1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Расте бројот на арбитражни спорови против Македонија

ДТЗ
23 август 2023

Вкупната вредност на арбитражните постапки кои што се водат против Северна Македонија изнесува 1,36 милијарди евра. Најновиот спор е покренат поради закочен проект за изградба на хотел во Скопје.

https://p.dw.com/p/4VRLg
Скопје
Спорот е покренат поради закочен проект за изградба на хотел во Скопје.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Албанска компанија поднесе тужба против Северна Македонија во висина од 110 милиони американски долари пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови (ICSID) поради закочениот проект за изградба на хотел и трговски центар во главниот град Скопје. Веста ја објави Global Arbitration Review, кој наведува дека на 18 август било регистрирано барањето поднесено од Амадеус групацијата со седиште во Тирана, која се опишува себеси како комерцијален развивач и водечки дистрибутер на инфраструктурата за снабдување со електрична енергија низ Балканот. Случајот е поднесен според билатералниот инвестициски договор меѓу Северна Македонија и Албанија.

Ова е најновиот арбитражен спор којшто е покренат против земјата. Вкупната вредност на арбитражните постапки кои што во моментот се водат против Северна Македонија изнесува 1,36 милијарди евра, при што станува збор само за основицата, без камати, со кои износот може да се зголеми и над 1,5 милијарди евра. Постапките се речиси една третина од Буџетот за 2023 година, или околу осум отсто од домашниот БДП. 

Закочен план за градба на хотел 

Амадеус и нејзината подружница во Северна Македонија се застапувани од трговскиот адвокат и инвестициски банкар Барт Фишер и Грегори Јуинг во Правната групација Потомак во Вашингтон, како и Ѓорѓи Доновски од Скопје. Државата се уште нема именувано бранител.

Тврдењето се однесува на закочениот план на Амадеус за изградба на хотел и трговски центар на централниот плоштад во Скопје. Компанијата вели дека победила на јавен тендер во 2012 година и добила првични дозволи за проектот пред да наиде на противење од општината, за која тврди дека индиректно и директно ја експроприрала нејзината инвестиција спречувајќи ја групата да започне со изградба.

Плоштад Скопје Македонија
Албанска компанија сакала да гради хотел во центарот на СкопјеФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Амадеус тврди дека добил наредби од македонските судови, Министерството за транспорт и државниот народен правобранител за поништување на одлуката, но дека општината тврди дека тие го прекршиле договорот поради неотпочнување на изградба. Амадеус вели дека локалната власт оттогаш ги укинала дозволите и лиценците на групата. 

Минатиот месец тужба пристигна и од  италијанска компанија поради концесија за управување со една од најголемите депонии во Европа. Станува збор за италијанската компанија „ФЛЦ амбиенте“ која поднесе тужба за прекршување на договорот за управување со депонијата „Дрисла“. Компанијата беше концесионер на „Дрисла“, а случајот датира од 2013 година.

Тие ветија големо модернизирање на депонијата, но нивното стопанисување се оспоруваше веднаш по добивањето на тендерот. Град Скопје го раскина договорот со италијанската фирма, по што германската компанија „Шолц“ ја доби под концесија депонијата „Дрисла“, по 6-годишна судска битка. 

Арбитражни спорови против Македонија

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, минатиот месец информираше дека Владата прави сѐ за да го заштити интересот на државата и да не се плати ниту денар повеќе од што е потребно по основа на арбитражните спорови.

На оваа листата влегуваат споровите на „Кунико ресорсис“ од Холандија за „Фени индустрис“, потоа две постапки од индиски „Бинани“ во врска со рудникот „Злетово“, на „Хеленик Петролеум“ за „Окта“, постапката на Блажо Тасев против државата за рудникот „Саса“, потоа на повеќе украински инвеститори во врска со рудникот „Казандол“, како и на турски „Гама Гуч“ за „Те-То“ како и спорот на италијанската компанија „Инсо системи“ во врска со изградбата на Клиничкиот центар во рамки на комплексот „Мајка Тереза“ во Скопје.

пари тужби
Вкупната вредност на арбитражните постапки кои што се водат против Северна Македонија изнесува 1,36 милијарди евраФотографија: Marén Wischnewski / Fotolia

Северна Македонија досега го доби спорот со холандската компанија „Кунико ресорсис“ која бараше 74 милиони долари штета за „незаконска стечајна постапка за Фени“. Холандската компанија треба да плати три милиони долари на адвокатската компанија која ја застапуваше С.Македонија. Единствениот арбитражен спор кој земјата го загуби е со „Хеленик петролеум“ за рафинеријата ОКТА, за што треба да и плати 21 милион евра на грчката компанија.

Во моментов активни се неколку спорови за кои се чека одлука. Во најава е и арбитражна постапка за рудниците „Иловица- Штука“ во Струмичко.

Државниот завод за ревизија во ревизорски извештај за работењето на Владата во 2021 година исто така нотираше дека ако Македонија ги изгуби покренатите арбитражни постапки ќе треба да плати повеќе од една милијарда евра оштети. Во период од 2018 до 2022 година во тек се пет арбитражни постапки против Северна Македонија, за кои се исплатени средства за адвокатски услуги во вкупен износ од 15,6 милиони евра.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема