1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиШвајцарија

Шестмина загинати во пожар во швајцарски автобус

ЖА / агенции
11 март 2026

Шест луѓе загинаа кога автобус целосно изгоре во Керцерс, Швајцарија. Полицијата не исклучува подметнување пожар, но нема индиции за тероризам. Според сведок, човек се полеал со бензин и се запалил

https://p.dw.com/p/5A9Dh
Остатоци од изгорениот автобус во Швајцарија
Најмалку шест лица го загубиле животот во пожар што избувнал во автобус во швајцарското место КерцерсФотографија: Alessandro Della Valle/dpa/picture alliance

Најмалку шест лица го загубиле животот во пожар што избувнал во автобус во швајцарското место Керцерс, во кантонот Фрајбург. Полицијата соопшти дека уште најмалку пет лица се повредени, меѓу кои и еден припадник на итната медицинска служба.

На снимки што кружат на социјалните мрежи се гледа автобус зафатен од пламен, со огнени јазици високи неколку метри и густа црна чадна завеса која се издигнува кон небото. Иако пожарникарите брзо интервенирале и ги изгаснале пламените, возилото целосно изгорело.

Полицијата не исклучува можност за намерно подметнување пожар

Швајцарската полиција соопшти дека постои сомневање дека пожарот би можел да биде подметнат. „Намерна постапка е можно сценарио за оваа трагедија“, наведоа властите во вечерното соопштение. „Можно е пожарот да бил предизвикан со умисла.“

Весникот „Блик“ пренесе сведоштво од очевидеца кој тврдел дека маж во автобусот истурил бензин и потоа се самозапалил. Полицијата потврди дека ги има добиено овие информации, но нагласи дека засега не може официјално да ги потврди. Истовремено, истражителите посочија дека нема индиции дека станува збор за терористички напад.

Според досегашните информации, автобусот на компанијата „Поштаутобус“ сообраќал на редовната релација меѓу Дидинген и Керцерс. Оваа линија е дел од мрежата што поврзува претежно рурални подрачја во Швајцарија. Пожарот избувнал непосредно пред крајната станица во Керцерс, лоциран околу 26 километри западно од Берн.

Реакции од швајцарскиот државен врв

Швајцарскиот претседател Ги Пармелен изрази длабоко жалење за трагедијата. На платформата X објави дека е „длабоко погоден“ и „тажен што повторно животи се изгубени во тежок пожар“.

Тој потсети дека ова е втор голем пожар со жртви за краток период. На Нова година, во познатиот ски-центар  Кран-Монтана,  во пожар  загинаа 40 лица,  меѓу кои и многу млади.