1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шекерова премина во ДУИ

3 август 2023

Веднаш по најавата за формирање на Демократско Движење, на сцена испливаа модусите со кои ДУИ ќе делува против опозицијата. Проблемот е што тие се често одбивни за гласачите. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/4Ui5u
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Некој ги нарекува Леси, други ги именуваат Бумеранг, но во секој случај провокаторите и „спијачите” кои ДУИ ги расеја низ албанската политичка сцена лека-полека се враќаат дома во скутот на мајката ДУИ. Нивната мисија започна во 2015/16 кога на бранот на незадоволството од груевизмот, на сцена – како под команда – се појавија некои нови, дотогаш помалку познати ликови. Кои одделно и заедно требаа да дадат привид на „различност” или опозиција кон интегристите. Пред се, нивната улога беше да ги спречат, подријат, компромитираат и онеспособат вистинските противници на ДУИ.

Гледано во поширок контекст, појавата на такви „млади лавови на стари лисици” беше само албанска верзија на претходната стратегија на Груевски за подривање на СДСМ преку формирање СДПМ и номинирање кандидати како Рада Шекерова, Зоран Зашев. За разлика од апла-провидноста на триковите на Никола, ефектот во албанскиот камп беше со троа подобар резултат за ДУИ на изборите 2020. Заедничкото, сепак, е што со таквуте екс-партиски подметнувања, и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ неволно ја признаваа ерозијата на сопствениот авторитет кој треба да се спасува низ подривање на ривалите.  

Реактивирање на излитен модел

Очигледно, Артан Груби и неговиот клан чувствуваат потреба за повторно реактивирање и ре-употреба на овој, веќе излитен модел. Но сега со единствена цела – компромитирање, ширење магла, демотивирање и подривање на окрупнувањето на опозицијата предводена од Меџити, Касами, Гаши. Паничното избрзување со најавите за нови партии (ден по објавата на ОЛАФ за 18 истраги поврзани со Министерството за земјоделство) или пак на отфрлените пратеници на Алтернатива, е јасна единица мерка за нелагодноста во Мала Речица предизвикана од заминувањето на Меџити. Спротивно на замисленото и посакуваното слабеење на окрупнетата опозиција, ваквите потези во очите на Албанците повеќе предизвикуваат потсмев и иритација, отколку надеж и оптимизам. 

Веднаш по најавата за формирање на Демократско движење, на сцена испливаа модусите низ кои ДУИ ќе делува против опозицијата. Едни задолжени за директно сатанизирање на самиот Меџити, други за заплашување на неговите партнери, трети за релативизација, четврти за уфрлање сомнеж итн. Проблемот со тој пристап е што ликовите кои предничат во ударот против опозицијата се често одбивни за гласачите, синоним за превртливост, партиска проституција, закоравеност во корупција и генерално одбележани кои повеќе одбиваат отколку што привлекуваат гласачи. Одлуката на Меџити, Касами, Гаши да ги игнорираат и не реагираат на таквите провокации уште повеќе и однапред ја покопаа намерата да преку дефанзивни полемики се дефакторизираат себеси и паднат во бескрајни циклуси на обвинувања и контра-обвинувања. Тоа секако не значи дека пред нив патот е расчистен. 

Седиштето на ДУИ во Мала Речица
Седиштето на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

За очекување е дека по сегашните обиди со веќе видени и излитени ликови, ДУИ допрва ќе пристапи кон нови, есенско-зимски форми на дефокусирање и обесхрабрување на граѓаните од опозициското окрупнување. Но есента носи нови предизвици, нови проблеми, нови санкционирани ликови кои не верувам дека ќе бидат од голема помош за опозицијата, но секако ќе имаат катастрофални последици за ДУИ. Токму последните санкции од САД кон водството на Република Српска, кои во последната година се фалеа со сликички со Ескобар или Шоле, дополнително ја јакнат неизвесноста во ДУИ, но не помалку и во ВМРО-ДПМНЕ. Нападните обиди да се престават како „најголем партнер на меѓународната заедница” се повеќе личат на ишкање болви од капата и молежливи суеверија дека тркалото нема да ги опфати и нив. Или барем сета приказна се сведе на еден курбан Мерко.

Албанците и уставните измени

Дел од тие нови предизвици се веќе јасно видливи во тековните полемики во албанското општество во врска со уставните измени. Секако, апсолутното мнозинство на Албанците ги сметаат и подржуваат измените како начин за обезбедување нивна рампноправност, почит за идентитетот и особено третманот на албанскиот јазик. Тоа секако не е прашање на било каква дилема, освен во однос кон ДУИ и Алијансата кои со лицемерниот однос кон албанскиот јазик се принудени да паднат врз својот меч на дадени и неисполнети ветувања. Едногласноста на Албанците околу уставните измени е воедно и најсилниот фактор на недоверба во оправдувањата или ветувањата на ДУИ и Алијансата, длабоко компромитирани од свежите сеќавања за нивната лицемерност.

