1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се подготвува терен за споменик кај Карпалак

ДТЗ
2 октомври 2023

Министерството за одбрана, по бројните сопки, ги заобиколи општините и ја започна постапката за изградба на споменици на загинатите бранители кај Карпалак, Вејце и Љуботенски бачила

https://p.dw.com/p/4X2yN
Славјанка Петровска
Се подготвува терен за споменик кај КарпалакФотографија: MOD North Macedonia

По бројните сопки коишто ги имаше изминативе години, Министерството за одбрана ги заобиколи општините и ја започна постапката за изградба на спомениците на загинатите бранители во месноста Љуботенски бачила, на Карпалак и во Вејце. Ваквата можност се отвори по заклучокот на Владата донесен на 28 август, со кој ингеренциите за местата на кои загинале македонските бранители беа пренесени на Министерството за одбрана, кое што веќе ја започна постапката за изградба на споменици. 

„Со оглед на обидот на градоначалниците на општините до кои беше поднесена иницијативата да ја политизираат оваа иницијатива, министерката за одбрана Славјанка Петровска, сакајќи да се зачува ликот, делото и жртвата на загинатите бранители, започна со постапка за која не е потребна согласност од општините, а ќе овозможи изградба на овие споменици на споменатите локации“, информираат од Министерството за одбрана. 

Со ова се стави крај на полемиката дали по 22 години ќе се изградат достојни споменици на кои ќе им се одаде почит на загинатите десетмина припадници на резервниот армиски корпус кај местото Карпалак на автопатот Скопје–Тетово, но и на загинатите кај Вејце и Љуботенски бачила. 

Тетово
Министерството за одбрана ја започна постапката за изградба на спомениците на загинатите бранители кај Вејце, Карпалак и Љуботенски бачилаФотографија: Georgi Likovski/dpaweb/dpa/picture-alliance

Опструкции

На 8 август, на одбележувањето на годишнината, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, од Карпалак порача дека херојството на прилепските припадници на Армијата кои загинаа во заседа никогаш нема да биде заборавено. Таа најави дека ќе испрати барање до Општина Желино за дозвола за изградба на споменик, кој би бил целосно финансиран и реализиран од страна на Министерството за одбрана.

Но, од Општина Желино ја префрлија топката околу надлежностите за градба. Градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу и порача на Петровска треба да се обрати до ЈП за државни патишта, бидејќи споменикот треба да се гради на самиот автопат. Министерката за одбрана му возвратина градоначалникот на Желино да не мудрува и да постапи по иницијативата „која е читко и јасно напишана, каде се цитирани одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја“. 

Министерката за одбрана претходно побара дозвола и за изградба на споменик за загинатите војници кај Вејце, Тетово, како и за осуммината македонски бранители од резервниот состав на Армијата, кои загинаа кога воен камион на АРМ нагази на мини.