќи е неопходно да се изработува индивидуална програма за работа со нив“, вели Димитрова.

Токму тука таа го гледа изворот на проблемите, поради што укажува дека е неопходно надлежните институции да изготват програми за работа со децата, коишто ќе се применуваат во училиштата и ќе им дадат насоки на наставниците како да го прилагодат начинот на учење на нивните потреби. 

Иако работите се сменети изминативе години во однос на третманот на лицата со посебни потреби, сепак, гостиварскиот случај покажува дека битката не е до крај извојувана. 

Медиумите ја пренесоа  изјавата на директорот на ОУ „Башкими“, Зијадин Нуредини, дека се договориле со родителите на Ембла, таа „да циркулира и да ротира во три паралелки“ за да не остане само во една училница. Девојчето го посетиле и претставници на Центарот за деца со посебни потреби „Хандимак“ од каде што изјавиле дека таа никогаш не била агресивна. 

„Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други. Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме, да создадеме услови во кои секое дете ќе го развива и ќе го реализира својот полн потенцијал“, вели министерот Шаќири.

Тој посочува дека подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем е врвен приоритет и процес кој ќе продолжат да го спроведуваат. „Драга Ембла, ти посакувам успех во понатамошната едукација. Застанувам позади тебе во секоја следна битка“, порача Шаќири на социјалните мрежи. 

Пораз на општеството 

Хелсиншкиот комитет оценува дека петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на општеството кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас.  „Вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над основните принципи на солидарност и емпатија. Раководството на образовната установа во Гостивар со своите дејствија се приклучило кон дискриминаторите, наместо да се стави во заштита на едно дете, за чија инклузија има не само морална, туку и законска обврска“, укажуваат од Хелсиншки комитет.

#dw_BalkanBooster: Честитки со љубов од лицата со Даунов синдром

Тие подготвуваат претставки и дописи до повеќе институции со кои бараат Општина Гостивар итно да го разреши директорот кој дозволил ваков развој на настаните и крајно дискриминаторски третман кон малата Ембла. Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат треба да извршат надзор во училиштето и да ги преземат сите мерки за да ја заштитат ученичката, како и да ги обезбедат сите услови за нејзина инклузија во наставата, а Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да информира за сите сознанија до кои ќе дојде при работата на овој случај.

Многумина случајот во Гостивар го потсети на немилите настани од селото Тимјаник, на 11 јуни 2018 година, кога жителите протестираа и се мобилизираа за да го изразат својот револт пред тогашната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска, поради најавата за згрижување на четири деца со посебни потреби во објект во центарот на селото.

-повеќе на темата: Тимјаник- слика и прилика за Македонија

„Лекциите како 'Тимјаник' очигледно се повторуваат, без да се научат. Бидејќи проблемот не е и не може да биде во децата со попреченост. Проблемот е во синдромот на нечовечност кој безобѕирно се манифестира и врз најневините“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Според нив, санкциите и институционалниот одговор се неопходни, но не се доволни за да се искоренат дискриминаторските практики кон лицата со попреченост. Токму затоа, сите чинители мора да се вклучат во изнаоѓање решенија кои ќе спречат повторување на вакви случаи, преку континуирани советувања и обуки наменети за родители, наставници и ученици.