Но непријатностите за Груби и Кренар Лога се простират и врз односот на Албанците кон вклучувањето на Бугарите во Уставот, кој барем засега не се одвива според замислите и интересите на ДУИ и Алијанса. За разлика од трговско-пазарџискиот однос на ДУИ и Алијанса, Албанците имаат прилично поинакво гледање врз прашањето кое ги вознемирува или дели сограѓаните Македонци. А тоа гледање е основата на дилемата помеѓу принципиелноста или политканството во однос кон вклучувањето на Бугарите во Уставот.

Принципиелно, Албанците не сакаат и не би прифатиле да гласаат за уставни измени со кои се загрозува идентитетот или јазикот на кој било народ. Дури и кога станува збор за оние кои сесредно и со сите сили се обидуваа да го негираат албанскиот идентитет, јазик, автохтоност. Клучниот аспект на тој принципиелен став не е вперен кон самите Бугари, ниту е диктиран од алтруизмот кон Македонците, туку е формиран од сопствените искуства поврзани со негирањето или манипулациите со идентитетските прашања. Поедноставено, станува збор принципиелен став на сочуствување, не на анимозитет и симпатија.

Политички, пак, Албанците чувствуваат дека треба да гласаат за уставните измени токму поради манипулациите и експлоатацијата на македонските идентитски предизвици од страна на српската олигархија во Скопје и нејзините испостави во ВМРО-ДПМНЕ. Од таа точка на гледање, Албанците сметаат дека олигархијата, естаблишментот и ВМРО-ДПМНЕ се поголема закана за македонскиот прашања, додека пак членството во ЕУ е спас за идентитетот, јазикот, културата и самобитноста на нивните сограѓани Македонци. 

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Извлечени поуки

Таа дилема на Албанците е, повторно, делумно исход на сопствените идентитетски предзвици и искуства, но многу повеќе нус-ефект на извлечените поуки од циничните, превртливи, пазарџиски и релативистички политики на етно-македонскиот естаблишмент, партии, олигарси,  академци и свештенство кон македонскиот идентитет, култура, историја и на крај – самиот народ. Имено, Албанците се свесни дека не треба да се поведуваат кон или определуваат според оние кои пред пет или шест години пежоративно извикуваа „Бугари, Бугари” пред општински бараки, ниту пак кон оние кои со џамче од пластично шише сакаат да сечат вени за одбрана на „најсветото македонско”. Кај Албанците не врват ниту крокодилските убедувања на сдмс-штовината, ниту заканувачко-потпалувачките пренемагања на вмровштината. А и зошто би, кога Албанците помалку го имаат загрозено македонскиот јазик, историја, култура отколу што то го имаат сторено Кљусев и Глигоров, Груевски и Бучковски, Георгиевски и Црвенковски, Заев и Димитриевски, Димитрови и Пендаровски, а за Христијан Мицковски и Александар Николовски воопшто да не зборуваме. Често во име на македонството, почесто во полза на привилегиите на часот.

За разлика од Македонците зашеметени од виорот и галамата на псевдо-медиумите и псеудо-јавноста, Албанците се научени помалку да веруваат во службените верзии и повеќе ја читаат вистината скриена во неодговорените прашања и молкот помеѓу речениците. Албанците имаат разбирање зошто Македонците одмолчуваат, но воедно немаат причина да заборават на сите неодговорени прашања исправени пред патријотската камарила на македонците околу бугарските пасоши, околу врските на врмовските политичари со Мултигруп, кафеанските мулти-идентитети, па се до чудните дружби во Скопје на некогаш истомислениците а денес жолчни опоненти од Скопје и Софија, уште од времето на Цола Драгојчева. Секое уверување дадено на Албанците, од самите Албанци се става на кантар мерење со наведените контратегови и контратези. И тоа не може да го сменат ниту ДУИ, ниту Алијанса или Движењето на Меџити, а најмалку од сите компромитираните водства на ВМРО и СДСМ. Дотолку повеќе што, како што напати се има случено, денешните опоненти набргу може да се првертат во пропоненти – и обратно. А притоа, сомнежот и обвинувањата кон Албанците да останат константа.

Единствените кои можат да ги (раз)убедат Албанците се самите Македонци. Но, кој нив, Македонците, навистина ги претставува без кусур, зад грб прекрстени прсти, без намигнување, итроштина, „сачекуша“ и со зборови полни искреност? Начинот на комуникација на „идентитетски загрижените” експоненти од ВМРО, но делумно и од СДСМ, вперено кон Албанците повеќе е скроен да ги мотивира да гласаат за уставни Измени отколку против. Што секако не може да биде само плод на „емотивни изблици”, туку  се повеќе наликува на смислена стратегија за префрлање на вината (во случај на усвојување на измените) и смислено конструирање на „мачеништвото на предадените” и аргумент за понатамошна омраза. Во очите на Албанците, навикнати на подметнувањата од олигархијата и псевдо-патриотите, тоа е премногу провидна игра за да биде прифатена. Но колкава или каква и да е добрата волја од страна на Албанците, таа не е и не може да биде доволна за да се спречи или излечи апетитот за самодеструкција на челништвата кои ги предводат нивните сограѓани.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема