1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД подигнуваат обвинение против Раул Кастро

ЕМФ | агенции
21 мај 2026

Администрацијата на Доналд Трамп бара поранешниот претседател на Куба да биде изведен пред суд во САД – доброволно или „на друг начин“. Хавана смета дека обвинението против Раул Кастро е изговор.

https://p.dw.com/p/5E4iN
Куба, Хавана 2025 | Раул Кастро на парадата за 1 мај на Плоштадот на револуцијата
Раул Кастро на минатогодишната парада за 1 мај на Плоштадот на револуцијата во ХаванаФотографија: Ramon Espinosa/AP Photo/picture alliance

Со тужбата против поранешниот лидер на Куба, Раул Кастро, САД го засилуваат притисокот врз социјалистички управуваната карипска држава. Актуелниот американски министер за правда Тод Бланш во средата (20.05) поднесе обвинение против 94-годишниот Кастро. Во него на Кастро му се припишува значајна улога во соборувањето на неколку мали авиони од страна на кубанското воздухопловство во 1996 година, при што загинаа и тројца американски државјани.

Владата во Хавана остро ја осуди американската тужба, нарекувајќи ја нелегална и политички мотивирана акција. Таа во неа гледа изговор за можни воени мерки против Куба.

Владата на американскиот претседател Доналд Трамп со месеци врши силен притисок врз Куба, воведе санкции и дури се закани со преземање на островската држава. Сега напнатоста меѓу Вашингтон и Хавана би можела дополнително значително да се заостри.

Што му се става на товар на Раул Кастро

На Раул Кастро во обвинението, меѓу другото, му се ставаат на товар четири убиства, како и уништување на повеќе авиони. Според Бланш, пред 30 години, како тогашен министер за одбрана, тој наводно бил одговорен за синџир на наредби кој довел до тоа кубански борбени авиони да отворат оган врз два цивилни Цесна-авиони над меѓународни води.

Покрај Раул Кастро, обвинети се и уште пет лица за различни кривични дела, кои според обвинителниот акт тогаш биле кубански воени пилоти. За случајот е надлежен федерален суд во американската сојузна држава Флорида.

Бланш нагласи дека Раул Кастро мора да дојде во САД за судењето – без разлика како. „Очекуваме тој да се појави овде или доброволно или на друг начин“, изјави тој во Мајами, без да даде дополнителни детали.

Сеќавања на односот кон Мадуро

Американската тужба против Кастро буди сеќавања на постапувањето на САД кон венецуелскиот – во меѓувреме соборен – претседател Николас Мадуро. Администрацијата на Трамп го оправда воениот ангажман во таа јужноамериканска земја и заробувањето на Мадуро од американски специјални единици на почетокот на годината, меѓу другото, со обвинение против автократот. Нему треба да му биде судено во Њујорк поради наводна вмешаност во трговија со дрога. Мадуро ги негира обвинувањата.

Во американските медиуми, пак, различни експерти оценија дека сличен воен напад како во Венецуела е малку веројатен во случајот со Куба. Тие го протолкуваа обвинението како силен сигнал и психолошко средство за притисок, со цел да се посее страв во кубанскиот апарат на власт.

Иако Раул Кастро во 2018 година се повлече од претседателската функција, а во 2021 година од челото на Комунистичката партија, тој и понатаму е влијателен како помлад брат на легендарниот револуционерен водач Фидел Кастро и како еден од последните претставници на генерацијата револуционери. Се смета за клучна фигура што делува зад сцената во комунистичката влада на претседателот Мигел Дијаз-Канел и, како поранешен министер за одбрана, има силни врски во моќната армија.

Дијаз-Канел реагираше со критика и контраобвинување: „Станува збор за политичка акција без никаква правна основа, која има за цел да создаде изговор за да се оправда лудоста на воена агресија против Куба“, напиша тој на платформата X.

Политиката на Трамп и Рубио кон Куба

Односите меѓу двете земји се затегнати уште од кубанската револуција во 1959 година. Со почетокот на вториот мандат на Трамп, состојбата дополнително се влоши: неговата администрација со месеци го зголемува притисокот за да изнуди економски и политички промени во Куба во интерес на САД. Трамп повеќепати спомена и можност за преземање на Куба. И неговиот министер за надворешни работи Марко Рубио, син на кубански имигранти, веќе долго време се надева на промена на власта во Куба.

Минатото на Куба се среќава со нејзината неизвесна иднина

На прашањето на новинарка што следува во однос на Куба, Трамп во средата (20.05) не даде конкретен одговор. Тој рече: „Ќе ја ослободиме Куба“, но на дополнително прашање нагласи дека нема да има ескалација. „Не мислам дека тоа е неопходно. Видете, таму системот се распаѓа. Тоа е хаос“, изјави американскиот претседател. „Тие навистина ја изгубија контролата врз Куба.“

Меѓу Вашингтон и Хавана веќе неколку месеци се водат разговори, за чија содржина досега ништо не е објавено во јавноста. Според медиумски извештаи, во нив клучна улога има внук на Раул Кастро. Раул Гиљермо Родригез Кастро важи за најблизок човек од доверба на својот дедо.

Куба страда од најтешката економска криза во последните децении. Состојбата дополнително се влошува поради сериозен недостиг на енергија, бидејќи американската влада од јануари воведе нафтена блокада кон островската држава. Постојано има повеќечасовни прекини на електричната енергија, а недостигаат гориво, храна и многу други основни намирници.

Куба во тотален мрак - прекин на струја на целиот остров