1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиПалестински територии

67 новинари убиени годинава - речиси половина во Газа

СН/агенции
9 декември 2025

Појасот Газа годинава беше најопасно место во светот за работа за новинарите, покажува годишниот извештај на Репортери без граници. Според него, 67 новинари се убиени во 2025, од кои 29 од страна на израелската војска.

https://p.dw.com/p/54zpM
Млади Палестинци носат ковчег на кој е легнат и темно син елек на кој пишува „Прес“ за време на погребот на убиен новинар во Појасот Газа
Бројни погреби: 29 новинари биле убиени во текот на војната во Појасот Газа во 2025Фотографија: Habboub Ramez/ABACA/picture alliance

Според податоците на Репортери без граници (РБГ), годинава 67 новинари се убиени во текот на својата работа - речиси половина од нив „под оган од израелските вооружени сили“ во Појасот Газа. Бројот на убиени новинари „повторно се зголеми поради криминалните практики на редовните вооружени сили или други вооружени групи и организираниот криминал“, констатираше денеска оваа невладина организација која се бори за слобода на медиумите.

Според податоците,  војската на Израел е одговорна за 43 проценти од убиените новинари годинава. Израелските сили се затоа „најлошиот непријател на новинарите“, објасни РБГ. „Новинарите не умираат, тие се убиваат“.

Двајца мажи со темно сини елечиња на кои пишува Прес гледааат кон разурната зграда во Појасот Газа
Животот на новинарите во Појасот Газа беше особено изложен на ризик во последните дванаесет месециФотографија: Abdallah F.s. Alattar/Anadolu/picture alliance

Втора најопасна земја за новинарите во 2025 година е Мексико, каде што криминалните организации убија девет новинари.

За извештајот, организацијата ги провери случаите на смрт на новинари во периодот од 1 декември 2024 година до 1 декември 2025 година. Педесет и три од 67-те убиени биле жртви на војни или на криминални мрежи. Покрај Газа и Мексико, новинарите и натаму се особено изложени на ризик во Украина, како и во разорениот од граѓанска војна Судан и во Сирија, каде што, дури и по падот на диктаторот Башар ал-Асад, многу исчезнати медиумски работници не се појавија повторно.

Според РБГ, во моментов има 503 новинари во затвор во 47 земји поради нивната работа, најмногу во Кина (121) и во Русија (48). 135 новинари се водат како исчезнати, а 20 во моментов се држат како заложници, главно во Сирија и во Јемен.

Бројот на убиени новинари се намали на 49 во 2023 година, што е една од најниските бројки во последните 20 години. Меѓутоа, почетокот на војната во Газа, предизвикан од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, доведе до значително зголемување во 2024 година. Минатата година, 66 новинари беа убиени во светот.